Достапни линкови

Неделен печат - „Диктатурата на мнозинството ќе уништи се“


Дневни весници, магазини, неделници...
Дневни весници, магазини, неделници...

Под ваков наслов неделникот Глобус ги анализира потезите на Владата на Груевски наспроти македонските Албанци и однесувањето на партиите од албанскиот кампус кога се на власт во коалиција со владејачката партија. Форум, пак, донесува анализа за се позачестеното исчезнување на деца од кумановскиот крај.

Неделникот Фокус продолжува со своите бум-теми: покрај главната, на насловната, за кавгата помеѓу новиот управител на МПМ Горан Гаврилов и донеодамнешниот, Срѓан Керим, во која преку интервју со Гаврилов се откриваат матните зделки во бизнисот со медиумите во Македонија, неделникот пишува дека полицијата го следела јавниот обвинител Љупчо Шврговски, поради неговата дружба со луѓе од тутунскиот бизнис. Имено, појаснува Фокус, полицијата или трети служби го имале на око Шврговски, бидејќи почнал да се дружи со Благоја Игњатовски, човек кој ги откупувал тутуните во Македонија, кои преку стоковите резерви се продавале од Тутунскиот комбинат во Прилеп. Шврговски вели дека не знаел дека бил следен, но за неделникот негира дека неговото дружење со Игњатовски може да влијае врз исходот на судскиот процесс што се води против екс-директорите на Тутунскиот Комбинат во Прилеп. Судењето, пак, потсетува Фокус, е пред самиот крај, а се однесува на стотици парчиња цигари кои преку Арачиново завршиле на црно на македонскиот, косовскиот, па дури и на пазарот на Република Српска.

Глобус во најновиот број исто така се занимава со повеќе интересни теми, но дозволете ми личен избор, за темата со наслов „Диктатурата на мнозинството ќе уништи се'“, во која се анализираат потезите на Владата на Груевски наспроти македонските Албанци и однесувањето на партите од албанскиот кампус кога се на власт, во коалиција со владејачката партија. „Како и Тачи и Селмани“, пишува Глобус, сега и Ахмети е на добар пат да заврши во аналите на тажната историја на немањето капацитет кај најмакедонската партија, со Албанците – со кој било од страна на Албанците! – да гради граѓанска иднина за Македонија. Авторот на текстот наведува дека „фабричката мана“ на ВМРО е што Албанците ги гледа исклучиво како нужно зло во македонската политичка (и општа) реалност. За ДУИ како да почнува да важи онаа српската: добиваат на терен, губат на маса! ДУИ на крајот од оваа коалициона сага со ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да му се врати на „теренот“, зашто обидот преку „маса“ да се гради Охридска Македонија нема да им успее, предвидува Глобус.

Неделникот Форум ја анализира особено зачестената појава во последно време на исчезнување деца, главно од ромските населби околу Куманово. „Каде одат исчезнатите деца?“ е прашање на кое нема одговор, пишува неделникот. Форум потсетува дека трите исчезнати деца заедно имаат 17 години, кои не се ни години на полнолетство, до кое, за жал, се' уште не стасале институциите што требаше да одговорат на насловното прашање, констатира неделникот. Авторот на анализата наведува неколку можни сценарија во врска со исчезнувањето: дека децата се жртви на балканска криминална мрежа на трговци со луѓе, или уште пострашно, на трговци со човечки органи.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG