Достапни линкови

Хан - Собраниска комисија за аферата „Прислушување“


Хан - Собраниска комисија за „Прислушувањето“
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:36 0:00

Хан - Собраниска комисија за „Прислушувањето“

Аферата „Прислушување“ треба да ја разрешат надлежните институции, но ако е неопходно исто така треба да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот, вели еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Комесаре Хан, каков е ставот на Европската комисија за последните политички случувања во земјава поврзани со полициската акција Пуч?

Ние ги повикуваме сите страни да го решат овој проблем. Оние кои ги имаат материјалите треба целосно да ги откријат и сите се добро советувани да ја остават работата на процедурата согласно владеење на правото. И да се справат со тоа на адекватен начин, како што се очекува од земја со европска перспектива.

Како го коментирате случајот со презентирањето на доказите за прислушување кои ги објави опозицискиот СДСМ?

Ова е нешто многу сериозно и уште еднаш мојата препорака е дека работите треба да бидат разјаснети и истражени од оние луѓе кои правно се задолжени за таква процедура. Но, доколку е неопходно исто така треба да има, како што е вообичаено во многу земји, според политичката пракса, да има комитет во Парламентот кој ќе се справи со ова прашање, но тоа зависи од присуството на сите политички партии во Парламентот. Ова е уште една добра причина и затоа има многу смисла сите политички партии да се во Парламентот и политичкиот дијалог да се одвива во Парламентот.

Гледате ли какви било шанси за враќање на политичкиот дијалог во земјава?

Мислам дека ова е неопходно и е дел од зрелоста на демократијата да се има дијалог и отворени канали за разговор. Секако, никој не бара од сите да се согласат за сè, но во добро развиена демократија мора да има култура на пронаоѓање компромиси. Ова е сигурно нешто кога некој може да каже оти во земјата сè уште има недостаток од оваа способност да се најде и да се постигне согласност и политички компромиси.

Дали гледате волја кај политичките партии за постигнување компромис?

Мислам дека има разбирање оти на крајот на денот мора да има политичко решение, бидејќи се работи и за репутацијата на земјата. Јас одлучив да ја посетам земјата уште пред неколку недели со цел да воспоставам прв контакт со клучните играчи во земјата за да истражам каде сме во процесот на движење кон ЕУ. Тогаш оваа актуелна криза почна и некои луѓе ме советуваа да не доаѓам, но одлучив да ве посетам особено во оваа ситуација со цел јас да дадам придонес и придонес на ЕУ за да демонстрирам и да дадам поддршка дека ние сме тука. Да поддржам политичко решение, бидејќи ова е дел од демократскиот развој. Секако има различни мислења и сериозни обвинувања кои мора да бидат менаџирани во согласност со стандардите на владеење на правото. Но, воедно е неопходно да има политичка дискусија и дебата.

Зошто ве советуваа да не доаѓате?

Тие веруваат оти ситуацијата е многу нејасна и можеби не е најдобро да се дојде во овој момент. Но, јас го мислам спротивното и затоа решив да дојдам и да ја искористам можноста да разговарам со сите главни политички лидери, а воедно и да се конфронтирам со нив за перцепцијата на ситуацијата во ЕУ. Јас разбирам дека мнозинство од луѓето во земјата сè уште имаат силен интерес за земјата да стане членка на европското семејство и мојата работа е да направам сè и да им помогнам на земјите во нивниот интерес да остварат напредок кон ЕУ, затоа ако има некакви проблеми кои може да бидат пречка, јас сум тука да помогнам во решавање на тој проблем.

Спомнавте помош и од ЕП за решавање на кризата. Каков одговор добивте?

Сите потврдија оти ќе биде корисно да има еден вид на надворешна поддршка со цел да се постигне договор кој е прифатлив за сите политички партии. Тоа е уште една вежба на демократската зрелост.

Сметате дека покрај ваквите случувања и неприфаќањето на условите на владејачките партии за опозицијата да се врати во Парламентот тоа е возможно, бидејќи претходно преговорите пропаднаа?

Тоа се случува повремено, но ние имаме обврска и должност да почнуваме одново и одново се додека не најдеме решение. Ова е дел од демократијата и не е секогаш лесно и не е само вежба. Понекогаш е потребно време, понекогаш патот е трнлив. Но, конечно тоа е најдобриот концепт за заедничко живеење и да се вклучат луѓето во заедничко сопствеништво на перспективата на вашата земја и затоа ние и јас сум тука да направам уште еден обид, кој се надевам ќе биде успешен.

Групата на социјалисти и демократи при Европскиот парламент, соопштија дека се загрижени поради политичкото влијание врз судските процеси и селективната правда, а побараа независна и транспарентна истрага за обвинувањата. Дали ја делите нивната загриженост за случајот Пуч?

Потполно сум свесен за оваа загриженост, бидејќи и ние сме ја изразиле во извештаите за напредок, која не била оспорена од Владата. Така што тоа е нешто што мора да биде прифатено од сите политичари, кои се на власт за да се подобри ситуацијата и да се постигне стандард кој е споредлив со другите земји од ЕУ.

Во дел од јавноста има мислење дека поради застојот во евроинтеграциите се случува политичката криза, која ѝ одговара на власта?

Секако, како што сите знаеме има некои билатерални прашања, но според нашето видување треба да се направи напредок без да бидете премногу погодени од билатералните конфликти. Мислам дека не треба да трошиме време. Треба да гледаме што може да се направи во меѓувреме за вашата земја да се движи постепено кон ЕУ. Ние асистираме и обезбедуваме многу пари за периодот од 2014 до 2020 година. Околу 660 милиони евра кои треба да се искористат за градење на капацитетите на администрацијата, но исто така за инвестиции во образованието, развој на економијата, исто така справување со прашања поврзани со животната средина и справување со отпадот. Има многу области каде ние треба да видиме неопходен напредок со цел да се адаптирате постепено со европските стандарди, затоа јас порано зборував за процес кога станува збор за европската интеграција, а помалку за преговорите. Преговорите се дел од процесот, но процесот значи дека нам ни треба одржлива имплементација од одредени стандарди.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во анализата за случувањата во Македонија вели дека откако премиерот пред неколку години сфати дека европскиот пат на неговата земја е блокиран на долг рок, ја промени патеката и почна да се приближува кон Русија. Нивниот заклучок е дека од аспект на европските вредности Македонија е загубена. Кој е вашиот заклучок?

Видете, јас се сретнав со премиерот, а имав можност и претходно неколку пати да се видам со него. Тој е човек посветен, особено на економскиот развој, и е одблиску запознаен со сè што се случува во економијата и со активностите на бизнис секторот и да се привлечат и странски инвестиции во земјата. Доколку ги погледнете бројките, околу 65 до 70 проценти од целиот увоз и извоз доаѓаат или одат за 28-те земји членки на ЕУ. Земјите членки на ЕУ се далеку најзастапени во странските инвестиции. Јасно е дека ориентацијата мора да биде насочена кон ЕУ за понатамошно унапредување на овие бројки во смисла на големината на прилагодувањето со европските стандарди. Јас не гледам, а исто е мислењето и кај Владата и општеството, дека има алтернатива за европскиот начин.

Се зголемува ли опасноста за Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговори?

Ова е нешто за што треба да разговараме и да донесеме одлука на есен. Засега не сакам да коментирам. Се надевам дека на есен кога ќе седнеме заедно и додека ја согледуваме ситуацијата, моменталниот проблем ќе биде решен неколку месеци наназад.

Дали за Македонија е остварлив моделот паралелни преговори за спорот со името и почеток на преговори за членство со Унијата?

Мислам дека мора и треба да има некој начин. Како што веќе кажав, не треба повеќе да губиме време, бидејќи се работи за процесот, а не само преговорите да се усогласат со аки комуните (европското законодавство). Кога треба да започне и да се имплементира одреден процес, потребно е време и затоа треба да се истражат можностите покрај некои билатерални конфликти и се надевам дека може да го искористиме времето на еден претпазлив и паметен манир и тогаш може да видиме кои решенија може да ни ги понуди иднината.

Останува ли името клучен предуслов за нашите евроатлански интеграции или шансите за напредок кон ЕУ ги намалуваат низа други области на кои се укажува како на критични?

Спорот со името е нешто што има билатерални импликации. Јас мислам дека поважен и порелевантен е развојот за земјата, општеството, економијата, се работи за борбата против корупцијата, транспарентноста и независноста на судството, сè што е поврзано со владеењето на правото и перформансите на економијата. Јас мислам дека сè заедно треба да се гледа како еден пакет. Мислам дека ова е најважното, бидејќи тоа е предизвик кој треба да се постигне, кој одзема многу време. Мора да бидеме амбициозни, но од друга страна и доволно трпеливи за да ги постигнеме овие цели.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG