Успешен психотерапевт, со специфични методи на терапија, кои се состојат од менување на сеќавањата на своите пациенти, полека ги губи своите спомени. Преку неговата борба да ги зачува своите спомени, претставата ги истражува сеќавањата и нивната поврзаност со театарот и животот.
Ова се двете реченици со кои авторот на текстот и режисерот на претставата „Мајсторот за спомени“ - Јане Спасиќ ќе се обиде и ќе успее да го предизвика вниманието на публиката за да го види неговиот нов проект во продукција на независното здружение АРТОПИЈА. Драмата во која играат неговите другари, актерите Ненад Митевски, Елена Кузманов, Мартин Јорданоски, Бојан Кирковски, Симона Спировска и Анастасија Аневска. Каде со својот творечки багаж се вклучени и сценографот Мартин Манев, костимографот Бранкица Јордановска, Владимир Димоски како дизајнер на светло, композиторот Дарија Андовска, Матеја Николиќ како дизајнер, Мартина Петреска задолжена за маркетингот и продуцентот Филип Николовски. Сите заедно, по цели три месеца работен процес (долг, предолг за него како што би рекол режисерот) ја исправија на сцена претставата за која Јане Спасиќ знае да каже дека всушност „ја третира темата на сеќавањата, поврзаноста нивна со личниот идентитет и театарот“. А, по премиерата следната изведба на „Мајсторот за спомени“ е веќе закажана за 14 овој месец повторно во МКЦ.
По „Експеримент“ работена во 2017 година, Јане Спасиќ еве го и со втората претстава за независното здружение АРТОПИЈА. Што е она што овојпат се обиде да го стори авторот и режисерот на „Мајсторот за спомени“? Што да истражи? Каква порака да пренесе?
Па, генерално не сакам да пренесувам пораки со претставите. Не мислам дека функцијата на театарот е да подучува и да „брка“ вистини, а искрено и не верувам во дефинитивни одговори. Само привремени. Човек „расте“ или се „смалува“ емотивно, умствено и духовно низ животот, па така и неговите размисли и ставови се менуваат, и доаѓаат нови периоди со нови прашања. Дур ги работам текстовите и претставите истражувам и си поставувам прашања, понекогаш имаат повеќе одговори, понекогаш тотално спротивни, а еднакво валидни, па низ претставите гледам да го споделам патот што го минувам истражувајќи ги работите што ме возбудуваат.
Во еден период пред неколку години ме заинтригира фактот дека за нешто да запаметиш во животот ти треба некој настан каде што ќе доживееш силна емоција, без емоција нема сеќавање. И дека впрочем твоите ставови, позиција во светот, начинот на којшто сакаш или мразиш некого и сите можни работи поврзани за тебе како личност се резултат на сеќавања. Ти си дефиниран од сеќавањата. Ти си еден нивен контејнер, а не сфаќаш колку се кршливи и невистинити твоите спомени. Тргнувајќи од таму почнав да истражувам и „Мајсторот за спомени“ ја третира темата на сеќавањата, поврзаноста нивна со личниот идентитет и театарот. Сфатив дека во сите претходни претстави се третира оваа тема од различен ракурс и дека тоа потсвесно ме интригирало цел живот, па решив некако конечно да ја затворам темата на спомени и така се случи претставата. Дали ќе успеам ќе видиме.
Од каде потребата кај Спасиќ во времево во кое живее, во периодов кога и не и се гледа крајот на светската пандемија и последиците од неа, да се бави со поврзаноста на театарот и животот?
Начнуваш дилема што се легитимна и на која немам одговор, но се јави кај сите нас во текот на процесот. Додека беа пожарите, додека блиски луѓе умираа по болници ние се занимававме со проблемите на ликовите. И тоа е тотално сулудо. Се чувствуваш изолиран од реалноста, а со тоа и некако апсурдно. Но, од друга страна цел свет е измрдан од шините уште поодамна и ние постојано живееме во шизофренија на вредности, каде едно се кажува дека е правилно, но гледаш дека се успеваат работи што се тотално спротивни од зададените вредности. Да се навратам на прашањето мислам дека претставата тематски нема допирни точки со актуелната реалност, но од друга страна има допирни точки со помирувањето со тоа кој си и со смртта, а тоа е линија на сечија реалност тоа е она што ја поврзува со времето во кое живееме и ќе ја поврзува со сите времиња.
Сцена од театарската претстава „Мајсторот за спомени“
Со оглед на тоа дека во претставата играат актери со кои и досега соработувал како Ненад Митевски, Симона Спировска, Бојан Кирковски, Мартин Јордановски... колку нему како режисер му беше полесно или потешко во исправањето на проектот на сцена? Каков живот Спасиќ и предвидува на „Мајсторот за спомени“
Со актерската екипа беше прекрасно. Веројатно зборувам во името на сите актери, нам процесот ни беше како „сигурно место“ од целото лудило. Се бавевме со сериозни теми, прилично тешки, но како колектив се чувствуваме убаво. Им реков и нив во една посвета дека не знам на што се должи слепата доверба, но дека тоа чувство кога ти е дадено ти прави да се чувствуваш посебно и топло. Таа доверба не беше само од старите соработници туку и од новите Елена Кузманов и Анастасија Аневска, иако со Анастасија соработувавме во „Човек Перница“ во Драмски и ја обоив целата во зелено. А секако после таква работа човек не треба да ти верува, ама ете мисе посреќи.
Енергијата во тимот е одлична. Претставата ни значи на сите и тоа се чувствува на сцена. Секој со најде нешто многу лично и приватно во процесот. Мислам дека ќе се игра долго зошто ги допира луѓето. Ќе видиме... Но да не прогнозирам ништо, зашто јас и животот на моите претстави си имаме посебен, чуден однос.
Зад себе покрај низата вакви проекти ( „Осамениот Запад“ од Мекдона го игравте во Кино Култура) го имате и искуството за работа и во институционалните театри ( во Драмски во 2019 го поставивте „Човек перница“ од Мартин Мекдона). Каде како автор, како творец, се чувствувате повеќе слободен? Каде „пливате“ полесно? Колку ваквата поделба на делување и живеење во театарот кај нас е изнудена? Застарена? Треба ли поинаков третман на театарот од оние кои ја кројат културната политика, ако тоа воопшто и нешто значи денес овде и сега?
Ух, прашањево, односно прашањава се како отворање на Пандорина кутија и е предолго за одговарање, ама ќе пробам кусо да ги споделам моите мисли и за оваа тема. Театарот е небитен општествено. Театарот не е доходовен и затоа е неважен во овој површен систем на вредности и општество, каде доходот е најпопуларната вредност. Но, индивидуално за луѓето кои го сакаат и го гледаат е многу важен. Од друга страна сметам дека ќе добие на вредност кога се ќе стане он-лајн и кога „живото“ искуство ќе биде вредно. Пливам насекаде. Тоа го одбрав во животот и некако научив да живеам со тоа. Искуствата се различни. Генерално во вонинституционален театар имам повеќе слобода како автор и доверба да истражувам и тоа ми е убаво и ми треба повремено. Во институциите пак, имаат потреба да знаат што правиш, најчесто да е тоа текст којшто може да го прочитаат претходно, да видат дали одговара на ансамблот, да аплицираат со него и тн. И мислам дека тоа е во ред и така треба. Но она што мислам дека многу недостасува е правец. Директорите на институциите немаат „визија“ (изразот е излитен колку и визијата што ја имаат), за тоа каде сакаат да го видат нивниот театарот, што сакаат да поставуваат на сцени, зошто сакаат да поставуваат претстави со одредени теми, или зошто некои автори треба да бидат поставувани во следната година или не. Тоа не е сменето или бар јас не сум информиран дека е сменето уште од кога почнав да се бавам со театар, а тоа е прилично одамна. На вонинституционалниот театар, му фали простор, буквално, зграда каде што ќе може да се истражува, да се греши, да се експериментира. Тоа најмногу му фали и тоа ја ограничува слободата на овој вид театар. Среќа што постои АРТОПИЈА и некако полесно се снаоѓа за простор и може да обезбеди долг живот на претставите, а воедно и творечка слобода. И тука ќе завршам со одговарање на прашањава од оваа Пандорина секција.
Пост премиерно - композиторката Дарија Андовска и режисерот Јане Спасиќ
Композиторката Дарија Андовска безмалку ви е постојан соработник во креирањето на музиката во вашите претстави. Како се најдовте, како се разбравте? Колку притоа вам лично ви е важно да имате уметник со таков габарит зад себе? Колку Андовска знае звучно да го обои вашиот режисерски ракопис?
Па Дарија е веројатно најдобриот современ композитор во моментов. Заедно работиме уште од кога ми беше „наставничка“, се шалам, но навистина колку јас што паметам соработката почна веднаш штом заврши учебниот процес, таа ми беше професор по применета музика, исто така пред илјада години на ФДУ и после тоа почнавме да соработуваме. Сме соработувале на многу проекти, се знаеме добро и како другари и комуникацијата и соработката е прилично лесна. Интересно за овој проект е што инсистиравме да пробаме нов начин на креирање на звукот во претставата и мислам дека на крајот пак стигнавме до звучна слика без која претставата немаше да ја има силата која ја има сега и за тоа сум и’ многу благодарен.
И, по завршувањето на овој проект каде веќе со мислите талка авторот и режисерот Јане Спасиќ? Каде и со каков текст би сакал да му се случи новиот негов проект? Од што зависи неговото обистинување?
Јане веќе одамна со мислите талка по некоја плажа, ама тешко дека ќе ја стапне со нозете набрзо. Не знам искрено што ќе правам следно. Треба да го завршиме преводот на драмите на Мартин Мекдона до крајот на годината и тоа ми е проект што го работам со многу кејф, зашто ми е омилен автор. Друго не знам, следува година со многу најави, но јасно ни е во какво време живееме и затоа не планирам ништо фиксно, ќе видиме што ќе се реализира. Обистинувањето, одличен збор, на мојот следен проект зависи од одморот, животот и луфтирање на мозокот. Па после ќе видиме. Исцеден сум на сите можни начини, ми треба одмор, време е да си го дадам.
Сцена од претставата „Мајсторот за спомени“
Дарија Андовска:
Годинава со Јане одбележуваме една деценија професионална соработка. Убав јубилеј. Се запознавме како даскал и студент на ФДУ, каде тогаш почнав да предавам Применета музика, а нашата прва соработка е токму неговата дипломска претстава. Оттогаш меѓу нас постои лојалност, поврзаност и искрено пријателство. Таквите уметнички "бракови" (долгогодишните соработки и пријателства) се секогаш во полза на конечниот производ - ние се разбираме брзо, его и суета во нашата комуникација не постојат, си ги знаеме сензибилитетот, можностите и проблемите (па и личните), си веруваме, заедно растеме, взаемно созреваме и си помагаме во процесот на креација.