Професор Мухиќ ова е прва Бошњачка академија на науките и уметностите, вие сте нејзин претседател. Која е идејата за нејзиното формирање и кои ќе бидат насоките за нејзиното дејствување?
Тоа е еден историски настан во историјата на секој народ, формирање на Академија на науките и уметностите како највисока духовна институција на било кој народ. Во таа смисла тоа е историски настан и за бошњачкиот народ, целиот бошњачки корпус е восхитен, а идејата е токму да го интегрира бошњачкиот корпус во целиот свет, а пред се во регионот и да создаде една институција која ќе ги сублимира духовните достигања на бошњачкиот народ.
Веднаш имаше реакции од Србија дека нема да се дозволи нејзино формирање бидејќи е спротивно на прописите. Како гледате на овие реакции?
Искрено да ви кажам, јас очекував честитки од сите, па и од регионот, Србија. Имено, ме изненади тоа што поетите-членови на Академијата во оваа држава се повикаа на Јавен обвинител со посочување дека според законот постои само една Академија во Србија. Прво ова нема да биде во Србија, а и да биде што значи? Всушност треба да се смени еден потполно неприфатлив закон. Како може да се донесе закон за само една научна институција во било која држава која што е мултиетничка. Неофицијална Србија и дел од официјалната, во смисла универзитетски професори, испратија многу срдечни честитки. Така што во сето тоа српската јавност гледа еден голем плус, еден светилник кој ќе ја разбие темницата онолку колку што научните установи тоа можат да го направат. Официјалната реакција не ме изненадува, државата којашто го извршила геноцидот врз Бошњаците и која го потврдува својот став со протести против апсењето на извршителот на геноцидот заради неговото приведување пред судот на правдата, се разбира дека смета дека народот врз кого го извршила геноцидот дури и нема право да стане писмен, а камоли да има и своја Академија, меѓутоа богатото духовно наследство на Бошњаците, извонредните резултати и во науката и во уметноста, конечно треба да се верифицираат во една ваква институција.
Но, добро какви се релациите на науката и религијата, односно на Академијата со поглаварот на ИВЗ во Србија кој е иницијатор на оваа идеја. Се поставува прашањето дали во секуларна држава може да се прави тоа?
Дури, јас ќе дополнам, дури не само муфтијата во Србија, туку и Реиз Улема во Босна, Мустафа Цериќ, кој инаку докторираше филозофија на Чикашкиот универзитет, ова колку да се знае дека тоа не се затворени типови на интелектуалци кои не знаат ништо освен она што е врзано за религијата. Во историјата на сите Академии, европските особено, при нивното конституирање религиските лидери одиграа голема улога. Од друга страна, во конкретниот случај, бидејќи ова е прва Академија, добар дел и од бошњачките политички структури се под силно влијание на Србија се уште и не покажаа ниту доволна енергија, можеби и немаа можност да подржат еден ваков проект. Во таа смисла, оние коишто се за прогресивни проекти без разлика на тоа дали се секуларни или религиски проекти, овде се добредојдени со идејата дека во самиот проект тие влегуваат како луѓе кои можат на некој начин да го стимулираат она расположение за да тоа се направи. Меѓутоа самата Академија воопшто не е замислена како политичка ниту религиозна. Членовите на Академијата воопшто не се занимаваат ниту со проблемот на политика, нема такво одделение, ниту пак со некоја активна теолошка проблематика во светот.