Помалку од 10 отсто од луѓето кои биле прогласени за технолошки вишок повторно нашле работа, бидејќи Агенцијата за вработување потфрлила во обидот да ја намали нивната бројка преку посредување со работодавачите.
Според податоците од последниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата, забележливо е дека и покрај заложбата за учество во посредување мал е бројот на лица кои се вработиле во периодот од 2016 до 2020 година. Ова се однесува на невработените луѓе кои добиваат паричен надомет од државата затоа што останале без работа по основ на технолошки вишок, стечај или сезонски работници.
Според податоците на државниот ревизор лани во Агенцијата за вработување од 1. 099 невработени кои земаат паричен надоместок и бараат работа само 119 се вработиле преку посредување на Агенцијата. Од овие 119 луѓе вкупно 90 проценти или 107 луѓе се вработиле во дејноста образование.
„Имено, се работи за лица кои биле вработени на определено време во образовните установи, по што го искористиле правото на паричен надоместок и повторно најголем дел од истите се вработуваат во истите образовни установи преку посредување на Агенцијата“, се вели во извештајот.
Во 2019 година од 2. 152 корисници на паричен надоместок само 88 луѓе нашле работа со помош на Агенцијата. Слична е ситуацијата и во 2018 година.
„Во претходниот период, малиот број на вработувања преку посредување на Агенцијата се должи на тоа што дел од лицата кои се пријавени како невработени не доаѓале на интервју за работа во Агенцијата бидејќи истото не било задолжително, односно не било пропишано како обврска со закон“, се вели во извештајот.
Лани бројот на невработени кои добиваат паричен надоместок од државата пораснал за 47 проценти во однос на 2019 година, односно регистрирани се вкупно 6.710 невработени кои се корисници на паричен надоместок од државата.
Право на паричен надоместок има невработеното лице кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Според законот, невработените лица кои се корисници на паричен надоместок спаѓаат во регистарот на невработени лица, односно се водат како активни баратели на работа, иако за изминативе пет години само неколку стотини успеале да се вработат.
Професор Темелко Ристески вели дека проблемот за неуспехот на посредување за вработување на корисниците на парична помош лежи во инертноста на институцијата.
„Една страшна инерција како патолошка појава, органот на власта треба да биде ефикасен сервис во конкретниот случај за вработување на граѓаните, треба будно да ги следи состојбите и брзо да реагира и да брзо и ефикасно да изнаоѓа решнија за граѓаните. За жал, кај нас во јавните институции и служби конкретно во Агенцијата за вработување има голема инерција, и треба да се бориме против таа инерција“, вели Ристески.
Агецијата исплатила за една година 28 милиони евра за паричен надоместок заедно со придонеси за пензиско и здравствено осигурување што претставува 53 проценти од приходите на Агенцијата.
Системски проблеми во работењето на Агенцијата за вработување
Ова е само една од системските слабости кои ги утврдил ревизорот при минатогодишното „чешлање“ на работата на Агенцијата за вработување. Меѓу другото ревизорот изрази и неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансискиот извештај и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Како системски слабости ги наведува и потребата од измената на законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, потоа недонесување на нов Колективниот договор на ниво на работодавач како и податокот дека не е доставен предлог до Владата за утврдување на вредноста на бодот за пресметка на платите на вработените.
Ристески вели дека е парадокасално тоа што ревизорот утвридил дека во Агенција за вработување недостасува кадар во одредени сектори.
Дополнително ревизорот утврдил дека вработените во Агенцијата за вработување добиваат помала плата затоа што според систематизацијата се заведени со едно звање пониско.
„Со измените на актот за систематизација предвиден е вкупниот број на работни места за даватели на јавни услуги и помошно технички лица по категории, нивоа, општите и посебните услови кои истите треба да ги исполнат, но во текот на 2020 година за овие работни места не е извршено распоредување на вработените. Наведената состојба упатува на нецелосна усогласеност на актот за систематизација со измените на законот што има влијание врз остварувањето на правата од работен однос и пресметката на бруто платата“, се вели во извештајот.
Ристески посочува дека тука проблемот е во контролниот механизам кој требало да интервенира за да се отсранат тие неправилности.
„Не смее на тој начин да се манупилира со вработените, тука има инспекција на трудот која треба да се активира и да си ја изврши таа работа за да се отстранат тие неправилности, но и тука се работи за инерција на инститициите. И во контролните институции имаме недоволен ангажман“, објаснува тој.
Дополнително во ревизорскиот извештај евидентирано е и надминување за законскиот праг за спроведување на јавни набавки без распишување на тендер и слабост во следењето на реализацијата на договорите.