Господине Мурати, според извештајот на Државниот завод за ревизија од 2020, објавен кон крајот на минатата година, многу мал дел од невработените наоѓаат работа преку Агенцијата за вработување, туку си наоѓаат сами. Во што е проблемот?
Агенцијата за вработување повеќе години спроведува еден Оперативен план за невработените лица. Минатата година реализацијата ни беше доста успешна, односно 96 отсто од оперативниот план беше реализиран, односно беа потрошени скоро 1,5 милијарди денари, преку различни основи и програми им се нудеше основ на невработените лица што полесно да се вклучат на пазарот на трудот. Тука влегуваат програмите за самовработување, субвенционирање на плати, вработување и раст на правни субјекти и за 2022 година Агенцијата за вработување има оперативен план од речиси 1,9 милијарди денари и тие средства се предвидени за невработените лица кои се пријавени во Агенцијата за вработување и преку основ на одредените програми што ги спомнав луѓето може слободно да аплицираат и да добијат грант по тој основ и да остварат свој бизнис.
Велите дека сте потрошиле 96 отсто од Оперативниот план. Колку луѓе се вработија со тоа?
Агенцијата спроведува повеќе мерки. Во 2021 над 2000 невработени лица основале свои компании кои успешно функционираат, ова е само делот во активната мерка на самовработување. Над 1800 невработени лица се вклучија преку програмата субвенционирање на плати. Вкупниот број на лица кои минатата година кои по основ на сите активни мерки, околу 12 илјади лица поминаа низ нашите активни мерки. Интенцијата е оваа година 15 илјади граѓани кои се активни баратели на работа во Агенцијата за вработување да се опфатат со сите овие мерки што ги предвидува Агенцијата.
Tоа значи да се вработат?
Тоа значи дека дел од нив ќе остварат свој бизнис, дека друг дел преку работодавачите ќе добијат субвенционирање на плати ако вработат невработено лице и дел од нив ќе добијат можност преку нашите програми, особено преку програмите за ИТ вештини, да се усовршуваат и сè полесно да се вклучат во пазарот на труд.
Во секој момент има околу 6000 слободни работни места, од друга страна бизнисмени се жалат дека не можат да најдат работници, а во исто време имаме 127 илјади невработени. Каде се јавува тој диспаритет? Што бараат работодавачите, а што се нуди на пазарот на труд?
Се бара скоро од сите профили, се бараат ИТ техничари, се бараат келнери, општи работници, работници за градежништво, итн.
Работодавачите постојано се жалат дека нема работници. Дали нема работници или нема работници за 300 евра?
Тоа веќе не е во надлежност на Агенцијата за вработување. Кај нас 120 илјади лица се водат како невработени, според податоците на Агенцијата. Во склоп на пандемиската криза и сега економска криза, реално не може да се очекува некое поголемо движење затоа што гледаме дека и другите земји коишто се многу поразвиени од нас имаат проблеми со невработеност и со загуба на работни места на одредени позиции. Наше е за наредната година да предвидиме повеќе средства за тие граѓани кои ќе изгубат работа по кој било основ или кои се невработени, да им нудиме можност за нивно усовршување и сè полесно да се вклучат на пазарот на трудот.
Целото интервју со директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати може да го погледнете во видеоснимката на почетокот на овој текст.