Достапни линкови

Медиумски мрак за розова слика


Задушувањето на слободата на медиуми не е инцидент, туку систем. Само со медиуми под апсолутна контрола, владата може да ја продава розовата слика за Македонија.

Затворската казна за новинарот Томислав Кежаровски и интервенцијата на специјалците на протестот на новинарите не се изолирани инциденти кои се проблем само за новинарската фела, велат упатените. Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека станува збор за системско делување.
Kога медиумите би биле надвор од оваа контрола, тогаш ќе се открие другата приказна дека владата ги контролира другите институции и затоа сакаат да ги поклопат практично сите инструменти со кои на јавноста сакаат да ѝ пратат една розова слика за Македонија.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Мислам дека пораката за новинарите е кон сите наменета, затоа што новинарите можат реално некои работи да ги пренесат во јавноста и затоа, ако успеат нив да ги замолчат, тогаш практично јавноста нема да има можност да биде информирана за тоа што навистина се случува во Македонија и тогаш кога вие имате неинформирани граѓани, тогаш можноста да манипулирате со луѓето е огромна“, вели Селмани.

Социологот Илија Ацески вели дека со ваквите постапки кон новинарите, власта остава мачен впечаток кај обичниот човек.

„Зборувам од име не обичен човек. Ако тоа го доведете во врска со тоа дека сите ние сега треба да внимаваме што ќе кажеме, што ќе напишеме. Тоа е прашање, проблем кој меѓу другото нè измачува и во една психолошка смисла“, вели Ацески.

Што да речат оние кои работат на универзитетите, оние кои живеат од слободниот пишан збор, прашува Ацески и додава:

„Можеби Кежаровски направил нешто коешто се коси со законот, коешто е спротивно на законот, но останува впечатокот дека во овој случај, како случај што се води, испаѓа дека Кежаровски е најголемиот виновник за сè. Тоа е она што боли, што е просто неразбирливо за овој тип на вакво изразување на слободата на медиуми“, вели Ацески.

Контролата на медиумите на владата ѝ обезбедува сигурна контрола на останатите институции во државата, вели Селмани.


„Затоа е толкава упорноста на владата за контрола на медиумите, затоа што кога медиумите би биле надвор од оваа контрола, тогаш ќе се открие другата приказна дека владата ги контролира другите институции и затоа сакаат да ги поклопат практично сите инструменти со кои на јавноста сакаат да ѝ пратат една розова слика за Македонија, дека Македонија напредува, дека ние сме супер, но другите се лошите коишто нè попречуваат во нашиот развој“, вели Селмани.
XS
SM
MD
LG