Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ


Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:07 0:00

Од страна на Република Македонија целиот процес за името се води крајно нетранспарентно. Кои се нашите позиции, кои се нашите аргументи, кои се нашите појдовни ставови, која е нашата црвена линија преку која неможеме да поминеме? Значи се е сведено на еден круг од три до четири личности кои што го контролираат целиот процес, спроведуваат некоја своја стратегија ако воопшто некоја стратегија има.

Господине Црвенковски што очекувате дека ќе се случува со спорот со името и нашите евроинтеграции, откако е очигледно дека и зададениот јунски рок нема да донесе ништо значајно?

Да, веќе е сосема јасно дека таа дополнителна шанса што ни беше дадена од страна на ЕУ во декември минатата година од плус шест месеци за деблокирање на процесот за нашето интегрирање во Унијата, не ја искористивме. Како точно ќе биде заклучокот на Советот на министри на 18-ти јуни е тешко да се претпостави. Најлошо е ако воопшто не се најдеме на дневниот ред, но она што е најзначајно за Македонија е сознанието дека датум за преговори нема да добиеме. Како резултат на сето тоа јас очекувам во периодот што доаѓата една демонстрација на разочараност од страна на ЕУ во Македонија и едно нивно пасивизирање во процесот на нивно интегрирање во ЕУ. Од друга страна пак, очекувам зголемен активитет од страна на САД се разбира не на неограничен временски период, туку во наредните три до четири месеци имајќи во предвид дека на почетокот од ноември во Португалија се оддржува Самитот на НАТО Алијансата, Вашингтон се разбира е сосема вклучен во подготовките на тој Самит, да се потсетиме дека САД беа и спонзор на нашата кандидатура во Букурешт којашто за жал заврши неуспешно и се разбира исто така дека Американците се повеќе заинтересирани за НАТО интегрирањето отколку за интегрирањето во ЕУ. Во тој контекст ја оценувам и посетата на помошникот државен секретар на Скопје г-динот Филип Гордон, и на Загреб каде што беше дојден да пренесе јасни, недвосмислени пораки дека од нивна страна се нуди зголемен ангажман и инволвираност во процесот на преговорите со Грција, меѓутоа тоа е на ограничен период само до Самитот и дека доколку ја пропуштиме таа шанса можно е да дојдеме во ситуација да бидеме на долг временски период блокирани во двата процеси и на нашето интегрирање во НАТО и на нашето интегрирање во ЕУ. И тоа се забелешки и оценки што треба многу сериозно да ги сватиме. Во тој контекст ја оценувам и најавената посета на Генералниот секретар на НАТО Расмусен на 18 јуни во Скопје што значи истиот ден кога во Брисел ќе се расправа и ќе се оддржува Советот на министри. Мислам дека треба крајно сериозно сите, а пред се власта во Македонија да ги свати овие најави бидејќи најлошо е ако се разбере дека ќе имаме неограничен број на повторени шанси. Лошо е може да биде и катастрофално за иднината на земјата ако и ЕУ и НАТО и САД кренат раце од Македонија.

Предвидувате прилично напнато сценарио, па дали вие како СДСМ ќе сторите настрана во сето тоа?

Прво да расчистиме ние сме опозиција, значи ние ниту имаме формален легитимитет, ниту институционален капацитет да донесуваме одлуки во државата, таа улога сосема нормално и припаѓа на власта. Она што ние максимум можеме да го направиме е да не и отежнуваме на владата, да не ја попречуваме владата, да не го стеснуваме нејзиниот маневарски простор во процесот на преговорите, а се со цел да се дојде до решение што ќе ги деблокира евроатлантските интеграции и ние токму тоа го правиме. Во целиот изминат период ние се однесуваме крајно конструктивно, познато и е на македонската јавност нашиот став дека секое решение кое што ќе биде прифатливо за премиерот и за владата, кое што нема да задира во националниот идентитет ние ќе го поддржиме и тоа максимумот што ние можеме да го направиме.

Сепак подготвени ли сте Вие со оглед на значајноста на моментот да преземете одговорност за решавање на спорот за името доколку власта покаже дека нема намера да го направи тоа?

Па, нема начин како опозицијата да ја супституира власта опозиција на опозиција. Значи, затоа власта е власт, а опозицијата е опозиција. Треба да имаме во предвид уште една работа, а тоа е дека од страна на Република Македонија целиот процес се води крајно нетранспарентно, не само јавноста, не само опозицијата, туку и владата како институција не е информирана што точно се случува во преговорите. Кои се нашите позиции, кои се нашите аргументи, кои се нашите појдовни ставови, која е нашата црвена линија преку која неможеме да поминеме? Значи се е сведено на еден круг од три до четири личности кои што го контролираат целиот процес, спроведуваат некоја своја стратегија ако воопшто некоја стратегија има. Значи во недостиг на било какви информации е крајно неодговорно, би можело да биде и многу штетно за Република Македонија, опозицијата да истрчува со некакви свои предлози, сугестии.. Ние сме споменале во неколку наврати дека доколку владата смета дека на некаков начин можеме да помогнеме, ние стоиме на располагање. Тоа се фактични позиции, власта ја има одговорноста за целиот процес, за преговорите и за исходот од тој процес.

Целиот овој проблем како да имаше импликации и на внатрешно политички план и не ни е потполно јасно што се случува во владината коалција. Во меѓувреме вие како да ја споделувате загриженоста за иднината на земјата со ДУИ. Што имате заедничко во овој момент со ДУИ?

Значи, прво се согласувам дека владината коалција лошо функционира и се разбира тоа не е добро за владата, што е еден проблем, меѓутоа далеку полошо е што тоа не е добро за државата. Тоа креира многу проблеми, пред се на планот на меѓуетничките односи и опозиција неможеме да влијаеме. Што е заедничко во позициите со ДУИ? Има работи за кои што имаме слични, идентични ставови, има се разбира и работи за кои што имаме сосема различни ако не и спротивставени гледишта. Меѓутоа јас би го издвоил она што е најважно, ја почитувам и ја распектирам искрената посветеност на ДУИ за важноста на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Според нив, а и според мене и СДСМ, Македонија нема сериозна алтернатива на тоа и тоа треба да биде нашиот највисок приоритет и целокупните политики на сите нас, а пред се на оние кои што се во власта, треба да се дефинираат на тој начин што ќе не одведат кон остварувањето на тој приоритет.

Очекувате ли реално дека ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори по изминувањето на јунскиот рок и дали Вие како СДСМ сте подготвени за такви избори?

Ако се има предвид односот на силите во Парламентот којшто е општо познат на целокупната јавност и честите изјави на Груевски и други претставници на владеачката партија дека избори во 2010 година нема да се случат, одговорот на вашето прашање би бил ,,Не" барам ,,Не" оваа година. И тука морам да кажам дека постои одредена логика во ставовите на Груевски имено секој обид да се инциираат предвремени избори пред самитот на НАТО во ноември би бил јасен недвосмислен сигнал дека Македонија не само што нема намера да го решава спорот со Грција, туку дека нема буквално никаков интерес за успех во интеграциите кон ЕУ и кон НАТО и тоа може скапо да не чини и како држава, а се разбира и тие политички субјекти кои што ќе покренат таква инцијатива. Тоа е логиката, е сега Македонија во последно време стана држава во која што логиката е многу малку застапена, буквално станавме држава во која што е се можно и од тие причини ги остават и сите други опции како отворени доколку не се постигне никакво исчекор на планот на деблокирањето на евро и евроатлантските интеграции после ноември мислам дека нови предвремени парламентарни избори ќе станат неопходност, нужност и нема да зависи од вољата на Груевски или парламентарното мнозинство, единствено ќе се создаде таква ситуација во која што ќе мора да се оди пред граѓаните и да се бара нова доверба. Што се однесува до СДСМ ние сме подготвени за избори и тоа не само да учестуваме туку и да победиме на тие избори.
XS
SM
MD
LG