На љубителите на музиката, посебно на современото македонско творештво, од 5 до 30 ноември по 22 пат ќе им се случува традиционалната културна манифестација „Есенски музички свечености“ зад која сите овие години како организатор настојчиво стои Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје. И, овој пат планирани се 13 настани кои главно ќе се одвиваат на три сцени, во Националната опера и балет, Музејот на македонската борба и во Филхармонија. Сепак, она што посебно се издвојува е проектот за отворањето на манифестацијата. Имено, овој петок, на 5 ноември во 20 часот, во Салонот на НОБ е планирано да биде одржан првиот заеднички концерт на Националниот ансамбл „Танец“ и на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски.
Во пресрет на овој несекојдневен настан, организаторите ќе забележат дека Танец како национален ансамбл повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. Дека „генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот“. И, уште дека „Танец е бренд кој каде и да настапи на земјината топка ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство“.
Од друга страна, во дописот до медиумите стои и тоа дека Влатко Стефановски е „стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси пет децениска кариера многупати има настапувано со Ансамблот, и дома и надвор. Тој секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост“. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на Танец се не изоставен дел од неговите изведби, Стефановски, освен повремените еднократни настапи со уметниците, никогаш досега не остварил цело вечерен концерт со Ансамблот како целина. „Конечно дојде и тој момент кога овие два бренда ќе ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери. Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужува и достојна концертна промоција која ќе се случи токму на овогодишната манифестација „Есенски музички свечености“.
А, кога сме веќе кај програмата само уште и информациите дека во нејзини рамки ќе се случат и заедничкиот настап на пијанистката Весна Ангелова – Христов, со Момчило Куфојанакис на виолина и Милан Роксандиќ од Србија на хорна, Младинскиот музички маратон, Концертот на дувачкото дуо Бранко Павловски, кларинет – Даниел Апостолов, фагот со Ема Попивода на пијано, „Фестивалот на виолончелизмот“, современата балетска претстава „Гранд Хотел“ на кореографот Александар Илиќ од Србија, концертот на Илза и Шкељзен Бавтијари, перформансот на двајцата врвни инструменталисти Страшо Темков на флејта и Дино Имери на пијано со балерината Драгана Илиевска како нивна гостинка, оперската претстава „Кармен“ од Жорж Бизе со Нина Најденова од Бугарија како режисер, промоции на две книги кои ја третираат музичката уметност („Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје 1947-1952“ од Наташа Диденко и „Незаборав кога прстите пеат“ од Кирил Тодевски и марија Велковска) и за затворање славеничкиот концерт со кој женскиот младински хор „Света Злата Мегленска“ ќе го одбележи својот 25 годишен јубилеј.
Дваесет и второто издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе понуди 13 програми пред се посветени на класичната музика. На тој начин се остварува првичната идеја кога Фестивалот беше востановен, месецот ноември да стане месец на музиката, заедно со програмите кои ги нудат и останатите институции кои главно делуваат во оваа сфера. Овогодишното издание на „Есенски музички свечености“ е посветено пред се на македонските уметници и автори, но и на гостите – врвни творци и изведувачи од регионот. Така во овој пост-пандемиски период кога и натаму се бориме со последиците од епидемијата со Корона-19, ние само ја следиме линијата започната минатата година кога исклучиво имавме домашни творци и на тој начин покажавме дека Македонија располага со исклучително квалитетни уметници кои имаат што да и понудат на публиката. Згора, овојпат повторно ширум ја отвораме капијата за учество на гостите од странство, па така очекуваме гости од Австрија, Украина, Бугарија, Холандија, Швајцарија и од Србија, вели Никола Глигоров, првиот човек на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје, организаторите на манифестацијата.