Достапни линкови

Вардан Тозија - Фасциниран сум од маргиналците!


Сцена од филмот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија.
Сцена од филмот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија.

Со две значајни награди за филмот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, сребрен џед на фестивалот во Луксор во Египет и прва награда од жирито на 57-то издание на реномираниот Интернационален филмски фестивал во Ваљадолид – Семинчи во Шпанија, режисерот Вардан Тозија дефинитивно влегува во редот на талентираните млади автори кои што треба да и донесат сноп светли моменти на македонската кинематографија.

Ние живееме на простор каде секое дело се вреднува подеднакво и секое дело е важно само да се искомерцијализира паметно за да биде општо признаено како значајно и како добро – вели Вардан Тозија, режисерот на краткометражниот филм „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, запрашан за тоа како интимно ги доживува двете награди кои неговото дело ги освои на фестивалите во Египет и во Шпанија.
Кога ќе пратиш анонимно филм на фестивал, таму повеќе немаш познанства, немаш притисоци, немаш лобирања и едноставно таму си постои некакво жири кое го оценува тоа дело најобјективно и најнеутрално и затоа ваквиот тип на награди за секој автор многу значат.
Вардан Тозија, режисер.

„Кога ќе пратиш анонимно филм на фестивал, таму повеќе немаш познанства, немаш притисоци, немаш лобирања и едноставно таму си постои некакво жири кое го оценува тоа дело најобјективно и најнеутрално и затоа ваквиот тип на награди за секој автор многу значат.“

Режисерот дополнува дека тој и неговата генерација на творци сакаат да ја задржат борбата на сопственото буниште бидејќи секој филм каде и да е направен излегува надвор и се претставува пред светот. Но, како што забележува, искуството од кратките филмови и добиените награди, всушност треба да ја остварат примарната цел – да се аплицира и да се добијат поволни услови за да се сними долгометражен филм.

Долгометражен игран филм е вистинската работа кон која секој млад режисер се стреми. Тоа е тоа. Тоа е билетот кон успехот, кон поширока афирмација, кон поголема гледаност. Кратките филмови се една преодна фаза која што се разбира е интересна и возбудлива, меѓутоа сите ние режисери имаме една цел – тоа е долгометражен филм.
Вардан Тозија, режисер.
„Долгометражен игран филм е вистинската работа кон која секој млад режисер се стреми. Тоа е тоа. Тоа е билетот кон успехот, кон поширока афирмација, кон поголема гледаност. Кратките филмови се една преодна фаза која што се разбира е интересна и возбудлива, меѓутоа сите ние режисери имаме една цел – тоа е долгометражен филм.“

Вардан Тозија во изминативе скоро две години, преку бројни работилници во странство, го развиваше сценариото кое е веќе заокружено и за кое, како што вели, „би загинал“, а работниот наслов на делото со кое аплицирал во Филмскиот фонд на Македонија е „Безимени“. Станува збор за приказна во која се говори за група маргинализирани, отфрлени, домски момчиња кои свесни за својата положба и стигматизација од општеството тргнуваат во освета.

„Маргиналците едноставно ме фасцинираат. Секогаш е тоа онаа борба на поединецот против колективот. Кај нив најмногу можам да извлечам некакви длабоко човечки хумани карактеристики бидејќи маргиналците никогаш не се опиени од денешниот виор на успех, на пари, на страст што не обзема сите. Мислам дека и понатаму ќе бидат опфатени во моите теми без разлика во кој жанр ќе се наоѓаат.“

Роден 1981 година, Тозија дипломирал филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности и посетувал студии по политички науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај краткометражниот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, автор е и на „Свиркачот“, кој е дел од „Скопје ремикс“, на „Исклучок“(2007), „Дома...?“(2005), „Северен лет“(2004), документарецот „Боби“ и интернационалната копродукција „Чекајќи го Годо“(обата во 2003), на епизоди од серијата „Македонска историја“ и на телевизискиот филм „Право да се биде поинаков“ во кој се говори за егзодусот на Егејците. Како сценарист соработувал на „Панкот не е мртов“, на „Замена“ - делот од омнибусот на ЕУРОИМАЖ за Балканот насловен како „Некои други приказни“(2009) и на 60-минутниот „Лудило“ (2008).

Инаку, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ е реализиран во продукција на „Наше Маало“, а како продуценти се јавуваат Огнен Антов во соработка со Иво Антов. Оваа фелиниевска комедија, распослана низ сивилото на правливите сокаци и напукнатите згради на Скопје, ја раскажува приказната за Петар, локален маргиналец и дежурен губитник, чиј секој нареден ден е полош од претходниот - главно поради неговата инертност, повлеченост и неспособност да се справи со сопствените проблеми. Сè додека, еден ден... мистериозен, безимен, молчелив посетител не се појави од никаде и почне комплетно го менува животот на Петар...

Во главните улоги се појавуваат Игор Ангелов, Зоки Џубокс и Милијана Ленак. Сценариото на филмот е на Вардан Тозија, и е адаптација на истоимената кратка приказна на аргентинскиот писател Фернандо Сорентино. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, музиката ја напиша Александар Пејовски, сценографија е на Срѓан Митровиќ, монтажер е Филип Грчевски, а за дизајнот на звук беше задолжен Игор Поповски. Филмот е финансиски помогнат од Филмскиот Фонд на Република Македонија и премиерно беше прикажан во мај годинава.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG