Достапни линкови

Изаири - Социјалата пред екологијата


Изаири - Социјалата пред екологијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:25 0:00

Предлогот што ние го дадовме беше дополнет од владата која има одговорност да ги разгледа и економските и социјални аспекти, така што критиките дека во владата немаат разбирање околу животната средина, односно загадувањето на воздухот, е погрешна перцепција. Сите во владата се грижат за тоа, но некогаш во владата преовладува мислењето да се разгледаат економските и социјални аспекти, вели министерот за животна средина Нурхан Изаири во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Господине, Изаири на што се должи големата загаденост на воздухот во Скопје?

Големата загаденост на воздухот во Скопје се должи на многу фактори. Знаете врз загаденоста на воздухот влијаат и индустриските капацитети, влијае и сообраќајот, старите возила, влијаат исто така и домаќинствата, така што има една голема лепеза на влијанија и чинители што го загадуваат воздухот?

Колку фирми досега ги воведоа бараните еколошки стандарди?

Од сите баратели, многу фирми кои бараа А интегрирана дозвола, останаа уште неколку фирми на ниво на државата кои дополнително се усогласуваат со нашето Министерство и со законската регулатива.

Имате точна бројка колку фирми се останати?

Од околу 140 фирми кои бараа А интегрирана дозвола, околу 100 се усогласени, простанатите се во фаза на усогласување со тој оперативен план.

Зошто за разлика од некои компании кои ги затворија капацитетите до воведување на еколошките стандарди, на други, како на Југохром, му се дозволи продолжување на рокот на две години?

Значи од први овој месец државата покажа и воведе еколошки ред, некои еколошки стандарди кои ги започнавме се докажаа со резултати, односно затворање на Макстил, кој дополнително за 3-4 месеци ќе се усогласи со тој оперативен план, па после ќе почне со работа, откако ќе ги вгради потребните филтри. Додека со Југохром, владата одлучи 50 проценти од производствениот капацитет или поточно кажано околу 70 проценти од емисиите на загадување да ги затвори и да му даде една шанса дополнително да се усогласи со тој оперативен план којшто беше доставен од нивна страна, од страна на претставниците на Југохром. Друга причина беше и социјалниот аспект, економскиот аспект за да тие луѓе имаат уште една шанса, уште шест месеци, ако компанијата покаже сериозност во имплементацијата на тие услови, ќе продолжи со работа, инаку ако не покаже интерес, после шест месеци, таа условна дозвола што им е дадена нема да важи, значи ќе се затвори.

Не е првпат да се најави затворање на фирмите, тоа го најавивте и вие претходно кога изјавивте дека сите компании кои нема да воведат еколошки филтри до 30 октомври ќе бидат затворени, но тоа не се случи. Како може да биде изговор економскиот и социјалниот фактор, кога Светската банка неодамна процени дека загадениот воздух во земјава годишно убива по 1.350 луѓе и ја чини економијата по 253 милиони евра?

Се согласувам со констатација дека загадениот воздух е тој за кој ние цело време во нашето министерство зборуваме, исто така се согласувам со тоа дека компаниите треба да постапат по закон, да се усогласат, но исто така кажуваме дека им е дадено уште шест месеци на таа компанија, но со многу намален капацитет на производство, за да можат следните шест месеци да ги вградат тие филтри, значи за да знаеме поточно дека Законот за животна средина донесен во 2004 година предвидува дека овие капацитети кои се од индустријата можат да се усогласат со оперативните планови до 2017 година, така што владата им ја даде можноста во склоп на таа законска регулатива, што не значи дека ако не се усогласат, како што кажав и претходно, после шест месеци ќе бидат затворени. Ќе повторам пак, ние првпат почнавме да воведуваме некаков еколошки ред. Поминаа неколку години, десетина година во кои немаше таква активност. Се согласувам, требаше до крај, меѓутоа ете ја разгледа владата и таа можност - економската, помисли на тие 1.200 вработени да бидат задржани на работа.

Но, има ли рок здравјето на граѓаните?

Граѓаните имаат право, тоа е основното право на живот. Со стратегијата за амбиентален воздух, ние тука даваме и други можности дека луѓето се загадувани не само од тие индустриски капацитети, туку постојано секој ден се загадува со возилата, вие знаете какви возила се движат низ државата без евро стандарди. Ние сакаме и во таа насока да воведеме некој ред за да тие луѓе што возат вoзила без евро стандарди, тоа се евро стандардите 1 или 2, им препорачуваме и законски ќе се трудиме тоа да го решиме да се вградат катализатори кои ќе можат да допринесат за намалување на загадувањето на воздухот. Се трудиме на сите можни начини да ги заштитиме граѓаните и да го заштитиме воздухот што го дишеме.

Ги споменавте возилата, но токму владата е таа којашто во 2010 година дозволи увоз на возила постари од 10 години, со што се зголеми бројот на автомобили а со тоа и загаденоста. Колку владата со ваквите одлуки покажува дека не се грижи толку за чистиот воздух на граѓаните и колку вие лично се чувствувате изигран од ваквите одлуки, бидејќи самиот кажавте дека вие сакавте целата работа да оди докрај, но владата одлучи поинаку?

Во 2010 година владата донесе одлука и таа одлука тогаш е донесена за да се поправи возниот ред во државата, така што тие возила што се увезени од тогаш имаат некој еуростандард, но во државата сè уште има возила коишто немаат никаков еуростандард. Тие еуровозила нема веќе да се увезуваат, меѓутоа владата исто така размислува како тие возила да се поправат, како тие возила да продолжат да учествуваат во сообраќајот, меѓутоа да се усогласат, да не може да се вози без да се вгради инструмент кој ќе спречи разни емисии во воздухот. Такви има и во зависност од колите, во зависност од превозните средства, тие ќе треба да се вградат за да може и сопствениците да ги користат и ние да добиеме помалку загаден воздух.

Се чувствувате ли одговорен или изигран од страна на владата?

Владата е колективен орган и донесува колективни одлуки. Предлогот што ние го дадовме беше дополнет од владата која има одговорност да ги разгледа и економските и социјални аспекти, така што критиките дека во владата немаат разбирање околу животната средина, односно загадувањето на воздухот, е погрешна перцепција. Сите во владата се грижат за тоа, но некогаш во владата преовладува мислењето да се разгледаат економските и социјални аспекти, така што не се чувствувам изиграно.

Граѓаните во Тетово и во Битола излегоа на протести. Што дополнително Министерството ќе преземе како мерка за намалување на загадувањето на воздухот во иднина?

Со локалните самоуправи и со градоначалниците ќе изработиме стратегија, односно секој град, во соработка со Министерството, ќе изготви стратегија за амбиенталниот воздух каде што ќе се предложат краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за излез од оваа ситуација, така што ние тука ќе преземеме одговорност, заедно со локалните самоуправи, да може да ја изработиме таа стратегија, за после таа да биде во надлежност на локалните власти за имплементација и со таа стратегија многу ќе се придонесе за намалување на загаденоста на воздухот.

Ја спроведувате акцијата „Македонија без отпад“. Колку таквите акции се доволни за справување со отпадот и кои мерки се преземаат во тој правец?

Ние ја спроведуваме акцијата, оваа година е трета година по ред и резултатите се многу позитивни, но не се доволни за тука да застанеме, што значи дека оваа година гледаме дека во тоа беа вклучени околу 70 општини и невладини организации, училишта, ученици и гледаме дека секој ден сè повеќе и повеќе луѓето се освестуваат за својата средина. Ме прашавте дали сте задоволни со тоа. Велам не, со направените чекори да, но треба уште да се направи, сите за своите места, за својата околина, сите треба да се освестиме.

Што се случува со депониите, бидејќи Дрисла треба да ја модернизира компанија без искуство, а од друга страна пропаѓаат преговорите за регионалната депонија во југоисточна Македонија со можниот концесионер? Дали управувањето со отпад во земјава е жртва на некакви локални игри и интереси?

Не би го кажал тоа локални игри и интереси, зашто не се спроведени до крај југоисточниот и полошкиот регион, и двата не се дадоа под концесија. Тие се сериозно зафатени со оваа проблематика и сериозно работат, заедно со другите шест региони кои сериозно работат на изнаоѓање начин, форма, модалитети за решавање на овие значајни проблеми за граѓаните.

Во меѓувреме се уништува шумата во Водно, а се сечат и дрвја низ градот. Колку со тоа ѝ се нанесува штета на животната средина на сметка на изградба на објекти и проширување улици?

Тоа е проблем, сечење на шума, сечење на зеленило низ град е проблем, но некогаш мора да се усогласат урбанистичките планови за да може да имаме пошироки улици за да се усогласат со новите урбанистички планови, но тоа не значи дека според тие планови нема да се насади уште зеленило, дрвја итн. Не се согласувам и ги осудувам сечењата на дрвја за кои требаат години за да дојдат до таа состојба, меѓутоа некогаш си принуден за да може да се усогласиш со планот, така што во таа насока веќе има акции за нови садења, така што дополнително следните години ќе израснат и ќе имаме повеќе зелени површини.

Колку се искористуваат ИПА фондовите за подобрување на животната средина?

Ние сме во фаза на изготвување на планови и тие релативно добро се искористуваат. Се надеваме дека во иднина ќе се користат во уште поголем процент, а се користат за инфраструктура, односно за канализациони системи, изградба на пречистителни станици итн. Ние сме во фаза на изготвување планови за што подобро да ги искористиме тие средства за доброто на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG