Зошто апсолутниот конформизам е лош за нас? Затоа што ги треби сите никулци на личната автономија.
Зошто зависностите се лоши за нас? Затоа што не ни даваат барем да глумиме слобода на раат.
Аргументи од типот „тој ме натера, бев во ќорсокак“, екстремно објективно разгледани, ја губат сета важност. Луѓето не можат да бидат натерани на ништо, т.е., на крајот работата сепак се сведува на нивното прифаќање или неприфаќање да бидат натерани на нешто.
Не знам дали сме доволно свесни за малиот милион условености во животот на кои апсолутно можеме да влијаеме. Вообичаено, кога умот ќе ни се придвижи опасно блиску до таа зона, го сечеме со менување на каналот.
Во последно време често се инспирирам од оние џабе-пари емисии и тарот гатачки на телевизиските канали, ем како некој вид на антрополошко истражување, ем од чувствување забранет ќеф од набљудување незамислива глупост. Баш тие два вида на евтина забава ми се особено интригантни (со турските и индиските серии можам да живеам, а и покрај тоа што е популарна за хејтање, Баба Рада всушност има добра идеја).
Претпоставувам дека според филозофијата на нивните осмислувачи, луѓето имаат избор. Никој не ги тера на ништо. Тие нешта постојат затоа што има публика која ги бира. А зошто некој би спречил некој друг да им го даде на луѓето она што им треба? И патем, кој им е крив на вторите ако се малоумни? Со тоа е јасно пратена пораката дека тие се свесни за постоењето на дел од популацијата кој ужива во глумење малоумност, но нема да преземат нешто во врска со тоа, туку инстантно ќе пристапат кон директна експлоатација. И баш им се може.
Можеби сум пречувствителна, ама таа сеприсутна ароганција со опсег од реклами на радио па сѐ до политички говори, мене ме вади од памет. Знам дека ништо нема да биде променето уште долго време, и се разбира дека ќе преживеам и покрај тој факт.
Како припадник на една посебна варијација на оптимистични реалисти-егзистенцијалисти, насочена сум кон градење на свесноста за своите избори кај консументите. Прва и основна лекција – избор секогаш постои. Втора уште поважна – одговорноста за избраното паѓа врз грбот избирачот. Дури и во ситуација кога некој би ми држел пиштол на слепоочница со наредба да извршам нешто во мои очи неетично, изборот да го послушам или не, е мој. Аргументи од типот „тој ме натера, бев во ќорсокак“, екстремно објективно разгледани, ја губат сета важност. Луѓето не можат да бидат натерани на ништо, т.е., на крајот работата сепак се сведува на нивното прифаќање или неприфаќање да бидат натерани на нешто.
Првото најважното откритие кое веќе постои во нас е во тоа дека имаме избор да размислиме два пати за нешто и тогаш кога целиот свет не успива со приказната дека тоа нешто е сосема нормално. Второто е изборот да кажеме едно дебело „не“ и на нештата пред кои другите молчат.
Со оглед на тоа, вистинскиот проблем не лежи во самото постоење на отпадоците на капиталистичкото општество како што се двата небитни примери од плејадата мршојадни облици на перење мозок, туку во одбивањето да на консументите, им се стави во глава дека имаат избор во животот. Секако, се случува некоја слична реторика да се користи како мудар маркетиншки трик при пропагирањето одреден прашок за перење алишта или кандидат за претседател, сепак, методите на манипулација мораат да држат чекор со времето.
Во реалноста, никој на позиција на каква било моќ не сака таа порака да биде сериозно сфатена. Што на сите ни ја остава одговорноста дупло повеќе да се потрудиме да ја пренесеме.
Не, животот не мора да биде таков каков што е моментално, само затоа што е таков каков што е моментално. Не, тоа што светот е корумпиран не значи дека сме обврзани да го прифатиме како непроменлива реалност. Не, тоа што е лесно да си ги научиш децата да пцујат не значи дека тоа е нормално. Не, тоа што гатачките на тарот карти се достапни на телевизија не ги прави луѓе на кои треба да им се верува и по можност да им се припише куќата. Не, тоа што рекламата за фенси брич ја поврзува мазната брада со рајска екстаза и брдо банкноти не треба да те спречи да сфатиш дека сите човечиња скриени зад магичната кутија во принцип те третираат како глупав. Не, тоа што вестите се преполни со крвави снимки уште од времето кога знаеш за себе, не ја прави војната нормален дел од суштествувањето на човештвото.
Првото најважното откритие кое веќе постои во нас е во тоа дека имаме избор да размислиме два пати за нешто и тогаш кога целиот свет не успива со приказната дека тоа нешто е сосема нормално. Второто е изборот да кажеме едно дебело „не“ и на нештата пред кои другите молчат.
Од друга страна, една од најголемите обврски која пред нас ја става еволуцијата е да престанеме да живееме по автоматизам, и со секој изминат ден да го зголемуваме бројот на автономни избори зад кои ќе знаеме зошто сме застанале. А дури после неа ќе може да дојде одлуката да, меѓу другото, се грижиме и за добросостојбата на нешта кои се поголеми од самите нас. Во принцип, која била вредност џабе стои закачена во нечиј вредносен систем доколку тој некој не знае како таа дошла таму, а најверојатно самиот не се согласил на тоа.
Изборот е таму дури и кога не е таму.
Потем, за чудо, многу други нешта доаѓаат сами по себе.