Никогаш нема да гласам или да поддржам проекти кои се поврзани со криминалниот проект Скопје 2014-та, рече непосредно пред денешната седница, претседавачот со Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, без да прецизира дали ќе гласа за деталните урбанистички планови.
Никогаш нема да гласам или да поддржам проекти кои се поврзани со криминалниот проект Скопје 2014-та.Мирослав Шиповиќ, претседавач со Советот на Општина Центар.
Тој во изјавата нагласи дека по сè што се изнаслушал деновиве сака да потенцира дека никогаш повеќе нема да дозволи судбината на неговото семејство и неговата лична судбина да бидат тема да политичко профитирање ниту на, како што рече, мојот СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ.
Шиповиќ нагласи дека не подлегнува на притисоци на ниту една страна и дека ставањето на деталните урбанистички планови на дневен ред било според законите и деловничките обврски.
Тоа значи дека на дневен ред ќе се најдат трите спорни Детални урбанистички планови за Тасино Чешмиче 1, Мал Ринг и Капиштец – Водно.
Во пресрет на седницата градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски рече дека планот кој го предлага ВМРО – ДПМНЕ , предвидува изградба на десеткатен хотел на Водно, иако пред пет години кога било предвидено само еден кат, Институт за земјотресно инженерство оценил дека го нема потребниот фактор на стабилност. Тој оцени дека главен интерес за промените во деталниот урбанистички план Тасино Чешмиче е хотелот Панорама, односно маркицата за изградба на десеткатниот хотел.
Несогласувањата меѓу претседателот на советот и градоначалникот избија во јавноста неделава, откако Шиповиќ рече дека бил изморен од се и дека размислувал како ќе гласа за трите детални урбанистички планови.
На итна прес конференција Жерновски излезе со сомневање дека ВМРО-ДПМНЕ веќе обезбедило мнозинство штом ги предложиле на дневен ред урбанистичките планови без да го посочи директно името на својот претходен близок соработник. Но тоа беше доволно сомнежот да се насочи кон Шиповиќ. Од тогаш почна и лавината препукувања меѓу опозионерите околу тоа кој и како го предал Центар. Инаку претседателот на советот на општината кој беше во притвор осум месеци поради случајот со Машинопромет, а на 17 минатиот месец беше пуштен да се брани од слобода всушност го обезбедуваше мнозинството во корист на опозицијата. Имено, тие досега имаа само еден глас повеќе кој беше одземен со неговото апсење.