Достапни линкови

Радиодифузерите им се навртеа на интернет порталите


Илустрација.
Илустрација.

СРД препорачува во Изборниот законик да се вметне дел за контрола врз печатените и интернет медиумите во време на предизборните кампањи. Повикувајќи се на неофицијална анализа, СРД обвини дека отпорот за регулирање на порталите доаѓа од неконтролираното „илегално“ финансирање од групацијата „Сорос“.

Советот за радиодифузија смета дека е потребно да се обрне сериозно внимание на интернет порталите и печатените медиуми за време на изборната кампања, особено на нивната улога и финансирањето. Претседателот на СРД Зоран Трајчевски смета дека е потребна контрола врз интернет порталите, затоа што, како што вели, никој нема законска надлежност да ги контролира содржините кои се објавуваат, а во тие медиуми влегуваат милионски суми под сомнителни околности.
Јас мислам дека отпорот е поради тоа што ќе биде загрозено неконтролираното, можам да кажам во наводници, илегално финансирање на одреден број на портали во Република Македонија од добро познати извори.
Зоран Трајчевски, претседател на СРД.

„Јас мислам дека отпорот е поради тоа што ќе биде загрозено неконтролираното, можам да кажам во наводници, илегално финансирање на одреден број на портали во Република Македонија од добро познати извори. Значи, овие податоци што ги кажувам, милионски суми, може да ги проверите и на интернет и тие доаѓаат најчесто од една групација, а тоа е групацијата „Сорос“, изјави Трајчевски на конференцијата на тема „Добри практики и предизвици во финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи“, што во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата и ОБСЕ се одржа во Скопје.

Трајчевски додава дека СРД направила една анализа за разликата на финансиските средства на порталите и на електронските медиуми.
Направивме, значи неофицијално, анализа, истражување на тоа со какви финансиски средства располагаат интернет порталите, не само за време на изборната кампања, туку воопшто, и бројките до коишто дојдовме се запрепастувачки. Станува збор за милионски суми изразени во евра и во долари.
Зоран Трајчевски, претседател на СРД.

„Направивме, значи неофицијално, анализа, истражување на тоа со какви финансиски средства располагаат интернет порталите, не само за време на изборната кампања, туку воопшто, и бројките до коишто дојдовме се запрепастувачки. Станува збор за милионски суми изразени во евра и во долари, така што ако се споредат попустите што им ги даваат телевизиите на политичките партии, се смешни во однос на тоа со какви средства располагаат интернет порталите“, вели Трајчевски.

Една од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР е дека медиумите широко ја покриваа кампањата, но неколку радиодифузери, вклучително и јавниот радиодифузер, не обезбедија балансирано покривање на кампањата, се вели во извештајот на ЕК. Трајчевски смета дека ефектите од политичкото рекламирање на МРТВ се никакви, затоа што јавниот сервис нуди неатрактивни термини за претставување на кандидатите на политичките партии, а времето на преставување кое што го нуди е недоволно, па кандидатите не ја користеле таа можност. СРД во рамките на работната група предложила измени во Изборниот законик во оваа насока, односно да се воведе бесплатно претставување во двата круга, а тоа да биде емитувано во ударните термини.
Сметаме дека не треба да постојат попусти. Тие се движат од 0 до 90 отсто, јас ќе кажам дури и до 100 отсто. На одделни ќе им ја одработат кампањата за џабе, а за другите таа ќе важи под најстрогиот режим во ценовниците.
Мирјана Димовска од Антикорупциска комисија.

Во однос на политичкото рекламирање, Трајчевски истакна дека СРД нема пристап до критериумите на телевизиите за попусти кои ги добиваат партиите.

„Сметаме дека не треба да постојат попусти. Тие се движат од 0 до 90 отсто, јас ќе кажам дури и до 100 отсто. Значи, не е ист попустот што се дава на одделни политички учесници. На одделни ќе им ја одработат кампањата за џабе, а за другите таа ќе важи под најстрогиот режим во ценовниците. Ќе се согласите, и таа дупка мора да се затвори“, вели Мирјана Димовска од Антикорупциската комисија, која исто така посочи дека на интернет порталите никој не им мерел време кога пренесувале во живо од политичките митинзи.

Професорот од оксфордскиот универзитет Џејкоб Роуботом вели дека во Обединетото Кралство не е дозволено платено политичко рекламирање.

„Тука има и опасност дека рекламирањето често се нуди како повластено право на политичките партии со што одредени телевизии даваат попусти. Еден излез од тоа е попустите да бидат третирани како политичка донација и со тоа да бидат предмет на ограничување, со што може да кажете колку смее да се донира. Од друга страна, пак, алтернативно решение може да биде регулирани условите за кој простор за рекламирање се продава. Со тоа мислам на начин на кој ќе се забрани да им се нуди повластеното право на партиите“, вели тој.

Невладината организација Центар за медиуми предлага во Изборниот законик медиумите да бидат изземени од можноста да бидат донатори во политичките кампањи.

„Од локалните избори 2013, од извештаите што се објавени на интернет страната на Државната комисија за спречување на корупцијата, произлегува дека 75 отсто од вредноста на услугите на медиумите останале ненаплатени, односно се побаруваат. Согласно решенијата во Изборниот законик, ние не знаеме дали тие ќе останат како донација или не“, вели Љубица Караманди од Центарот.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG