Земјава со одржување на парада на лицата од ЛГБТ заедницата, која е планирана за еден месец во Скопје, ќе покаже дека има современо општество во кое се почитува слободната волја на различните, велат луѓето од ЛГБТ заедницата и додаваат дека тоа е и протест со кој на јавноста и се свртува вниманието кон луѓето кои биле жртви на стигматизација поради различната ориентација.
Ирена Цветковиќ од Организацискиот одбор, вели дека има повеќе причини поради кои е потребно да се одржи Парада на гордоста во Скопје.
„Ние сме последни заедно со Босна во регионот кои досега немаат направенo Парaда на гордоста. Целта на овие прошетки, особено во регионот како нашиот, е многу помалку славење, а многу повеќе протестна порака. Целта е повторно да ги отвориме прашањата за човековите права на ЛГБТ луѓето, а очекуваме поддршка од сите, но дали тоа ќе се случи ќе видиме“, изјави Ирена Цветковиќ од Организацискиот одбор.
Луѓето од ЛГБТ заедницата побараа поддршка на парадата во Скопје да дадат владини претставници, политичари, јавни личности, активисти и граѓани.
Дел од граѓаните им даваат поддршка затоа што велат дека не сакаат стигматизација врз било која основа. Во јавноста, од друга страна, има размислувања дека околу правата на ЛГБТ личностите се даваат многу пари за нивна афирмација и поддршка кои доаѓаат од западните земји. Деновиве на социјалните мрежи имаше и граѓани кои коментираат дека пари наместо за парада за ЛГБТ заедницата треба да се вложуваат во здравство, образование и други приоритетни потреби на сите граѓани.
Протестот се одржува по неколку години откако кафуле во старата скопска чаршија беше демолирано за време на одбележувањето на втората годишнина од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Организаторите на парадата велат дека институциите треба да ја следат ситуацијата и да вложат напор секој поединец што ќе присуствува на Парадата да се чувствува безбедно.
„Ова е заеднички предизвик не само на политичари и активисти, туку на сите чинители. Свесни сме дека деновиве има сериозен говор на омраза, повици за линч и насилство на социјалните мрежи, но на ред се институциите затоа што треба да се гарантира мирен собир“ вели Цветковиќ.
Оваа година кај нас за првпат се одржа протестна прошетка на трансродовите лица на која тие упатија свои барања за почитување на човековите права.
Универзитетскиот професор по социологија Ѓорги Тоновски вели дека одржувањето на парадата на луѓето од ЛГБТ заедницата покажува дека со тоа што станува дел од современиот свет земјава треба да го гради односот кон сите тие прашања кои го отвораат современиот свет и кои се многу актуелни денес.
„Тоа секако ќе значи дефинитивно признание за либерализацијата на социјалните односи и на општеството во целина. Со оглед на тоа што се случува во светот и околу нас мислам дека очекувано беше дека таквото движење ќе се појави и на македонскиот простор. Ние не може да ја ставиме главата како нојот во песокот и да не гледаме дека околу нас таа групација е сепак присутна со целата своја специфична тежина и дека како демократско општество треба да овозможиме она за што се залагаме- различностите да доаѓаат до израз со тоа што ќе може и да се афирмираат како такви односно да се признае таквото постоење“, вели Тоновски.
Тој дополнува дека претходно долги години темата за луѓето од ЛГБТ заедницата во земјава не предизвикувала полемики, но оти преовладувал ставот дека за тоа прашање нема што да се разговара.
„Но очигледно е дека Македонија со тоа што станува дел од современиот свет мора да го гради односот кон сите тие прашања кои го отвораат современиот свет и кои се многу актуелни денес, бидејќи демокрaтијата не претпоставува негирање на групи и поединци, туку можност за афирмација на она што се нивни карактеристики“, вели Тоновски.
Парадата на ЛГБТ лицата во Скопје која треба да се одржи на крајот од јуни, ќе биде една од парадите кои секоја година се одржуваат во европските и во светските градови.