Достапни линкови

Неделен печат


Зголемувањето на буџетот за наредната година, критички осврти за состојбите во опозицијата и новоформираните совети во СДСМ, дел од темите во неделниците.

Деновиве е актуелен новиот предлог-буџет на државава поголем за околу 150 милиони евра, па неделникот Глобус ја обработува темата преку консултации на мислењата на повеќе економски експерти и новинари што се занимаваат со економски прашања.
Глобус заинтересиран за државниот буџет.
Глобус заинтересиран за државниот буџет.

Неколку поенти можат да се извлечат од експертските мислења: Зоран Јовановски, потпретседател на опозициската СДСМ смета дека состојбата во земјата е мошне сериозна и дека е време ВМРО-ДПМНЕ да почне да одговара на сериозни прашања. За него најопасно од се' е темпото со кое оваа власт се задолжува, особено кон странство. Граѓаните не знаат каде завршија силните стотици милиони еввра и не знаат од што ќе се враќаат позајмените пари, смета Јовановски.

За економскиот новинар Ида Протуѓер, куриозитет во предлог-буџетот е што, на пример, министерството за образование ќе одвои 3 милиони евра за преводи на книги од реномирани автори, а само 370 илјади евра за реконструкција на студентските домови кои се распаѓаат.

Мирче Чекреџи од Сојузот на стопанските комори мисли дека зголемувањето на буџетот, како и секогаш, и овојпат ќе падне на товар на стопанството, а од Стопанската комора се задоволни затоа што буџетот бил во согласност со нивните барања.

Уводникот на Фокус е критика до опозицијата, при што наведува дека власта одамна го загубила компасот, ама и дека и опозицијата ја следи во чекор. Па со иронија пишува дека народот треба да е среќен што има ваква опозиција. Веќе се ситни шестиот месец од изборите, се случија триста глупости кои власта не успеа да ги прокнижи на своето позитивно конто, народот е доведен до плачење, но, вели, опозицијата не мрдна со малиот прст. Таа чекаше да поминат стоте дена од старо-новата влада, за конечно да се насмееме на она што го смислила. После безмалку половина година Бранко е веќе сигурен дека го прислушуваат. Очигледно бил во тешка дилема, па не сакал да избрза со своето епохално откритие, а откако станал 100 посто сигурен дека не го слушаат, мудро заклучил дека барем го прислушуваат, се подбива авторот на колумната. А советите што ги измислија треба да советуваат како најдобро да се случи промената, односно, да се сруши власта. Можеа да ги наречат одбори, или комисии, ама опозицијата се залепи за совети, затоа што советите биле добра направија уште од Советскиот сојуз, се подбива повторно Фокус за новоформираните совети, за се' и сешто, како што пишува авторот, во СДСМ. Ама, слободата не паѓа од небо, таа треба да се избори, а не да се чека власта да се смени, заклучува неделникот. А што да прави обичниот човек кога штом и главните опзиционери не нудат друг излез, освен да се чека промена на власта, прашува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG