Достапни линкови

Новите светови на Чемерска, Мирчевска и Велковски во Галерија МКЦ


Плакатот за проектот „Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ
Плакатот за проектот „Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ

„Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ е насловен колаборативниот проект на визуелните уметници Елена Чемерска, Ивана Мирчевска и Филип Велковски, што од 31 октомври до 8 ноември годинава, во организација на галеријата ГРАЛ, се одвива во Младински културен центар во Скопје.

Од каде ни дојде необичната идеја дека природата наспроти културата е а-историска и безвременска? Зошто историчноста и можноста за интервенција се права доделени на јазикот и културата, додека материјата се смета за пасивна и непроменлива, или пак, во најдобар случај, нејзиниот потенцијал за промена е дериват на јазикот и културата? Дали сме навистина толку фасцинирани од сопствената памет и самосвест?

Ова се само некои од прашањато со кои визуелните уметници Елена Чемерска, Ивана Мирчевска и Филип Велковски ќе го започнат своето обраќање до публиката во пресрет на одржувањето на својот колаборативен проект „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“, што од 31 октомври до 8 ноември годинава, во организација на галеријата ГРАЛ, се одвива во Младински културен центар во Скопје.

И, потем тие со поширока експликација на сопствената заложба во која најнапред забележуваат дека „ соочени со постојаното уништување на животната средина и неуморното исцрпување на природните ресурси – трагаме по ново имагинативно разбирање за тоа како ние, на емотивно и сетилно ниво, се поврзуваме со трансформираните пејзажи на светот домаќин“.

Влегувајќи во имагинариумот на водата, замислуваме пејзаж како едно лепливо, густо и лизгаво езеро, во кое се прекршува светлината и таа станува лигава материја, која ја допира нашата кожа. Со прсти ја мислиме масата додека се ослободуваат слики.

Во езерото пливаме заедно со мекотели, птичји бисери, нуркачки маски, окуларни раце и мноштво други видови. Тука ја напуштаме нашата човечка пристрасност и се препуштаме на ритуален процес во кој погледот станува поглед на заедништво што соединува, а не разделува. Постанувајќи никој и многу, создаваме нови светови, пишуваат Чемерска, Мирчевска и Велковски.

И, по ваквото појаснување збор-два за уметниците.

Родена 1991 година, Елена Чемерска е визуелна уметница и истражувачка. Во својата уметничка практика таа ги истражува врските меѓу естетиката, материјалноста и политиката, комбинирајќи различни медиуми и стратегии со желба да се раслојат наративите втемелени во културолошките структури во кои е преплетена релацијата меѓу универзалното и партикуларното.

Магистрирала Уметност и дизајн во ликовни уметности на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost Academy of Art and Design во Сертогенбош, Холандија.

Учествувала во повеќе изложби во земјата и во странство, меѓу кои: Ostrale Biennale 021, Robotron-Kantine, Дрезден, Германија (2021); Supernova Regeneration 2021, Денвер, Колорадо, САД (2021); Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје (2021); Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts & Humanities Summer School, Глазгов, Шкотска (2021); Биенале на млади уметници, УЛУС, Белград, Србија(2021); Čvorište efemernog, Galerija МК , Загреб, Хрватска (2020); „Ничии прагови конкретно“, МКЦ, Скопје (2020); „Monumental Fluxus“, Expoplu, Најмеген, Холандија (2019); „Monument to Freedom-Conversations“, Студио Приватен Принт, Скопје (2019); „Transition“, Eye Museum, Амстердам, Холандија (2018), итн.

Чемерска е и актуелна добитничка на наградата Денес за млад уметник до 35 години – дел од интернационалната мрежа на награди насловена Програма за награди на млади визуелни уметници (YVAA) во Централна и Југоисточна Европа и наградата Prince Claus Seed Award во Холандија.

Ивана Мирчевска е родена 1992 година во Скопје. Таа е визуелна уметница чијашто пракса е вкоренета во медиумите засновани на време, визуелната антропологија, студии на меморија и сликарството. Нејзините истражувачки интереси произлегуваат од спојот помеѓу технологиите на гледање, просторната конфигурација на погледот и телото.

Додипломските студии ги завршила на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а своите магистерски студии, пак, на Академијата за ликовни уметности Брера, Милано, Италија.

Мирчевска е автор на изложбата „Notes from Surfacing at an angle of 45 degrees“, Студио Приватен Принт, Скопје, Северна Македонија (2021).

Таа има изложувано на Supernova Regeneration 2021, Денвер, Колорадо, САД (2021); Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје (2021); Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts & Humanities Summer School, Глазгов, Шкотска (2021); Биенале на млади уметници, УЛУС, Белград, Србија (2021); „Ничии прагови конкретно“, МКЦ, Скопје (2020); Čvorište efemernog, Galerija МК , Загреб, Хрватска (2020); The Voids- Culture Hub Croatia, Сплит (2020), Fuori Visioni 6, Пјаченца, Италија (2020).

Нејзиниот видеоистражувачки проект She e презентиран и изложен на PHROOM, Милано, Италија (2019); the Utopic Method, International exhibition for Video narration во Гранада, Шпанија (2019) и ‘Zapping the archive’ Odesa Photo Days Festival 2020, Ukraine.

Роден 1988 година, Филип Велковски е визуелен уметник, кој живее и работи во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност (2011) на отсек Сликарство со насока графички дизајн во 2011 година и оттогаш продолжува да ја развива својата пракса во полето на сликарството, уметничкиот активизам, и кураторството.

Тој учествувал на неколку групни изложби меѓу кои: „Раздримување /Колективна игра“ (Струга, Р.С. Македонија, 2019), „XII биенале на млади уметници“ (МСУ, Скопје, Р.С. Македонија, 2018) и изложба во „Neu Neu Gallerie“ – експериментален галериски простор (Documenta XIV, Касел, Германија 2017) и други. Минатата година во културниот центар „Јадро“ во Скопје ја реализираше својата втора самостојна изложба насловена „Идиоми“.

И, кога сме веќе кај него да кажеме и тоа дека во 2018 година, три месеци престојувал во Сонгла, Тајланд, каде што работел во музејот на јужно културно наследство (The Institute of Southern Studies), како водач на тури, реставратор и колумнист за локални културни настани. Меѓу другото ангажиран е и како гостин-професор по дизајн и илустрација, на Таксин универзитеот во јужен Тајланд (Thaksin University of the South).

Освен на својата уметничка пракса, Велковски работи и како слободен илустратор, дизајнер на филмски сетови и сценски сликар. Моментално ги посетува магистерските студии на Школата за уметности во Глазгов, Шкотска.

Инаку, Од галеријата ГРАЛ, која стои зад организацијата на „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ на визуелните уметници Елена Чемерска, Ивана Мирчевска и Филип Велковски, велат дека тие на овој начин се стремат кон „отварање и негување на простор за израз на квалитетни млади уметници преку координативна и логистичка поддршка во нивните ликовни истражувања и нивно соодветно претставување во јавноста“.

ГРАЛ силно верува во креирање платформа во која се поддржуваат и поттикнуваат експериментални тековни форми на уметничкото творење, кои ги поместуваат границите на воспоставените традиции на уметничкиот израз. Овие тројца уметници негуваат израз во кој традиционалните медиуми што ги користат одат рака под рака со современата оптика на новите медиуми и се ангажираат во меѓусебен однос, создавајќи притоа динамична и повеќеслојна целина, стои во нивното соопштение.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG