Достапни линкови

МВР засега без сознанија за бомбата пред СДСМ


Засега нема ни осомничени, ни очевидци на настанот, како што информираше портпаролот на МВР, Иво Котевски, кој вели дека МВР работи на случајот. Повеќето партии со осуда за експлозијата пред СДСМ.

МВР сè уште нема никакви сознанија за експлозијата пред штабот на СДСМ во општина Карпош. Засега нема ни осомничени, ни очевидци на настанот, како што информираше портпаролот на МВР, Иво Котевски кој вели дека работат на случајот. Од СДСМ велат дека не сакаат да шпекулираат кој и зошто го предизвикал инцидентот, додека се одржувал состанок на подмладокот на партијата. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вели дека партијата е згрозена од настанот.
Тоа е кукавички, можеби и терористички чин, не би сакале сега да шпекулираме со тие работи. Ги повикуваме државните органи што е можно поскоро да излезат со првични резултати од спроведената истрага.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Тоа е кукавички, можеби и терористички чин, не би сакале сега да шпекулираме со тие работи. Загрижува тоа што се случува во центарот на Скопје, значи Карпош е центарот на Скопје, многу пати е прогласувана за најурбаната населба во Македонија и ако во центарот на Скопје се случуваат вакви работи, тогаш повеќе од очигледно е дека работата оди во несакана насока. Од тие причини ги повикуваме државните органи што е можно поскоро да излезат со првични резултати од спроведената истрага“, вели Шилегов.
Тоа е неприфатливо, кој било да користи такви средства или таков начин на свртување на вниманието или заплашување е крајно опасно и може да предизвика несакани последици.
Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го осудија активирањето на експлозивна направа пред штаб на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува институциите на системот во најбрз можен рок да го расветлат случајот на активирањето на експлозивната направа и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, стои во соопштението.

Од партијата апелираат до сите политички субјекти да се воздржат од политичка злоупотреба на овој настан, да овозможат институциите да ги откријат сторителите, за да се утврди вистинската позадина и цел на овој настан.

Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој е дел до владејачката коалиција, го осуди настанот.

„Тоа е неприфатливо, кој било да користи такви средства или таков начин на свртување на вниманието или заплашување е крајно опасно и може да предизвика несакани последици“, вели Трајанов.

Претседателот на НСДП, Тито Петковски, вели дека стана нормално пред избори да се случуваат такви инциденти, бидејќи политичките партии не се натпреваруваат со програми и не се соочуваат на дебати.

„Ако нема комуникација ќе има вакви инциденти и претпоставувам дека нема ниедна причина тоа СДСМ сам да си го прави за да го сврти вниманието, тоа би било крајно нелогично за партија која заговара сосема други методи и средства на политичка борба, за разлика од ВМРО, тоа се методи својствени ним“, вели Петковски.

Според Петковски, како се наближуваат изборите, а социјалните проблеми се зголемуваат, така сè повеќе владејачката партија ќе користи методи на заплашување.

„Затоа што согледаа дека тоа е политички профитабилно средство, така впрочем и владеат. Цело време владеат со закани, со страв, со лустрација, со казнувања, затворања и тие не можат да употребуваат поинакви средства и методи. Независно што немам навистина објективни информации на што се должи тоа, но повеќе сум од сигурен дека таквите методи и средства не се својствени на СДСМ, туку на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Петковски.

Повредени при експлозијата нема, но беа оштетени пет возила.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG