Достапни линкови

Апел до битолчани да не горат гуми и пластики


Апелите следуваат откако во изминатите денови загадувањето со ситна прашина достигна ниво 20 пати над дозволеното.

Битолчани да не ги загреваат просториите со прегреано отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, предупредува Општина Битола. Апелите следуваат откако во изминатите денови загадувањето со ситна прашина достигна ниво 20 пати над дозволеното. Едни од главните загадувачи се ложиштата во градот, каде нема колективно парно, па повеќето од граѓаните се греат на дрва, а некои барајќи поевтини начини користат разни отпадоци. Битолчани реагираат дека има несовесни граѓани кои горат пластики, гуми создавајќи неподнослива смрдеа низ улиците и во централното градско подрачје.

Не знам на што точно се топлат моите соседи, но знам дека ние не можеме да отвориме прозорец, да сушиме алишта на балконите, а да не зборувам за здравствениот аспект за воздухот кој секојдневно го дишеме.
Анкетиран граѓанин.

„Живеам во строгиот центар на Битола. Во моето соседство има куќа во која живеат повеќе семејства. Секојдневно од нивниот оџак излегува густ црн чад, а исто така се шири неподнослива миризба на пластики. Не знам на што точно се топлат моите соседи, но знам дека ние не можеме да отвориме прозорец, да сушиме алишта на балконите, а да не зборувам за здравствениот аспект за воздухот кој секојдневно го дишеме.“

„Во продавница газдите се затоплуваат со горење на гуми и цела улица мириса“, велат битолчани.

Од Општината признаваат дека постојат вакви случаи за загревање на домови и други објекти. Доколку загадувањето продолжи најавуваат дека ќе преземат засилени инспекциски контроли.

Покрај индустриските објекти кои треба да се контролираат како работат, покрај градежните фирми, едноставно начинот на греење многу придонесува во овој период за зголемување на присуството на ПМ10 честичките.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

„Сигурен сум дека и човечкиот фактор е многу значаен. Покрај индустриските објекти кои треба да се контролираат како работат, покрај градежните фирми, едноставно начинот на греење многу придонесува во овој период за зголемување на присуството на ПМ10 честичките“, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Пред седум години поради долгови и стечај на Топлификација, над 700 семејства во Битола останаа без парно греење. Дел од домаќинствата се преориентираа кон греење на дрва, јаглен или струја. Екологистите од здружението „За нас се работи“ сметаат дека со забрзана реализација на проектот за топлификација на градот со топлинска енергија од РЕК ќе се реши дел од проблемот.

„Ние имаме свои стравувања, мисли за тоа кој би можел да биде главниот загадувач во зимските денови. Доколку се покаже дека огревното дрво и индивидуалните ложишта се главните загадувачи на територијата на општината, а не е чудно да се покаже тоа, тогаш ние имаме некакви мерки за да се забрза процесот на топлификација на Битола кој повеќе години се ветува“, вели Иван Јерчиќ.

Со топлификацијата битолчани во иднина ќе добијат дури за 30 проценти поевтино греење.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG