Достапни линкови

Домашните туристи ги наполнија домашните ски центри


Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Крушево деновиве може да се пофалат со значителна посетеност од домашни туристи. Поради неможноста да патуваат во странските ски центри, македонските граѓани ги преполнија домашните капацитети

Ограничените можности на македонските граѓани поради короната да патуваат надвор и да уживаат во зимските спортови и рекреација во соседните земји, оваа сезона ги наполни домашните центри. Сместувачките капацитети на Попова Шапка се полни, а долгите редици граѓани кои го чекаат својот ред на жичарниците се секојдневна слика, особено деновиве поради паѓањето на поголема снежна покривка.

Раководителот на ски центарот Попова Шапка, Живко Алексовски, вели дека го очекувале големиот бран домашни туристи.

„Хотелите на Попова Шапка се пополнети до последното легло. Протоколите кои се предвидени се почитуваат од страна на сите вработени во ски центарот. Оваа година ни се дуплирани и редарските служби и обезбедувањето, се со цел да се запазат протоколите , односно да се одржува потребното растојание од 2 метри пред билетарите и во ски лифтовите“, вели Алексовски.

Во скијачкиот центар редиците се најголеми токму пред ски-лифтовите. Дневниот билет се продава по цена од 1.000 денари, полудневниот билет е 700 денари. Билетот за ноќно скијање пак е 500 денари.

Изминатиот викенд започна и ски сезоната на планината Пелистер и тоа во ски центарот Нижеполе и Копанки. Традиционално за време на зимскиот распуст, но и за викенди Маврово е ,исто така, полно. Туристи има и во градот Крушево каде што секоја зима граѓаните уживаат на скијачките терени на Бушова планина. Од општина Крушево велат дека во моментот исполнетоста на сместувачките капацитети е околу 60 проценти поради протоколите за спречување на ковид 19, кои наложуваат преполовување на капацитетите.

„Очекуваме уште поголема заинтересиреност со новите наноси на снег. Се уште има слободни места, но интересот од ден на ден расте. Морам да напоменам дека угостителите и сместувачите се покажаа доста одговорни уште од почетокот на кризата и сериозно внимаваат на протоколите кои треба да се почитуваат. Терените се подготвени, жичарницата работи, ги очекуваме гостите“, вели Сотир Габелоски, вработен во општина Крушево.

Од туристичките агенции велат дека поради пандемијата многу малку граѓани се одлучуваат да патуваат во бугарските зимски центри, кои вообичаено беа најпосетени од македонските граѓани, но исто така истакнуваат дека група македонски туристи заминале во соседна Србија, по одлуката дека во земјата може да се влезе без ПЦР тест.

Покрај домашните туристи кои се најбројни во нашите ски центри, може да се забележат и туристи од соседна Албанија и Косово, но и од Украина, посочуваат од туристичките агенции. Но, она на што укажува Ивона Јакимовска од турстичката агенција „Камелија-турс“ е потребата од подобра инфраструктура која ќе привлече поголем број гости и нема да им предизвикува непријатности на посетителите.

„Потребна е итна изградба на инфраструктурата и итно да се направат паркинзи пред хотелите, бидејќи секој турист сака неговото возило да биде на паркингот пред хотелот каде што платил за престој, а не два или три километри подалеку да паркира. Тука треба и хотелиерите и локалното население да издејствуваат да се среди овој проблем со паркинзите, а потоа да се прават и нови капацитети за сместување што повеќе посетители“, вели Јакимовска.

Токму недостигот на паркинг места на Попова Шапка е причина што полицијата на 3-4 километри пред влезот во ски центарот го регулира сообраќајот. Тоа вели Јакимовска подразбира и околу половина до еден час пешачење до ски-центарот, а оние кои ги зеле и своите скии, мора сета опрема да ја носат во раце. Поради големата посетеност на ски центарот сите угостителски објекти се максимално исполнети, па чекањето за добивање маса може да потрае подолго.

Инаку, скијачките центри оваа сезона можат да работат само согласно протоколите за заштита од ковид-19. Мислењето дека тие може да работат го даде Комисијата за заразни болести, а Владата го прифати. Меѓу аргументите тие да бидат отворени е тоа што жичарниците во ски-центрите не се со затворени гондоли.

Изменет е и протоколот за нивна работа во однос на редарската служба пред билетарите и ски-лифтовите со што се предвидува да се држи растојание од 1,5-2 метри. Угостителските објекти работат само на отворен простор и со шалтерска продажба на прибор за еднократна употреба.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG