Глобус: Топлото политичко лето што ја стопи жешката есен
Мошне опширна и детална анализа на „топлото политичко лето што ја стопи жешката есен“, објавува најновото издание на Глобус. Поентата на анализата се чини е дека „СДСМ е подготвен да ја преземе власта и перспективно да ја води државата, но е неподготвен да
СДСМ е подготвен да ја преземе власта и перспективно да ја води државата, но е неподготвен да ги добие изборите.
Форум: Дизниленд дипломатија
Дизниленд дипломатија, гласи едиторијалот на Форум во врска со „до болка тажната појава“, како што вели авторот, колку политичките партии се подготвени да ги жртвуваат интересите на државата Македонија за да ќарат некое евтино дневно-политичко поенче. Показател за ваквата неодговорна политика е именувањето на новиот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски. Авторот се осврнува на ставовите на Треневски, велејќи дека таквото непознавање на механизмите на НАТО, проблематизирање на стратегиските партнери и скандалозните лаички ветувања, како на очајни кандидати за локален кмет на селски предизборен митинг, кога кандидатот ветува дека ќе се залага за сосема невозможни работи - предизвикаа смеа во буквална смисла на зборот на клучните амбасадори во Македонија, за што авторот тврди дека има информации од прва рака, што дополнително ја влоши и онака разнишаната меѓународна позиција на државата, завршува авторот на едиторијалот во Форум.
Фокус: Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси
Големо интервју со градоначалникот на Карпош, поранешен либерал-демократ, но сега социјалдемократ, Стевче Јакимовски објавува Фокус, во најновиот број. Насловот што редакцијата го извлекува од неговите зборови во интервјуто, „Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси“ звучи прилично интригирачки, а повод за интервјуто е жестоката полемика со весникот Нова Македонија, чиј сопственик, покрај другото е Минчо Јорданов, па Јакимовски се прашува зошто еден весник како Нова Македонија, со широк дијапазон на критики за транзициските аномалии и транзициските богаташи, не сака да дозволи да се отвори полемика за сите богаташи во државата, па прашува: „Од каде му е имотот на оној што ги плаќа новинарите во овој весник?“ Во интервјуто за Фокус, Јакимовски говори и за актуелната политика на премиерот Груевски, па во врска со преговорите за името смета дека тој до крај ќе остане цврсто на своите позиции да нема компромис. Сите негови политики се тотално крахирани, па ова му е единствената сламка за спас и смета дека Груевски не е подготвен да ја даде власта по никоја цена.