Продуктивен и посветен, тој беше модел за воен офицер, но имал тајна. Бил во хомосексуална врска со колега војник. Тоа, според воениот закон на Јужна Кореја, е криминал. 27-годишниот војник ја криел својата љубовна врска од сите, вклучувајќи ги пријателите и семејството, среќавајќи се со љубовникот надвор од воената база и после работното време.
Истополовите љубовни врски меѓу цивилите се легални во Јужна Кореја, иако хомосексуалците во голема мерка се кријат од јавноста затоа што мнозинството се конзервативни припадници на евангелистичката христијанска религија.
Јужнокорејската армија геј мажите во своите редови ги третира како луѓе со „посебни потреби“, а активистите за правата на ЛГБТ заедницата коментираат дека војниците се честопати следени и проверувани дали имаат истополови односи, како што пишува АФП.
„Работев многу напорно како офицер, но ништо од тоа веќе не ми беше важно кога станав осомничен. Имаше денови кога сакав да умрам“, изјави 27-годишниот војник, кој побара да биде анонимен.
Тој објаснува дека властите ја откриле неговата љубовна врска преку пораките во телефонот на неговиот партнер. Тој се соочил со кривично обвинение и евентуално присилно испраќање кај родителите за кои се надевал дека нема никогаш да ја дознаат вистината за неговата хомосексуалност, затоа што, како што вели, тие се конзервативни верни христијани.
Според воениот закон во Јужна Кореја, мажите имаат обврска да служат две години војска. Регрутираните војници служат во армијата како дел од патриотската должност, но доколку не го направат тоа, може трајно да бидат стигматизирани и тоа да им влијае врз социјалната положба и можноста за вработување.
Јужна Кореја е единствената земја со напредна економија која според воените правила хомосексуалните врски во војската ги третира како криминал. Доколку се докаже постоење на таква врска, геј војниците може да се соочат и со двегодишна казна затвор од Воениот суд. Ова е една од причините зошто геј војниците на некој начин се принудени да водат двоен живот, пишува АФП.
Офицерот, кој анонимно прозборува за ваквиот проблем во јужнокорејската армија, беше еден од 22-цата уапсени за хомосексуални активности во 2017 година. Тој беше и единствениот ослободен и прогласен за невин, затоа што истрагата го затекнала во последниот месец од отслужувањето на воениот рок, па неговиот предмет, наместо на Воениот суд заврши во граѓанска постапка.