Достапни линкови

Интервју - Лилија Бурунчук


Лилија Бурунчук, директор на канцеларијата на Светската Банка во Македонија
Лилија Бурунчук, директор на канцеларијата на Светската Банка во Македонија

Македонија треба да се подготви за да не создава ризици во системот. Можеби ќе биде потребно да се избегнат покачувања на плати и пензии во блиска иднина, вели Бурунчук.

Во извештајот „Дуинг Бизнис“ се наведува дека Македонија е меѓу десетте економии кои постигнаа најголем напредок во создавање на регулаторна средина која е поповолна за бизнис. Судејќи по медиумските извештаи, се добива впечаток дека во извештајот се забележува општ економски напредок во земјава. Дали тоа е случај?

Можеби ќе биде потребно да се избегнат покачувања на плати и пензии во блиска иднина со цел да се создаде фискален простор за реакција во случај на појава на фискални притисоци кои во иднина кризата би можела да ги создаде.
Лилија Бурунчук, Директор на Канцеларијата на Светската Банка во Македонија.
Фундаменталната премиса на „Дуинг Бизнис“ е дека за економската активност се потребни правила, кои се ефикасни и едноставни за имплементација. „Дуинг Бизнис“ разгледува 11 области во кои ваквите правила се важни, почнувајќи со отворање на бизнис, добивање градежни дозволи, вработување кадри, регистрација на имот и така натаму, како и затворање на бизнис. Во сите овие 11 области, Македонија беше доста добра во изминативе 6 години. Значително го подобри своето рангирање и само минатата година земјата се подобри на 4 индикатори, во 4 области кои се мерат во „Дуинг Бизнис“ со што скокна од 36 место, кое веќе беше доста високо, на 22 место кое е доста респектабилно место во рангирањето. Значи Македонија добро напредува во оваа област. Секако, со „Дуинг Бизнис“ не се мерат сите важни фактори кои влијаат на бизнис активностите. На пример не се мерат квалитетот на работната сила или квалитетот на јавната администрација или транспарентноста на процесот на набавки во земјата, но во врска со областите кои се мерат, владата постигна добар напредок. Потребно е време да се видат промените во економијата, но ние веќе забележуваме дека домашните и странските инвестиции се зголемуваат заедно со целокупната економска активност во земјата.

Лилија Бурунчук
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:21 0:00


Секако е полесно да се отпочне бизнис во Македонија, но што потоа? Како ја оценувате подршката за „старт/ап“ бизнисите во земјава, посебно во поглед на финансии?

Дали знаевте дека се потребни 141 денови за да се отвори бизнис во Венецуела? Или дека регистрацијата на ново претпријатие чини 3,5 проценти повеќе од просечниот годишен приход? Македонија ги нема овие проблеми и тоа е голем плус за локалните „старт/апи“. Секако има други важни прашања за старт/ап и бизнисите. „Дуинг Бизнис“ е само еден елемент од целата оваа равенка и секако има и други важни области. На пример нивото на вештини во економијата, образованието, или квалитетот на инфраструктурата, или квалитетот на јавната администрација. Значи сите овие се области каде би можело повеќе да се направи за бизнисите да станат поефикасни и поекфективно да оперираат во економијата. Една работа која ги издвојува добрите реформи во светот е тоа што реформите постојано се одвиваат, од година во година а не само една година. Во поглед на „Дуинг Бизнис“ индикаторите Македонија тоа конзистентно го прави. Оваа година направи голем скок во доделувањето на градежни дозволи. Мислам и се надевам дека ќе продолжи да напредува, сега во однос на финансии за „старт/апи“...

Бизнис ангели, кредити од банки, посебно за „старт-апите“, тоа е тешко да се добие, како што сме информирани...

И ние исто така ги слушаме овие пораки од бизнисите и прашањето за пристап до финансии редовно се споменува во анкетите со бизнисите. Во Македонија се чини дека проблемите се во врска со високите барања за колатерала или во недоволната развиеност на други начини на финансирање како лизинг, осигурување на извозот или вложениот капитал. Повеќе треба да се работи за ова да се развие. Исто така, за малите и средни претпријатија важна е поддршката за развој на бизнисот, за развивање на бизнис план, анализа на пазарите и стандардите за производите. Постои одредена поддршка во овие области но веројатно не е доволна и треба да се направи повеќе за поддршка на малите и средни претпријатија.

Имајќи предвид дека малите и средни претпријатија сочинуваат повеќе од три четвртини од македонската економоија, би се очекувал позначаен економски раст. Сепак, во изминативе неколку години растот се проценува на околу два проценти. Што го кочи растот?

Секако, глобалната економска криза имаше влијание на стапките на раст во Македонија и во светот. Македонија напредуваше подобро во споредба со други земји во регионот кои минуваа низ кризата - во 2009 година аутпутот многу малку се намали. Во 2010 година имаше бавен раст, но постоеше раст. Имаше значаен врв во растот оваа година, кога беа постигнати нивоа над пет проценти што покажува дека постои економска активност која го произведува ваквиот раст, посебно висок извоз. Како и да е, високата стапка на невработеност, проблемите со високиот трговски дефицит, создаваат одредени ризици за кои се потребни дополнителни напори за поддршка на растот во иднина. Успешните економии во светот демонстрираат дека за високите стапки на раст на продолжен временски период потребно е добро образование, многу добри човечки вештини. Потребни се одржливи високи инвестиции во инфраструктура, како и долгорочни, јасни и конзистентни политики кои ги имплементира способна јавна администрација. Сето тоа се гради врз силни макроекономски перформанси.

Дали тоа се забележува во Македонија?

Македонија добро напредува со макроекономските перформанси. Фискалните и монетарните политики се мошне солидни и добри и треба да се надградува врз ваквата основа. Но, потребно е повеќе да се работи на подобрување на образованието. Повеќе треба да се работи на инвестирање во продуктивна инфраструктура. Повеќе треба да се работи на создавањето предвидливи правила за бизнисите на долг рок. Тоа што е важно и тоа што го утврдија креаторите на политики од успешни земји е потребата за справување со товарот и постојаната борба меѓу сегашноста и иднината. Дозволете ми да објаснам на што мислам. Морате денеска да направите одредени жртвувања со цел да се обезбеди подобар квалитет на живот за населението и подобра иднина за земјата. На индивидуално ниво тоа значи, на пример, дека денеска нема да купам автомобил за да ги искористам парите за образованието на моите деца. Истото важи и за владата. Власта да не троши многу пари денеска на плати и пензии за да инвестира во инфраструктура, со што би се создала основа за повисок раст и натамошен развој во иднина. Една работа која сакам да ја споменам е работата на Светската банка со власта во полето на конкурентноста. Моментално вршиме анализа на неколку сектори со цел да утврдиме какви се можностите за зголемување на конкурентноста во овие сектори и за остварување на нивниот потенцијал за финансиски раст во иднина. Светската банка исто така работи кон создавање на разбирање на ситуацијата со невработеноста во земјата како и кои политики био можеле да се имплементираат за да помогнат во создавањето на нови работни места. На крај, во областа на образование, Светската банка прави анализи и обезбедува техничка помош за подобрување на квалитетот на образованието, посебно на високото образование. Сите овие активности би требало да придонесат кон подобрување на конкурентноста во земјата како и да обезбедат повисоки стапки на раст во иднина.

Кога сме веќе на темата на раст, ЕБРД ги корегираше проекциите за раст на Македонската економија. Ако се внимава на реакциите во јавноста, кризата во соседна Грција се издвојува како главна причина за ваквата прогноза. Дали тоа е единствениот фактор кој би можел да предизвика помал раст во Македонија?

Во врска со ризиците, постојат значајни ризици во сегашните неизвесни опкружувања. Секако, настаните во Грција и евро-зоната влијаат на Македонија, бидејќи поголемиот дел од македонскиот извоз се одвива преку еврозоната. Продолжена криза во Грција и во евро-зоната би имала негативен ефект врз Македонија, за жал.

Што може да преземе Македонија за да ги намали ваквите ризици?

Македонија е мала земја и има мал пазар и има ограничени домашни инструменти со кои би можело целосно да се ублажи ефектот од надворешните фактори. Сепак, постојат чекори кои Македонија може да ги преземе со цел да ублажи дел од можните последици. Пред се, потребно е одржување на многу стабилна макроекономска средина. Македонија многу добро напредуваше во последнава деценија. Имаше промислени фискални политики, солидна монетарна политика, добар и солиден финансиски сектор и потребно е во иднина да се продолжи со ваквите политики. Исто така потребно е да се подготви за во иднина и да не создава ризици во системот. На пример, можеби ќе биде потребно да се избегнат покачувања на плати и пензии во блиска иднина со цел да се создаде фискален простор за реакција во случај на појава на фискални притисоци кои во иднина кризата би можела да ги создаде. Потребно е и да се ослободат ресурси за да се создаде средина со намалени трошоци за работа на бизнисите преку инвестиции во инфраструктурата. Потребно е подобрување на средината за водење бизнис, нешто кое владата веќе го прави како што го покажува извештајот „Дуинг Бизнис“. Уште една работа која владата може да ја преземе и треба да ја преземе е да се обиде да ги заштити сиромашните, бидејќи тие се најранливи од шоковите. Може повеќе да го подобри системот за социјална заштита и да осигура дека системот е ефективен и достапен за оние на кои им е најмногу потребен.

Зголемувањето на платите, зголемувањето на пензиите како и покревањето на споменици се активности кои предизвикаа загриженост кај дел од експертската јавност за непродуктивни трошење на позајмени пари. Кои се ризиците од ваквата употреба на пари повлечени со домашно или задолжување во странство?

Било кои ресурси, јавни ресурси, без разлика дали се собрани од даноци или преку домашно или странско задолжување, треба да се искористат на најпродуктивен начин и за најпродуктивни цели. Процесот на подготовка на Буџетот и алокација треба да осигураат дека тоа ќе се случи. Македонија има направено позитивни чекори во минатото. Ја создаде рамката за употреба на буџет на среден рок, како и стратегиската приоретизација. Со тоа би требало да се обезбеди алокација на ресурсите за најважните приоритети во земјата. Веројатно повеќе може да се работи во оваа област со цел да се осигура употребата на овие алатки и процеси. Неодамна Македонија можеше да го држи под контрола растот на плати и други буџетски расходи, со што се отвори можност за капитални инвестиции во инфраструктурата. Тоа помогна во подобрување на целокупната клима за инвестиции во земјата. Но, како што реков, повеќе може да се направи во оваа област за рефлектирање на врската меѓу буџетската алокација и долгорочните приоритети на државата во распределувањето на Буџетот.

Дали достапноста на средства за фирмите е загрозена од домашното задолжување на власта?

Кога власта се задолжува на домашниот пазар тогаш зема дел од колачот кој им е на располагање на сите. Тоа значи дека ќе има помалку пари за приватниот сектор. Ако власта зема преголем дел од колачот тогаш се создава ефект на истиснување, во кој случај нема доволно останато средства за приватниот сектор. Сметаме дека тоа не е случај во Македонија. Нивото на домашно задолжување на владата со тек на време е константно и не се зголемува и домашното задолжување е еднакво со раздолжувањето кое го прави владата. Ако се погледне банкарскиот сектор може да се забележи дека банките имаат голема ликвидност, како и силна капитализација - тоа е банкарски термин. Покриеноста на заемите со депозити исто така е под еден процент. Сето тоа укажува дека постои доволна ликвидност во банкарскиот сектор за овозможување на поддршка за приватниот сектор. Тоа што често го слушаме од банкарите е дека им недостасуваат добри, добро осмислени и добро подготвени проекти од приватниот сектор. Веројатно може повеќе да се работи за помагање на приватниот сектор да подготвува подобри проекти се со цел банкарскиот сектор да соработува со нив.
XS
SM
MD
LG