Достапни линкови

Груевски: Хан не даде предлог, разменувавме мислења


Еврокомесарот Јоханес Хан за време на денешната посета на Скопје рече дека е во Македонија за да даде поддршка. Премиерот Груевски рече дека не станало збор за предлог од Хан за надминување на кризата, туку дека биле разменети мислења.

Се надевам дека на крај ќе постигнеме значаен напредок за европската перспектива на земјата, изјави кусо еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување Јоханес Хан по работниот ручек со премиерот Никола Груевски во резиденцијата на Европската унија во Скопје.

Тука сме да ја поддржиме земјата. Понекогаш е подобро да се имаат интерни разговори со цел да се постигне напредок.
Јоханес Хан, еврокомесар за добрососедска политика и преговори за проширување.

​„Тука сме да ја поддржиме земјата. Понекогаш е подобро да се имаат интерни разговори со цел да се постигне напредок“, изјави Хан кој не даде детали за разговорите.

Груевски, пак, рече дека го информирал европскиот политичар за сите случувања во Македонија додавајќи дека не станало збор за предлог од Хан за надминување на кризата, туку дека биле разменети мислења.

„Поразговаравме и за актуелната политичка ситуација, кажавме она што е вистина, односно она што се случува, тоа е тоа“, изјави Груевски.

Поразговаравме и за актуелната политичка ситуација, кажавме она што е вистина, односно она што се случува, тоа е тоа.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Хан во кратката еднодневна посета се сретна со речиси сите политички чинители во земјава.

На средбата со претседателот Ѓорге Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, тој рекол дека може да помогнат за излегување од кризата и дека опозицијата треба да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања. Тој се сретна и со претседателот на СДСМ Зоран Заев но од партијата не соопштија ништо поврзано со враќањето во парламентот туку наведоа дека разговарале за актуелната политичка ситуација и загрозените демократски процеси. Од СДСМ додаваат и дека Заев најавил оти партијата има законска и морална обврска „Вистината за Македонија“ да ја сподели со граѓаните и тоа ќе го стори.

Хан денеска се сретна и со претседателот на собранието Трајко Вељаноски кој како што соопштија од неговиот кабинет, предложил заедничка средба на македонските политички партии со сестринските европски партии по која можеби ќе почнело полека да се работи на враќање на довербата меѓу нив, што било основа за натамошниот дијалог и надминување на несогласувањата. На неговата работна агенда беа и средбите со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими и лидерите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи.

Пред неговото пристигнување во Скопје Хан вчера од Брисел најави дека доаѓа во земјава со план за надминување на состојбите во кој би биле вклучени претставници од Европскиот парламент.

„Затоа јас побарав од претставниците на главните политички партии во Европскиот парламент да направам сличен напор каков што имавме успех во Албанија каде што претставниците на Европскиот парламент, Кукан и Флекештајн успеаа да постигнат договор кој доведе до ситуација опозициската партија да се врати во парламентот и мислам дека тоа е добар пример. Бидејќи го засега парламентот, логично е Европскиот парламент а не комисијата да го направи тоа. Тие се подготвени да го сторат тоа и јас сум среќен и се надевам на успех. Ние се обидуваме да го разрешиме проблемот проактивно, но тоа мора да биде направено од одговорните и тие треба да го почитуваат владеењето на правото”, рече Хан.

Минатата година во Албанија Словакот Едуард Кукан кој доаѓа од редот на европската десница и Германецот Кнут Флекештајн од европските социјалдемократи посредуваа за разрешување на кризата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG