Достапни линкови

Фотомедиа по 13 пат во Мала станица


Меѓународна изложба на фотографска уметност Фотомедиа 2012.
Меѓународна изложба на фотографска уметност Фотомедиа 2012.

Во сабота, на 8 декември, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија - Мултимедијален центар „Мала станица“, ќе биде отворено 13-то издание на интернационалното биенале на фотографска уметност „Фотомедиа“, кое според Светската фотографска асоцијација се вбројува меѓу петнаесеттината најдоброрангирани во глобални рамки. Организатор на оваа постановка е фото клубот „Елема“ кој годинава прославува 50-години од своето постоење.

192 дела од 121 автор од 30 земји од светот, одбрани од 722 фотографии кои пристигнаа на конкурсот што го распиша фото клубот „Елема“, ќе бидат претставени на тринаесеттото издание на Интернационалното биенале на фотографска уметност - „Фотомедиа“ што ќе биде отворено во сабота на 8 декември во Националната галерија на Македонија – Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје.
Добиваме навистина прекрасни дела, дури и рачно изработени, дела изработени со некои техники кои веќе не постојат кај нас...како што е на пример техниката „циба“...Се уште добиваме и некои принтови направени од слајд диапозитиви, од филм, од зрно...што навистина е реткост денеска.
Дарко Петровски, фотограф и претседател на фото клубот „Елема“, организаторот на Интернационалното биенале.

Станува збор за случување кое според Светската фотографска асоцијација ФИАП, токму поради квалитетот на последните неколку изработени каталози од претставените изложби, се вбројува во петнаесетината најдоброрангирани на глобално ниво и со тоа самата манифестација израсна во еден од врвните културни настани во нашиот регион.

Специфично за „Фотомедиа“ е што во времето на илјадници дигитални изложби кои се организираат во текот на еден месец по светот, оваа манифестација продолжува и натаму со своето споро биенално темпо, но со инсистирање на принт фотографијата како став кој не трпи компромиси и дека само таа единствено може да се толкува како краен авторски израз на уметникот.

„Добиваме навистина прекрасни дела, дури и рачно изработени, дела изработени со некои техники кои веќе не постојат кај нас...како што е на пример техниката „циба“...Се уште добиваме и некои принтови направени од слајд диапозитиви, од филм, од зрно...што навистина е реткост денеска“, истакнува Дарко Петровски, фотограф и претседател на фото клубот „Елема“, организаторот на ова Интернационално биенале.
Она што пријатно ме изненади е тоа што имаше многу позитивен одзив за „Елема монохроматик“ од тамошните електронски и печатени медиуми и посебно од страна на публиката. Таа дојде во прилично голем број на изложбата и извонредно убаво реагираше на она што го виде.
Сашо Алушевски, фотограф.

Тој дополнува дека една од спецификите на изложбата е и тоа што се уште ја негува темата „Колекција на фотографии“ која подразбира серија на фотографии поврзани на типичен начин преку кои може најдобро да се види како размислувал авторот, односно на повидок да излезе неговиот авторски печат.

Годинешен добитник на Гранпри за својата колекција е Кинезот – Хуан Тинг Чен за кого Петровски вели дека претставил еден човек во неколку фази од неговиот живот.

„Нормално употребена е напредна дигитална техника за да го добие концептот на своите фотографии, односно тие се малку обртаботени во фотошоп, меѓутоа кореспондираат со идејата. Таа колекција на фотографии отскокнуваше од останатите колекции и затоа жирито одлучи да му додели Гранпри.“

Покрај Чен, ФИП за нивните колекции ги награди и нашиот Владимир Секуловски и Роџер Пери од Велика Британија, а Фото сојузот на Македонија своите признанија им ги додели на Александар Стојановиќ од Србија, Дејан Гилевски и Белгиецот Рогер де Груф.

Со ова издание на Биеналето, организаторот Фото клуб „Елема“ ја одбележува и 50-годишнината од своето постоење. Токму и поради тоа класичната постановка ќе биде збогатена со проекцијата на најдобрите фотографии од претходните изданија на „Фотомедиа“, како и со претставување на патувачката изложба „Елема монохроматик“ која беше претставник од Македонија во Марибор, европскиот град на културата за 2012 година и со која беше отворен фестивалот „Право Људски“ што неодамна се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина.

„Она што пријатно ме изненади е тоа што имаше многу позитивен одзив за „Елема монохроматик“ од тамошните електронски и печатени медиуми и посебно од страна на публиката. Таа дојде во прилично голем број на изложбата и извонредно убаво реагираше на она што го виде“, ќе забележи Сашо Алушевски, член на фото клубот и заедно со Ивана Пешиќ, Петровски, Владимир Арсовски и Филип Филиповиќ еден од наградените македонски автори за неговата колекција фотографии.

Кон ова само уште информацијата дека за поединечна фотографија од ФИП се наградени Сајан Сархар од Индија, Винчи Ауне од Норвешка и Џудит Пери од Велика Британија, а Фото сојузот на Македонија се определи своите признанија да им ги додели на Лук Тоурви од Белгија, Ромулдас Аугунас од Литванија и Оле Сускиевич од Данска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG