Достапни линкови

Привилегии, наместо казна за Амадеус груп


Шпански скали во Скопје, план.
Шпански скали во Скопје, план.

Амадеус груп и покрај тоа што доцнела со исполнување на обврските за добивање на градежна дозвола за земјиште кое го купила во 2011 година, неодамна стана сопственик на уште две парцели во општина Центар.

Албанската фирма Амадеус груп во изминативе три години стана сопственик на три парцели во општина Центар на атрактивни локации. Но, за две од парцелите сè уште не обезбедила градежни дозволи, а едната ѝ беше одземена. На две од нив е предвидено да се изградат хотели, а на едната комерцијално деловен објект, односно таканаречените Шпански скали. Амадеус груп успеа да ги купи земјиштата благодарение на политиката на Министерството за транспорт и врски за продажба на државно земјиште за едно евро по метар квадратен со цел да се привлечат инвестиции и да се зголеми економскиот раст на општините.
По извршениот увид од страна на Катастарот сме известени дека е направен превид во документацијата која за ова земјиште е доставена до Министерството за транспорт и врски.
Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Амадеус груп според нејзината веб страна се занимава со дистрибуција, инсталација и одржување на електрични системи, а седиштето ѝ се наоѓа на периферијата на Тирана. Но фирмата има искуство и во градежниот бизнис, односно задолжена е за изградба на хотел во близина на главниот град на Албанија, кој според идејното решение прикажано на веб страната ќе биде во барок стил.

Она што е проблематично е дека Амадеус груп уште по купувањето на првото земјиште не го запазила рокот за изготвувањето на градежната дозвола, како што ни потврдија од секторот за односи со јавност во Општина Центар. Во меѓувреме, Министерството за транспорт и врски кое воопшто не ги испочитувало сопствените услови за продажба на земјиштето, не само што не го раскинало договорот, туку на фирмата ѝ дозволи да купи уште две парцели.
Сега станува јасно зошто никако не можеме во Општина Центар да го преземеме уредувањето со градежното земјиште. Барам Владата да го поништи целиот овој процес.
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

Во ноември во 2011 година Амадеус груп преку истоимената фирма во Скопје купи земјиште од левата страна на кејот на реката Вардар под американската амбасада на кое е предвидена изградба на хотел во барок стил. На јавното надавање парцелата беше продадена за 81 евра по метар квадратен или за околу 331 илјада евра за 4.090 метри квадратни. Според информациите од Министерството за транспорт и врски договорот бил потпишан на 5 јануари 2012 година. Но, Амадеус груп, како што нè информираа од Општина Центар, за прв пат побарала дозвола за градба во јуни минатата година и тогаш ја немале поднесено целокупната документација.
Скалите се надвор од градежната линија и инвеститорот треба да знае дека не може да добие дозвола од Општината Центар. Тоа значи дека скалите се надвор од маркицата.
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар.

„Од тие причини подоносителот го повлекол барањето и откако ја комплетирал целокупната документација овие денови го обнови барањето и постапката за добивање на градежна дозвола е пуштена во процедура“, велат од секторот за односи со јавност во Општина Центар.

Во огласот на Министерството за транспорт и врски објавен во октомври 2011 година е наведено дека најповолниот понудувач по потпишувањето на договорот во рок од девет месеци треба да извади градежна дозвола за земјиштето, во спротивно договорот еднострано ќе се раскине и 20 проценти од вкупната сума од отуѓувањето нема да му се вратат на купувачот. Истите услови ги налага и Законот за градежно земјиште.

Според информациите кои ги добивме, очигледно Амадеус груп доцнела година ипол со поднесувањето на документите за градежна дозвола, односно не си ги исполнила обврските. Ги прашавме во министерството што се случува доколку одредена компанија не го испочитува рокот даден под овие услови во огласот. Од таму ни одговорија дека во тој случај договорот би требало да се раскине и дека досега имале такви примери со други фирми. Но, кога наведовме за кое земјиште станува збор ни рекоа да испратиме е-мајл за конкретно да го проверат договорот со фирмата.

Одговор добивме дека бил потпишан анекс договор на 18 јуни во 2013 и дека купувачот до овој момент ги исполнува сите стасани обврски кои произлегуваат од истиот во договорните предвидени рокови. Но, од министерството наведуваат и дека за неисполнување на обврските на време, отуѓувачот – Република Македонија согласно предметниот анекс договор на купувачот му наплаќа договорна казна од 306.000 денари за секој изминат месец доцнење.

Она што е нејасно и на што не добивме одговор од министерството е кое било оправдувањето на Амадеус груп и врз која основа бил потпишан анекс договорот? Дали фирмата била воопшто казнета за доцнењето или тоа е предвидено во новиот анекс договор доколку во иднина не добие градежна дозвола да биде казнета? Го побаравме и договорот и анекс договорот, но министерството сè уште не ни ги достави.

Се обидовме во контакт да стапиме и со Амадеус груп, но телефонските броеви на фирмата во Скопје не постојат. Не успеавме да ги добиеме ни на бројот на седиштето на фирмата во Албанија. Според податоците на Централниот регистар, фирмата на Амадеус груп во Македонија била основана во јануари 2007 година и нејзина примарна дејност се електроинсталатерски работи. Капиталот е странски, а основачкиот влог изнесувал 5.000 евра. Како сопственик и управител е наведен Бесим Елшани со адреса на живеалиште во Тирана, до кој не успеавме да дојдеме.

Во законот за градежно земјиште е наведено дека на договорот за отуѓување на градежно земјиште може да се вршат измени и дополнувања со склучување на анекс на договор, но само ако се настанати промени на предметот на договорот како последица на измена на урбанистички план или урбанистичка планска документација, како и поради отстранување на нови настанати околности (промена на број на катастарска парцела или промена на катастарска општина на земјиштето) и заради отстранување на грешки во податоците за описот на земјиштето кое е отуѓено.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при крајот на септември 2012 година на прес конференција за активностите со управувањето на државното градежно земјиште ги коментираше и договорите со купувачите. Јанкиески изјави дека министерството има интегриран електронски систем кој ја следи реализацијата на сите склучени договори за отуѓување на градежно државно земјиште и преку него практично е невозможно да се превиди каков било рок даден во некој договор.

„Тоа е со цел доследно спроведување на склучените договори, а ако се констатира прекршување на некоја од одредбите, Министерството за транспорт по добивање мислење од Државното правобранителство поведува соодветни постапки за раскинување на договорите“, рече Јанакиески.

Прашањето кое се наметнува е ако министерството толку добро ја следи реализацијата на сите склучени договори, тогаш зошто до потпишувањето на анекс договорот поминале неколку месеци откако Амадеус груп веќе требало да има добиено градежна дозвола? Зошто на фирмата, како во други некои случаи и покрај прекршувањето на одредбите и било дозволено да го задржи земјиштето?

Но Министерството за транспорт и врски не само што не ја казнило Амадеус груп, бидјеќи не ја започнала изградбата на хотелот според планираното и не ја остварила целта за продажба на земјиштето, туку во меѓувреме фирмата стана сопственик на уште две парцели. Но и за нив прашање е дали ќе добие градежна дозвола во предвидениот рок, бидејќи овој пат на плановите на Министерството за транспорт и врски се спротистави градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Во октомври минатата година фирмата ќерка на Амадеус груп понуди најмногу пари за земјишетото на плоштадот Македонија на кое е предвидена изградба на Шпанските скали. Земјиштето го купи нејзината фирма ќерка Амадеус Девелопмент за 1.500 евра за квадрат или за 1.046 метри квадратни плати речиси 1,6 милиони евра. Според Општина Центар, фирмата за ова земјиште сè уште не побарала дозвола за градба. Она што е спорно е што иако Жерновски месеци наназад се спротиставуваше на градбата и продажбата на земјиштето, министерството и покрај тоа си го истера своето. Жерновски порача дека ќе преземе сè што е во негова надлежност да ја спречи релизацијата на Шпанските скали.

„Скалите се надвор од градежната линија и инвеститорот треба да знае дека не може да добие дозвола од Општината Центар. Тоа значи дека скалите се надвор од маркицата“, изјави тој.

Но, проблемот не е толку градбата, туку тоа што Општина Центар за разлика од другите не може во своја надлежност да го врати градежното неизградено земјиште. Според Жерновски, затоа не е случајно апсењето на претседавачот на Советот на општината Мирослав Шиповиќ за да не може општината да ја спречува продажбата на земјиштето на нејзина територија.

Последната најава за инвестиција на фирмата ќерка на Амадеус груп предизвика најголема внимание во јавноста, што резултираше и со поништување на јавното надавање. Амадеус Стоун го купи земјиштето меѓу Железничката станица и Народна банка во Скопје на кое е предвиден хотел во барок стил. Фирмата за плацот од 2.855 метри квадратни плати 3.296 евра, односно 71 денари за квадрат. Жерновски за продажбата на земјиштето за толку ниска цена изјави дека таков апашлук досега не бил виден на нашите простори.

„Во центарот на градот, на оваа атрактивна парцела, квадрат за Владата чини едно евро. Само за споредба, спроти оваа локација се наоѓа ’Веро центарот‘. Земјиштето за него беше продадено за 510 евра за квадрат, а почетната цена на јавното наддавање беше 200 евра. Сега станува јасно зошто никако не можеме во Општина Центар да го преземеме уредувањето со градежното земјиште. Барам Владата да го поништи целиот овој процес“, рече Жерновски.

Советникот од редовите на СДСМ, Јован Тагасовски посочи дека на два пати советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласале за Општина Центар да го преземе управувањето со своето градежно земјиште.

„Срамно е, во еден изминат мандат имавме едни исти ситуации кога за едно евро се продаваше метар квадратен. Граѓаните ако сакаат да дооформат градежно земјиште треба да платат по 700 евра за квадрат, а земјиштето се продава за само едно евро. Каде е логиката. Урбаната мафија тоа што го зацртала мора да го оствари“, изјави Тагасовски.

Жерновски уште еднаш порача дека ќе ги искористат сите опции кои им се на располагање и ќе ги стопираат сите градби кои законски можат на територијата на општината. Министерството реагираше дека Жерновски го троши времето за да смислува медиумски сензации со обид да го привлече вниманието на јавноста, наместо да се занимава со активности и проекти кои треба да го подобрат живеењето на жителите на Општина Центар.

„Се прашуваме за каква афера зборува градоначалникот Жерновски кога целокупната постапка за отуѓување на оваа локација е по електронски пат и е во согласност со законските прописи, а истата е реализирана на транспарентен начин, при што секој може да има увид во извршеното јавно наддавање“, се вели во реакцијата на Министерството за транспорт и врски.

Но, министерството по само неколку дена од продажбата на земјиштето, која, како што наведоа била по законски пат, реши да го поништи надавањето. Причината за таквата одлука е бидејќи во меѓувреме, три лица се пријавиле дека поседуваат дел од земјиштето. Јанакиески изјави дека пропустот не бил кај нив, туку во Катастарот и дека ќе се преземат мерки против одговорните лица.

„По извршениот увид од страна на Катастарот сме известени дека е направен превид во документацијата која за ова земјиште е доставена до Министерството за транспорт и врски“, рече Јанакиески.

Тој најави и дека уплатените пари ќе ѝ бидат вратени на Амадеус стоун и бидејќи сè уште не склучиле договор со фирмата нема основ за тужба.

Дали поради неисполнување на договорените обврски или поради несогласувањата на Жерновски со Министерството за транспорт и врски, земјиштата на Амадеус груп сè уште се празни. Во меѓувреме фирмата наместо да остане без парцелата за која не ги запазила условите пропишани за продажба, ја загуби другата по грешка на министерството. Прашање е дали и инвестициите кои требаше да ги оправдаат ниските цени за нивната продажба ќе се реализираат и дали објектите во догледно време ќе се изградат.

„Сторијата е реализирана со финансиска поддршка од ЦИН СКУП Македонија рамките на проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG