Шеесетината страници што македонската влада ги доби во октомври од европските дипломати со наслов „Извештај за напредокот на Република Македонија во 2014 година“, се чини не предизвикаа сериозна загриженост во владејачките кругови.
Јас на овој годишен извештај гледам како на уште еден пакет на работи што ќе ја обликуват нашата работна агенда во наредната година.Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.
Премиерот Никола Груевски, по добивањето на документот во кој Европската унија, чиј член земјава сака да стане, ги оценува состојбите во државава, нагласи дека шестата последователна препорака за почнување на преговорите била потврда дека Македонија е подготвена да ги отпочне пристапните преговори за членство. Тогаш зборуваше и за идните чекори, но не конкретно. Рече дека ги согледале исериозно ќе се посветеле на областите кои требало да бидат подобрени.
Со сличен вокабулар настапи и неговиот заменик во владата задолжен токму за евроинтеграциите. Првиот човек на Секретаријатот за европски прашања Фатмир Бесими истакнуваше дека е важно дека има препорака, нагласувајќи дека на извештајот гледал како на уште еден пакет што ќе ја обликувал нивната работна агенда во наредната година.
Она што Македонија треба да го направи е пресврт во односот на владата воопшто кон другите политички субјекти и кон институциите на државата, што значи она што се бара е силна политичка волја за промена.Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европски политики.
„Јас на овој годишен извештај гледам како на уште еден пакет на работи што ќе ја обликуват нашата работна агенда во наредната година“, изјава Бесими.
Наредната година за која зборуваше Бесими, пак, веќе дојде, а во извештајот за кој детално и прецизно не дебатираа македонските власти, туку генерално посочија дека ќе работат на проблемите и дека сепак грчката блокада поради нерешениот спор за името е клучна, има доста забелешки во врска со исполнувањето на политичките и економските критериуми.
Да се направи акционен план и тие недостатоци да може да се надминат, затоа што тие не се надминуваат само вербално и само со внатрешни политички дебати, туку со конкретни мерки и конкретни активности.Алберт Муслиу, политички аналитичар.
Како и пред минатата година и минатата, Европската комисија меѓу другото наведе дека треба да се решат забелешките со слободата на изразувањето и медиумите, независноста на судството и квалитетот на правдата.
Првично е да почнат институциите да функционираат онака како што треба и за тоа, ако внимателно го читаме извештајот, власта треба да ѝ создаде услови на опозицијата да го има своето место во општеството.Андреја Стојковски, Македонски центар за европско образование.
„Она што се издвои и на последниот декемвриски совет на ЕУ се токму констатациите дека постои политизација на државните институции, нешто што како констатација не постои за ниту една друга држава во регионот, притоа посебно се издвоени проблемите со независноста на судството, независноста на медиумите, потоа со недоволно доверба меѓу етничките заедници, недостатокот на политички дијалог, односно отсуството на опозицијата од Парламентот и сосема на крај добрососедските односи, односно добро познатиот спор за името со Грција. За промени во клучните демократски стандарди веќе никој не може да биде задоволен, ниту во државата, ниту надвор од неа со некакви формални промени на закони“, вели Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики.
Политичката волја клучна за напредок
Постои индиректна државна контрола врз медиумската продукција преку владини реклами и фаворизирани медиуми од Владата (и кон кои е наклонета).Извештај на ЕК за напредокот на Македонија.
Но, ако за напредокот на Македонија веќе од суштинско значење не е промената на законодавството и усогласувањето со европските норми, тогаш се поставува прашањето што може да направи владата за некаков брз напредок? Речиси сите аналитичари нагласуваат дека во врска со критиките што стигнуваат од бриселската администрација најнеопходна е политичка волја.
„Она што Македонија треба да го направи е пресврт во односот на владата воопшто кон другите политички субјекти и кон институциите на државата, што значи она што се бара е силна политичка волја за промена“, вели Ристевска Јорданова.
Ако мислиме дека состојбата со медиумите може да ја промениме за брзо време, се лажеме. Медиумите се во таква лоша состојба, посебно во делот на своето професионално работење, кое секако е поврзано со финансиското, нема едноставен лек, ниту, пак, има брзо решавање.Жанета Трајкоска, Висока школа за новинарство и односи со јавноста.
Владата прво треба да престане да го користи спорот за името со Грција и да го истакнува како единствена причина поради која земјава не ги започнува преговорите за зачленување во Европската унија, смета аналитичарот Алберт Муслиу.
„Треба сериозно евроатланските интеграции да ги стави во примарен план во нивната стратешка политика за 2015 и натаму, за да ги надмине тие ситуации коишто се таму. За тоа треба јака политичка волја, треба да има општо прифатен консензус, како во владата, така и меѓу владата и опозицијата, да се направи акционен план и тие недостатоци да може да се надминат, затоа што тие не се надминуваат само вербално и само со внатрешни политички дебати, туку со конкретни мерки и конкретни активности“, вели Муслиу.
Јас прво би прашала што е тоа толку комплицирано да не се врши притисок врз судството. Ако е за нив комплицирано да се обезбеди независно и непристрасно судство, тоа е друга работа и тоа покажува нешто друго, а не покажува дека е толку сложено да не може да се оствари.Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во судот во Стразбур.
Доколку се оди по конкретни области, една од клучните забелешки во последниот извештај за напредокот на земјава е политизација на администрацијата и немањето на одвоеност меѓу државата и партијата.
Европската комисија во документот всушност ги цитираше забелешките на ОБСЕ/ОДИХР дека не постои јасна разлика помеѓу државата и владејачките партии, а се посочува и дека треба да се преземат активности за оваа слабост. Довербата во државните институции постепено се губи, а расте загриженоста за селективната правда, напоменуваат европските дипломати.
Да се направи комисија од страна на владата и да се увидат сите недоследности на постојните закони, особено во делот на економските закони, економија и финансии, затоа што законите во последните години толку често се менувани што веќе бизнис заедницата не знае кој е пречистениот текст на одреден закон.Биљал Касами, економист.
Според Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование, има повеќе области што се наведуваат како проблематични и контроверзни, но како најважна ја одвојува забелешката за нефункционирањето на институциите кои, како што вели, не си ја вршат работата. Како пример го истакнува Собранието кое не е форум за дебата меѓу власта и опозицијата за интересите на државата.
„Првично е да почнат институциите да функционираат онака како што треба и за тоа, ако внимателно го читаме извештајот, власта треба да ѝ создаде услови на опозицијата да го има своето место во општеството“, вели Стојковски.
Нема брз лек за лошата медиумска слика
И додека земјава веќе неколку години паѓа во рангирањата на светските организации кои ја мерат слободата на изразување и новинарството, од минатата година овој проблем се истакнува и од европските дипломати, а е наведен и во извештајот.
Во врска со медиумите лани комисијата забележа и дека постоела сериозна загриженост за контрола на владата врз јавните институции и медиумите.
„Постои индиректна државна контрола врз медиумската продукција преку владини реклами и фаворизирани медиуми од Владата (и кон кои е наклонета). Јавниот радиодифузен сервис нецелосно ја одигрува својата улога во обезбедување избалансирана и информативна медиумска содржина, а неговата политичка пристрасност беше забележана од страна на ОБСЕ/ОДИХР во текот на годинашните и минатогодишните избори. Лошите новинарски стандарди и етика придонесуваат кон состојбата“, пишува во извештајот.
Според Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, нема лесен, ниту брз лек за состојбата со македонското новинарство и медиумите. Таа додава дека не треба да се биде оптимист оти може да се направи нешто итно и брзо што реално би ја подобрило ситуацијата со новинарството.
„Во прв момент би можело да престанат владините реклами кон сите медиуми и да се поразговара и да се најде систем како оние реклами, кампањи коишто се од јавен интерес да дојдат до гледачите, не да бидеме преплавени со реклами по која било основа, но тоа е на некој начин и клиентелизација, односно поткупување на медиумите. Втората работа со којашто на некој начин можеме да ја подобриме медиумската состојба е да се отворат вистинските прашања за состојбите во македонскиот јавен радиодифузен сервис и на крај останува оној трет дел којшто е задача на новинарите и на другите медиумски професионалци во однос на саморегулацијата и на етиката“, вели Трајкоска, која исто како и за другите области наведува дека и за ова е неопходна политичка волја.
„Со вакво политизирано општество каде што политиката и партијата и примарна, ако нема политичка волја којашто ќе биде искрена и јавна, навистина ништо друго нема да се измени. Ако мислиме дека состојбата со медиумите може да ја промениме за брзо време, се лажеме. Медиумите се во таква лоша состојба, посебно во делот на своето професионално работење, кое секако е поврзано со финансиското, нема едноставен лек, ниту, пак, има брзо решавање“, вели Трајкоска.
Како по правило, пак, во речиси секој извештај на комисијата се забележуваат недостатоци во правосудниот систем. Во документот лани е наведено дека „еден од главните предизвици е зголемената загриженост изразена во однос на селективноста и влијанието врз спроведувањето на законот и судството. Основното начело на владеењето на правото, дека правдата не само што мора да се постигне, туку исто така, мора да се види дека е постигната, не е целосно разбрано или почитувано од страна на властите во однос на активностите за спроведување на законот насочени кон конкретни лица или сектори. И понатаму се покренуваат прашања, внатре и надвор од земјата, за можното политичко влијание врз одредени судски постапки“, пишува во извештајот.
На неговата презентација лани првиот човек задолжен за евроинтеграции, Бесими, на прашањето зошто судството се провлекува како проблематично секоја година, рече дека тоа било така поради тоа што се работело за комплексни области кои барале многу работа.
„Јас прво би прашала што е тоа толку комплицирано да не се врши притисок врз судството. Ако е за нив комплицирано да се обезбеди независно и непристрасно судство, тоа е друга работа и тоа покажува нешто друго, а не покажува дека е толку сложено да не може да се оствари. Значи има многу едноставен принцип, изборот на судии да биде согласно стандардите на професионалност, квалитет, непристрасно работење и да се оценува таквата работа и од повисоките судови и од органите коишто ја оценуваат работата на судиите“, вели поранешната судијка во судот во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска.
Таа додава дека е клучно да се остават судиите, обвинителите и адвокатите да си вршат работата.
Законите да се спроведуваат и да важат за сите
Инаку, покрај судството, често критики има и за исполнувањето на економските критериуми, иако за тоа, пак, се чини дека најмалку се дискутира во јавноста. Во извештајот се наведува дека структурната ригидност и понатаму ги попречува правилното функционирање на пазарот на труд, а фискалната дисциплина и транспарентноста страдаат од тоа што се управувани од краткорочни ад-хок проблеми.
„Приватниот сектор е попречен од потешкотии при спроведувањето на договори, чести законски измени без соодветна консултација на заинтересираните страни и нерамномерно спроведување на регулаторните барања. Спрoведувањето на реформи за подобрување на деловната средина и понатаму се одвива споро. Состојбата на пазарот на труд малку се подобри но невработеноста упорно останува на високо ниво особено меѓу младите. Постојаното зголемување на нивоата на владиниот и јавниот долг предизвикува загриженост за неговата долгорочна одржливост“, пишува меѓу другото во извештајот.
Според економскиот аналитичар Биљал Касами, прво што владата треба да направи е законите кои се донесени, а се однесуваат на економската сфера, да се спроведат и да бидат исти за сите. Тој смета дека треба да се прекине и праксата постојано да се носат нови закони, а треба да се направи и сериозна анализа на постоечките.
„Да се направи комисија од страна на владата и да се увидат сите недоследности на постојните закони, особено во делот на економските закони, економија и финансии, затоа што законите во последните години толку често се менувани што веќе бизнис заедницата не знае кој е пречистениот текст на одреден закон. Од друга страна, исто во делот на подзаконските акти, многу работи коишто можат да се регулираат со подзаконски акти, владата ги регулира со закон, што мислам дека не е исправно. Во делот на бизнис климата во Македонија, владата треба да се оддалечи од бизнисот, затоа што години наназад многу има навлезено во бизнисот и во работите на приватниот сектор, така што мислам дека повеќе треба да се ориентираме кон пазарна економија каде треба да се остави бизнисот сам да се снаоѓа, а таму каде што треба владата да интервенира“, вели Касами.
Стојковски, пак, посочува дека треба да се престане со давањето на огромни поволности на странските инвеститори и со дискриминацијата на домашните, оти, како што вели, во догледно време тоа скапо ќе го платиме.
„Да се престане со неразумното трошење за „разубавување“ на градот Скопје, затоа што сите тие објекти нè чинат многу пари, а ќе не чинат уште повеќе пари кога ќе дојде нивното одржување, и да бидеме малку поразумни или попаметни во програмирањето или искористувањето на средствата коишто Европската унија ни ги дава на располагање“,вели Стојковски.
Аналитичарите предупредуваат и дека генерално, за сите посочени области годинава е клучна да се направи пресврт оти во поинаков случај место очекуваниот датум можно е дури и да се одземе препораката за преговори.
„Може, може да се очекува реално доколку нема промени на овој однос, доколку нема промени во функционирањето на основните државни институции“, вели Ристовска Јорданова.