Достапни линкови

Волерс - Прашање е кога, а не дали ќе се реши спорот за името


Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.
Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.

САД ја поддржуваат евроатланската иднина на Македонија, која ќе влезе во НАТО веднаш штом го реши спорот за името. Компромисот ќе биде болен и тежок, но сигурен сум дека тоа ќе се случи, вели американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.

Ја разбирам фрустрацијата на граѓаните по самитот во Чикаго, но исходот од истиот не е негативен резултат за Македонија, оти проширувањето не беше воопшто на агендата на овој самит, изјави амбасадорот на Соединетите Држави во земјава, Пол Волерс на средбата со новинарите.
Македонија ги исполни клучните услови за влез во НАТО и според нејзините зборови, сакаме решение на овој проблем со името, за Македонија да стане членка на Алијансата што е можно побргу.
Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија.

„Ова не e негативен резултат за Македонија. Македонија и другите земји кои бараат проширување не беа на агендата на овој самит, ниту пак имаше намера да бидат. Значи тоа не е негативна одлука за Македонија. Деведесет проценти од дискусијата беше Авганистан и ситуацијата таму и токму тоа беше главната цел на чикашкиот самит“, изјави Волерс.
Архивска фотографија: Средба со новинари на амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс во Скопје.
Архивска фотографија: Средба со новинари на амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс во Скопје.

Уште еднаш ја повтори позицијата на Соединетите Држави дека ја поддржуваат евроатланската иднина на Македонија и оти на земјава не и треба Самит за да стане членка на овој клуб, туку тоа ќе се случи непосредно по решавањето на билатералниот спор за името со Грција.
Ќе има тешки одлуки. Ако не е така, проблемот ќе беше решен многу години порано. Нема да биде лесно, тоа ќе бара болни и тешки одлуки и компромиси, но сигурен сум дека тоа ќе се случи. Прашање е кога, а не дали ќе се реши.
Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија.

„Пријателите се искрени и не кажуваат лаги, зашто тоа не е добро за каква и да е врска и мислам дека е повеќе од јасен ставот што и државната секретарка Клинтон го повтори неодамна, а тоа е дека САД целосно го поддржува процесот на отворени врати на Алијансата, целосно ги поддржуваме напорите на земјите аспиранти да се зачленат во НАТО, а во случајот со Македонија, Македонија ги исполни клучните услови за влез во НАТО и според нејзините зборови, сакаме решение на овој проблем со името, за Македонија да стане членка на Алијансата што е можно побргу“, изјави Волерс.

Амбасадорот не сакаше да ги коментира емотивните изјави на премиерот Груевски по самитот во Чикаго за двојните стандарди на меѓународната заедница. Тој повтори дека во НАТО важат истите правила за сите земји членки и оние кои сакаат тоа да бидат и дека така било и ќе биде. Уверува дека е силно партнерството меѓу САД и Македонија и дека тоа се покажало преку низата заеднички проекти и американската финансиска помош од милијарда долари во изминатите дваесет години. Не сакаше да прогнозира како ќе се одвива политичката ситуација во Грција и колку тоа ќе го забави нашето евроатланско интегрирање.

„Не размислувам негативно и не сум песимист дека овој е процес никогаш нема да се реши. Мислам и сигурен сум дека ќе се реши. Треба само да се има политичка волја и лидерство од двете страни да се надминат недоразбирањата и да се донесат тешките одлуки, а ќе има тешки одлуки. Ако не е така, проблемот ќе беше решен многу години порано. Нема да биде лесно, тоа ќе бара болни и тешки одлуки и компромиси, но сигурен сум дека тоа ќе се случи. Прашање е кога, а не дали ќе се реши“, рече Волерс.

Во врска со идејата на државниот врв Македонија повторно да ја тужи Грција пред Меѓународниот суд во Хаг поради повторно прекршување на Привремената спогодба во Чикаго, Волерс со став дека нема намера да се меша во одлуките на властите околу тоа што да прават на тој план, но дека е јасно оти хашката пресуда е билатерална и нема правна сила врз НАТО, чии одлуки повтори, се донесуваат со консензус.

Волерс ја потврди загриженоста околу слободата на медиумите, а ја посочи и корупцијата како сериозен проблем во општеството нотиран и во последниот извештај на Стејт департментот. Не гледа причина за вознемиреност кај граѓаните и страв од безбедносна криза во регионот по последните инциденти во земјава, изборите во Србија и во Косово.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG