Достапни линкови

Талески до новинарите - Не ѝ обрнувајте многу внимание на опозицијата


Отворање на фабриката Кромберг и Шуберт во економската зона Жабени во Битола.
Отворање на фабриката Кромберг и Шуберт во економската зона Жабени во Битола.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, ги искара новинарите дека ѝ отстапуваат премногу време на опозицијата во медиумите за, според него, неосновани критики.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески ги искара новинарите дека во медиумскиот простор премногу време ѝ отстапуваат на опозицијата, а со пренесување на нејзините обвинувања дека земјиштето во индустриската зона Жабени има високи подземни води, им нанесуваат штети и помагаат во создавањето на искривена слика кај инвеститорите.

Ве поканувам објективно да ги следите настаните во општината и да не обрнувате премногу внимание на луѓето кои за личен профит оптоваруваат во јавноста и задржуваат голем временски простор и во печатените и во електронските медиуми.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.
„Ве повикувам сите да погледнете какви се условите, дали земјиштето е во ред или не е во ред. Но, во тој период бидејќи бевме многу напаѓани, наводно дека ова земјиште не било добро за изградба, луѓето овде инвестираа повеќе од она што мораа. Вас, почитувани присутни ве поканувам објективно да ги следите настаните во општината и да не обрнувате премногу внимание на луѓето кои за личен профит оптоваруваат во јавноста и задржуваат голем временски простор и во печатените и во електронските медиуми. На тој начин ни правите штета во создавањето на услови, се создава една погрешна искривена слика за се што е објективно, коректно како услови кон инвеститорите“, им рече Талески на новинарите.
Спротивно на она што го очекувавме и на што водните површини во близина требаше да нè предупредат, земјата има многу висока водна содржина.
Ханс Ото Кромберг, еден од сопствениците на германската компанија „Кромберг и Шуберт“.

Локалната опозиција подолго време обвинуваше дека земјиштето во Жабени има високи подземни води и дека се потребни дополнителни градежни интервенции при градбата на фабриките.

Деновиве за првпат, Ханс Ото Кромберг, еден од сопствениците на германската компанија „Кромберг и Шуберт“ на отворањето на фабриката во Жабени изјави дека се соочиле со проблем со подземните води и добиле државна помош од 1,5 милиони евра за градење насипи.

„Со купувањето на оваа земја сепак се соочивме со еден голем проблем. Спротивно на она што го очекувавме и на што водните површини во близина требаше да нè предупредат, земјата има многу висока водна содржина, толку висока што нашата основа за фабриката требаше да се изгради врз насипи. Оваа дополнителна работа значеше дополнителни трошоци од 1,5 милиони евра. Затоа финансиската помош понудена од страна на Владата и договорена со потпишување на договорот за државна помош на 22 ноември 2012 година беше клучен фактор во нашата одлука да инвестираме“, изјави Кромберг.

Досега во Жабени е изградена една фабрика, ставени се темели на друга, а во најава е изградба на уште две до март.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG