Достапни линкови

 
Македонски патнички транспорт - многу лиценци, а малку вработени возачи

Македонски патнички транспорт - многу лиценци, а малку вработени возачи


Автобуската несреќа во Бугарија
Автобуската несреќа во Бугарија

Беса транс немала ни лиценца, ни возачите биле пријавени во редовен работен однос, како што налага законот. Бројките покажуваат дека има 1031 лиценца за автобуси за меѓународен собраќај, а сертификати имаат околу 15 илјади возачи. Лиценцата пак за автобус чини 14 илјади денари.

Автобусот на Беса транс кој учествуваше во сообраќајната несреќа на магистралниот пат Струма во Бугарија немал ни лиценца, а возачите не биле пријавени, иако на превозниците, согласно законот, не им е ограничен бројот на лиценци, ни на возачи. Во несреќата загинаа 45 патници, а седум беа повредени.

Беса транс, како што и претходно пишуваше РСЕ, имала 4 лиценци за автобуси и 4 сертификати за возачи. Но, конкретниот автобус, како што се покажа, злоупотребувал лиценца од друго возило и македонската граница на тој начин ја поминал повеќе од 130 пати. Се уште не е познато дали возачите имале сертификати потребни за да ја извршуваат дејноста, но факт е дека не биле во редовен работен однос, како што налага законот. Тоа го потврди министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција за несреќата.

Лиценците чинат 14 илјади денари

Во членот 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај се наведува дека лиценца може да добие секоја фирма која е сопственик на едно или повеќе возила. Министерството за транспорт и врски има регистрирано 294 превозници на кои им се издадени лиценци за вршење на меѓународен патен сообраќај. Лиценците пак за вршење на меѓународен превоз на патници, како што ни одговорија од Министерството за транспорт и врски изнесуваат 14 илјади денари. Изводите од лиценци кои произлегуваат од горенаведните лиценци, како што додаваат од министерството, се издаваат за возило поединечно и за нив не се наплаќа административна такса

„Министерството за транспорт и врски, согласно Законот за превоз во патниот сообраќај, има издадено вкупно 1031 извод од лиценца за автобуси за вршење на меѓународен слободен сообраќај“, велат од министерството.

Во законот се наведува и дека фирмата треба да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило и да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки. Тоа значи дека Беса транс и по овој основ го прекршила законот.

„Во однос на бројот на сертификатите, во електронската база на податоци во Министерството за транспорт и врски има евидентирано околу 15 илјади сертификати издадени на професионални возачи за патнички и товарен транспорт“, додаваат од министерството.

Нема доволно возачи?

Ако се погледнат бројките во државата излегува дека има доволен број на возачи споредбено со бројката на автобуси кои имаат лиценца за вршење на меѓународен превоз. Но, Билјана Муратовска од Макам транс вели дека има голем одлив на возачи во земјите од ЕУ. Таа додава и дека осум месеци не можеле возачите да полагаат за добивање на сертификат.

„Ако државата не обезбедила услови да има полагање. Тоа е еден од условите да пријавите и да добиете извод од лиценца во министерството да има да поседува сертификат за професионална компетентност. Ние се соочуваме со проблем во однос на полагањето и имаме проблем бидејќи приучени возачи имаме што завршиле курс.

Министерот Бочварски најави измени на законот за полагање на возачите за добивање на сертификати.

„Ќе се овозможи во случај да не функционира во иднина ваквиот систем односно софтвер за полагање на сертификати за возачи да може да полагаат и во хартиена верзија. Но, тие две измени кои што се поднесени се уште не се изгласани во Собранието на Република Северна Македонија“, рече Бочварски.

Според Муратовска, една од проблемите е и каков квалитет на возачи имаме.

„Дваесет години и повеќе немаме смер возач во средните технички школи каде што би излегле луѓе кои што се специјализирани, бидејќи возачот не е она што го замислуваат луѓето. Треба да биде навистина познавач на многу прописи и закони. Не е доволно да знаеш само да возиш и да имаш возачка дозвола. Треба да имаме стручни и оспособени лица кои што ќе си ја сакаат својата работа“, вели таа.

Муратовска додава дека прашање е и староста на автобусите, дали се купени од фабрика, дали се репарирани, на кој начин се користени. Државата, според неа, треба да преземе мерки да им помогне со субвенции на превозниците за да се исфрлат сите застарени возила за да имаме побезбеден сообраќај.

Сопственикот на „Беса Транс“ Беким Хаџиу во интервју за бугарската телевизија БТН изјави дека автобусот пред да тргне за Истанбул бил на сервис и се било во ред. Опожарениот автобус е од 2007 година, но, кaко што наведе Хаџиу, бил купен од пред околу три години. Хаџиу посочи и дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG