Достапни линкови

„Современи (не)демократии“ на 16.АКТО Фестивал за современи уметности


Плакатот за 16-от Фестивал за современи уметности АКТО
Плакатот за 16-от Фестивал за современи уметности АКТО

Со јавниот вчерашниот перформативен настан произлезен од пет дневната интердисциплинарна работилница „Изгубено и најдено“ на 16. АКТО Фестивал за современи уметности започна „Современи (не)демократии“, интердисциплинарната платформа за едукација и продукција на современа уметност .

„Современи (не)демократии“, интердисциплинарната платформа за едукација и продукција на современа уметност ноември – декември 2021 од актуелното 16 издание на АКТО Фестивал за современи уметности, зад кој како продуцент стои организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“, започна со јавниот перформативен настан произлезен од петдневната интердисциплинарна работилница „Изгубено и најдено“ која се одвиваше под менторство на творци како Томас Жишка и Драган Стојчевски од Прага, Република Чешка и нашиот Филип Јовановски. Во реализацијата партнери на АКТО беа Факултет на драмски уметности од Скопје и Факултет за драмски уметности (ДАМУ) од Прага, а освен студентите на овие две институции учество зедоа и студенти по сликарство од Факултетот за ликовни уметности.

Во сабота напладне на 6 ноември во Салата за седници на Општина Центар ќе биде претставена изложбата „Современи (не)демократии - Исчезнување на јавниот човек“ базирана на истражување на Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Кристијан Караџовски и Наум Трајановски. Еден час подоцна во истиот простор ќе биде реализирана АКТО АГОРА.

На 9 ноември е планирано да се одржи јавниот перформативен настан произлезен од четири дневната интердисциплинарна работилница „Слушна реакција на архитектурата“ која ќе се одвива под менторство на перформанс- колективот ЛИГНА (Оле Фрам и Торстен Михаелсен) од Хамбург, Германија, и во соработка на ФР~У/ АКТО со Факултет за драмски уметности – Скопје.

Во недела напладне, на 14 ноември, во Македонска пошта и на плоштад Македонија ќе се одржи и перформансот „Дисеминација насекаде“ на перформанс-колектив ЛИГНА, а за 5 декември, овојпат во зградата на поранешна скопска месна заедница Тафталиџе е најавен „Изгубени модернистички утопии“, перформансот произлезен од работилницата што ќе се одвива под менторство на Миодраг Куч од Институтот за уметност и урбанизам во Берлин, Германија, во соработка на АКТО со Факултетот за драмски уметности од Скопје, а каде освен студенти од ФДУ и ФЛУ учество ќе земат и оние од Архитектонски факултет.

И, во оваа сесија, само четири дена подоцна, предвидена е и промоцијата на книгата „Не Уметност. Надвор. Борби. Солидарни уметнички практики на периферијата“ на авторите Валентина Боници, Адела Деметја, Рена Радле и Ивана Васева, а чиј издавач е албанската Тирана арт лабораторија.

Од „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ појаснуваат дека „она што беше карактеристично за АКТО тоа е Битола, односно тридневната интензивна интердисциплинарна програма со изразит визуелно-уметнички предзнак, напуштени простори кои стануваат алтернативни простори за презентација, интернационални гости и актуелни теми, место за размена и колективни идеи и создавање, многу соработки и партнерства“. Сепак, тие забележуваат дека во 2021 година Фестивалот за современи уметности добива друга форма. Дека условно се сели во Скопје и станува двегодишно истражување на актуелни теми, заборавени простори на културното наследство, продукција на нови дела со интернационални гости, но и силна едукативна компонента, која создава место за размена и заедничко создавање, и тоа во соработка со официјални образовни институции.

Тргнувајќи од тоа дека АКТО е резултат на еден факултет на кој не се учи, туку се создава работејќи на него, постојано тестирајќи ги лимитите на своите капацитети во таа желба и љубопитност, АКТО овој пат својот „факултет“ го ресоздава во и со официјалните образовни и институции за презентација на уметноста. АКТО, немирен по својот дух, се движи и ги наоѓа своите извори на дејствување, овој пат на институционалните образовни платформи. Од активна сцена на презентација во платформа на продукција и едукација, истакнува Филип Јовановски.

Тој и со појаснување дека АКТО оваа 2021 всушност отвора двогодишна тема „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација и отуѓување, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото.

АКТО ја испитува оваа тема преку примерот на плоштадот како репрезент на современите недемокрациски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк отколку на јавност или на живот на улица. Па така преку оваа деполитизирана, еродирана и приватизирана платформа, АКТО се обидува да го истражи стеснувањето на јавниот простор кој води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. „Современи (не)демократии“се обидува да одговори на предизвиците, но и препреките во непрепознавањето на недемократиите кои ни се случуваат секојдневно. Дали имаше вистинска дебата на јавните простори во земјава? Или само конфликт кој сè уште трае и се продлабочува? Конфликт што го дели (поларизира) општеството и со тоа го спречува неговиот развој? Што е демократија во денешен контекст и како таа (не) демократија се рефлектираше преку неможноста на раѓањето на агора?, вели Ивана Васева.

Васева и со дополна дека всушност АКТО на овој начин ги вложува своите ресурси во продукција на општествено сензитивни дела за јавен простор, повеќе отколку во дела со репрезентативна функција, и со тоа се позиционира како контрапункт на доминантната парадигма на фестивализација на културата. Дека Фестивалот за современи уметности „станува платформа која им дава повеќе простор на процесот, експериментирањето, создавањето заедно, сложеноста на содржината и слободата на формата, отколку на презентација на финалниот продукт“. Односно, дека тој го менува форматот, преиспитан и од замката на фестивализацијата и се свртува кон истражувачки практики, кои исто така продуцираат уметност на нови и поинакви простори кои имаат длабоко значење за општеството.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG