Достапни линкови

Пензискиот систем пред колапс?


Пензискиот систем е на стаклени нозе и ако не се преземат мерки, системот би можел да колабира, велат експертите.

Намалените приливи во Фондот за пензиско од придонеси и рекордно високата стапка на невработеност ќе имаат долгорочни негативни последици врз пензискиот систем, оценуваат експертите.

„Македонија има еден дисбаланс меѓу бројот на корисниците кој што постојано се зголемува и бројот на вработените кој што константно стагнира, и таа разлика постојано ќе биде. Ние тоа го гледаме и во билансите на Фондот, тој месечно за да функционира му се потребни 20-30 милиони евра, на годишно ниво тоа се 200 до 300 милиони евра каде што државата го потпомага за да може да опстане некако. Oттука може да кажеме дека нашиот пензиски фонд е на стаклени нозе“,вели професорот Христо Карталов.
Македонија има еден дисбаланс меѓу бројот на корисниците кој што постојано се зголемува и бројот на вработените кој што константно стагнира, и таа разлика постојано ќе биде
Христо Карталов, универзитетски професор

Оваа Влада засега му префрла пари на Фондот за да се исплатат пензии, но што ќе се случи ако дојде некоја друга Влада и реши повеќе да не го прави тоа?- се прашува професор Карталов.

„Може да се случи некој друг премиер, некоја друга влада да рече `извинете, но тој Фонд треба да се алиментира и правата да се сообразат со приемот на средствата`. Во таа смисла нашиот Пензиски Фонд воопшто не е безбеден, туку напротив тој е многу ранлив.“

Пензискиот фонд од државната каса секоја година добива се повеќе пари. Во 2008 повеќе од 27 проценти од буџетот на Фондот го одвоила Владата, следната година тој процент изнесувал 33,7 проценти, минатата година биле одвоени 35 проценти, пред некое време повторно со мини ребаланс на буџетот, Владата одвои пари за пензии.

Пензискиот фонд од државната каса секоја година добива се повеќе пари
Пензискиот фонд од државната каса секоја година добива се повеќе пари
Со „дупка“ во пензиските фондови, не се соочува само Македонија, со тој проблем се соочуваат и европските земји. Едни ја зголемуваат стапката на придонеси за пензиско, други го зголемуваат стажот, се зголемува старосната граница. Но, во Македонија не би можело да се примени мерката со зголемување на возрасната граница, вели експертот по трудово право Драге Јовановски.

„Зголемување на границата за пензионирање е само на штета на работничката класа бидејќи со одење на поголем број на години во пензија тоа значи дека државата нема да му исплатува пензија и се поставува прашање: кога ќе ја искористи тој пензијата?“

Зголемување на границата за пензионирање е само на штета на работничката класа бидејќи со одење на поголем број на години во пензија тоа значи дека државата нема да му исплатува пензија
Драге Јовановски, експерт по трудово право

Тој вели дека треба да се бараат други мерки за да се спаси пензискиот фонд.

„Треба да се оди на зголемување на стапките, втората мерка, зголемување на бројот на вработените, и третата, најбитна мерка оваа најниска утврдена плата неможе да ја издржи самиот фонд, туку мора да биде покачена, што значи дека најмалку 300 евра работникот треба да зема и да се плаќаат на тоа придонеси.“

Владата најави дека старосната граница за пензионирање нема да се зголеми, а пензиите во наредните години ќе растат. Изминатиот викенд Владата го усвои новиот Закон за исплата на пензии и на пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување. Министерот за труд и социјала Спиро Ристовски, рече дека Владата останува посветена на продолжување на реформите во системот на социјално осигурување, со цел да се обезбеди стабилен и одржлив пензиски систем.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG