Во ред. Ќе ја прифатам поканата да бидам вашиот денешен херој; но само ако вие самите зачекорите во контурите на утрешниот. И со радост ќе послужам денес како ваша инспирација; но утре вие морате да постанете надежта на останатите.
Нам, оние кои не успеавме да се задоволиме со студените остатоци од соништата, секојдневно ни велат оти оваа битка била изгубена уште пред да започне, и нашите крици се само излишен декор на младешката еуфоричност. „Законот ќе помине, деца, џабе ви е.“
Само, ве преколнувам, не кажувајте ми дека мене, обичен граѓанин како и секој од вас, ми ја предавате сета одговорност за нашата иднина. Не, не кажувајте ми дека сè уште чекате магија, сила надвор од самите вас која ќе ви ги извојува битките.
*
Нам, оние кои не успеавме да се задоволиме со студените остатоци од соништата, секојдневно ни велат оти оваа битка била изгубена уште пред да започне, и нашите крици се само излишен декор на младешката еуфоричност. „Законот ќе помине, деца, џабе ви е.“
Ваквиот дефетизам, гордо означен како реалистичност, би сакал да делува погубно за секоја личност која во себе носи неуништив порив за претање, растресување на вообичаеноста со која го прифаќаме животот како сила на која не може да се влијае. Та, дали вие истовремено се молите за чудо кое ќе ви ги истргне оковите од рацете, а потоа истото уште недоискажано го замолкнувате?
Оти, да проговориме без лажна скромност: ние, протестирачите, сме едно малечко чудо на оваа почва чија умствена плодност систематски се уништува. Светот е голем, и има многу почва за обработка; но ние можеме да си дозволиме искрено да се порадуваме на ваквите малечки чуда, дури и кога не ја потресуваат веднаш големата слика на зацементираниот поредок. Затоа што секој кој посветил доволна количина на труд во цели кои го надминуваат него самиот, знае дека секој чекор е важен, сè додека не сме престанале да се движиме.
Ние конечно се пронајдовме, студенти, професори, родители, средношколци, граѓани од сите положби, вери и невери, и потоа, соочени со релативно новооткриеното копно на самоуправувањето, влеговме во зимска саморефлексија: што ако не успееме? Дали нашата борба воопшто има смисла?
О да, светот е голем, и допрва треба да се задрмаат закоравените еднонасочни столбови на моќта; но зар ви е малку ова, што во едно вакво време-невреме, искреноста и разумот размрдаа и обединија повеќе луѓе отколку што вообичаено можат да се купат со пари, манипулации и закани?
Во оваа необична ситуација на малечки чуда, во оваа земја во која синхронизацијата на многуилјадните студентски гласови беше настан достоен за прогласување за национален празник, во рамките на ова граѓанство ненавикнато на загарантирана непослушност, дали мислите дека за проценувањето на нашиот успех е најважно дали после неколку протести сме го добиле токму она што сме го барале?
Добивањето конкретни резултати на актуелните барања е од неоспорна значајност; но дали ние се пробудивме само за да залечиме една повреда на својот студентитет, за потоа со олеснување да се вратиме во хибернација?
Зарем некој од нас навистина мислеше дека после децении на самоволие, без оглед на партиската боја (зашто, погодете што – нашиот револт не е одреден од бојата која е моментално на власт!), нашите барања ќе бидат задоволени само затоа што знаеме дека имаме право на одлучување? Навиките тешко се деформираат и уништуваат, а одговорноста да се исцртаат границите на моќта на управувачите е наша, само наша, и таа никогаш не секнува.
Ние конечно се пронајдовме, студенти, професори, родители, средношколци, граѓани од сите положби, вери и невери, и потоа, соочени со релативно новооткриеното копно на самоуправувањето, влеговме во зимска саморефлексија: што ако не успееме? Дали нашата борба воопшто има смисла?
А всушност, вистинското прашање е - зарем е најважно дали ние, кои сме сега и овде, ќе го доживееме замислениот убав свет заткаен од повеќегенерациски заложби?
Или е многу поважно да го дадеме својот придонес, ние, кои сме сега и овде, и да не престанеме да претаме, да не престанеме да го раскинуваме мевот на безизлезот кој не проголтал?
На дефетизмот завиен во горда реалистичност ни преостанува само да одговориме со непоколеблива насмевка и објаснување дека слоганот „Студенти – независни и силни“, под кој веќе три пати застанавме како еден здив и една душа, нè обврза да го одржиме ова макотрпно развиено ниво на свесност за нашите права и нашата сила кое нема да испари под тежината на една борба, една цел, еден изблик; не само што ќе ја дотераме оваа работа до крај, туку уште пострашно, ќе брцнеме голи раце во сите кои ќе следат, сè додека не ги одвикнеме моќните од самоволието на кое, за жал, самите сме ги навикнале.
И тоа не за да собереме партиски поени или за да си ги разгалиме напатените ега, туку вчудоневидувачки едноставно: за да си ја подобриме живеачката.
Всушност, ние сме толку многу реални, што нема да се задоволиме со ништо помалку од невозможното.
*
Знам, дојде период на празници. Студ, хедонизам и умор.
Но, кажете ми, зар не го чувствувате ледот како пука под вашите стапала?