Достапни линкови

Премиера на „Шумарот “ во Кинотека


По двете престижни признанија, АМАНДА на Норвешкиот интернационален филмски фестивал и наградата за најдобар краток филм на 13-от Интернационален филмски фестивал во Берген, семејната драма „Шумарот“ на талентираниот режисер Изер Алиу, во среда на 27 февруари од 18 часот, премиерно ќе и биде прикажан на македонската публика. Проекцијата на ова остварување што се снимаше во селото Радуша во околината на Скопје ќе биде во Кинотека на Македонија.

„Шумарот“ е 25-минутна драма во која акцентот е ставен на односите во едно традиционално семејство. Всушност режисерот Изер Алиу ни ја раскажува приказната за едно момче од албанска националност и неговите дилеми дали слепо да ги следи татковите заповеди или да му се препушти на сопственото чувство за она што е добро, а што лошо.
„Многу е битно како ние се однесуваме со помладите, како ги третираме своите деца и како ги воспитуваме тие да му пријдат на животот. Дефинитивно не треба да бараме премногу одговорност во однос на годините што тие ги имаат.
Бурхам Амити, актер.

Улогите во овој краток филм ги толкуваат 11-годишниот Бесим Муртезани, пет години помладиот Алтин Аџани и актерот Бурхам Амити кој се јавува во улогата на таткото. Тој истакнува дека толкува лик на родител кој со години се обидува да го најде вистинскиот начин како да ги учи и да ги воспита своите синови. Притоа, наместо да се збогува со робувањето кон традицијата тој слепо и останува верен и влегува од грешка во грешка се до моментот кога на семејството
Сцена од филмот „Шумарот“.
Сцена од филмот „Шумарот“.
му прети комплетно распаѓање. Сепак, како што вели Амити, крајот на филмот е оптимистички и таткото соочен со реалноста конечно ги признава сопствените грешки.
Како продуцент од Македонија ќе го аплицирам овој филм и на фестивалите кај нас меѓу кои прв е Скопскиот филмски фестивал, а потоа и Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и се надевам дека барем на еден ќе влезе во конкуренција за да може и публиката во земјава да го види на вистинскиот начин.
Елена Станишева, продуцент.

„Многу е битно како ние се однесуваме со помладите, како ги третираме своите деца и како ги воспитуваме тие да му пријдат на животот. Дефинитивно не треба да бараме премногу одговорност во однос на годините што тие ги имаат.“

Режисерот верува дека „Шумарот“ е неговиот најзначаен проект досега, но знае да каже дека тој е и еден од неколкуте кои најдобро го отсликуваат неговиот авторски ракопис. Инаку, Алиу филмот започнал да го изучува уште во средното училиште, потем во еден период студирал филозофија и реторика и се бавел со музика за да конечно ги започне студиите по режија во Даларна, Шведска. Напоредно ги подучувал младите на филмските вештини, а образованието го комплетирал на престижната Норвешка филмска академија на која бил примен како „герилец-филмаџија“.

Изер е автор на повеќе кратки филмови ( „Star Wars Kid“, „Hinmannen (Devil)”, „The Secret“, „The Ticket“, „Pickpocket“, „What it is“, „Patent“, „Gracan“, „The Night Before“, „Owned“) и веќе го има снимено пилот проектот за својот прв игран филм со наслов „The Flute“.

Инаку, тој вели дека „филмот не е нешто со кое ќе покажеш дека знаеш се, туку дека се познаваш себе си“.

И, кога ова е познато, нималку не чуди што Амити потенцира дека соработката со Алиу била посебна радост за него бидејќи, како што забележува, станува збор не само за талентиран режисер туку и за автор кој знае на вистинскиот начин да им пријде на соработниците.

„Тоа посебно се забележува и во начинот како тој смислил режисерски да го изведе целиот концепт на филмот и начинот на кој разговара и соработува со актерите, особено со децата кои по прв пат се наоѓаат пред една таква задача.“

Инаку, „Шумарот“ кој досега зад себе има две големи признанија, АМАНДА на Норвешкиот интернационален филмски фестивал и наградата за најдобар краток филм на 13-от Интернационален филмски фестивал во Берген, е во продукција на филмската компанија „ВЕДА Филмс“ од Скопје и Норвешката филмска школа од Лилехамер како извршен продуцент.

Елена Станишева истакнува дека дистрибутер на ова остварување што се снимаше во февруари и март минатата година во скопско Радуша е Норвешкиот филмски институт и дека веќе се работи на неговото претставување на Канскиот и на други големи светски филмски фестивали.

„Како продуцент од Македонија ќе го аплицирам овој филм и на фестивалите кај нас меѓу кои прв е Скопскиот филмски фестивал, а потоа и Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и се надевам дека барем на еден ќе влезе во конкуренција за да може и публиката во земјава да го види на вистинскиот начин.“

Од друга страна „Шумарот“ е филм на еден студентите од Норвешката филмска школа од Лилехамер, школа која за првпат во 2012 година ги отвори своите врати за интернационалната соработка и им даде можност на студентите своите завршни проекти да ги работат надвор од територијата на Норвешка.

Овој проект наедно создаде одлична платформа во која младите студенти имаа можност да ги разменат своите филмски знаења и искуства со македонските и албанските филмски работници и глумци, притоа давајќи можност за промоција и афирмација на културната разновидност на локално и интернационално ниво.
Филмот е поддржан од страна на Филмскиот Фонд на Република Македонија, Норвешката филмска школа , Норвешката амбасада во Скопје и општината Лилехамер и затоа тој е подеднакво и норвешки и македонски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG