Достапни линкови

Пронајдено 45-тото тело од изгорениот автобус, „Беса-транс“ злоупотребувала лиценца


Фотографија од изгорениот автобус на автопатот Струма во Бугарија
Фотографија од изгорениот автобус на автопатот Струма во Бугарија

Обезбеден е биолошки материјал од роднините на 44 загинати патници и истиот е предаден на бугарските обвинители. Денеска е пронајдено и 45-тото тело при дополнителен преглед во изгорениот автобус. Преживеаните се во добра состојба и веќе утре двајца ќе бидат пуштени на домашно лекување

Обезбеден е биолошки материјал од роднините на 44 патници кои загинаа во автобуската несреќа и истиот е предаден во Обвинителството, соопшти попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој информираше дека на 23 ноември тим на МВР бил на местото на несреќата во Бугарија и тоа што било дознато е дека автобусот кај местото Кула на автопатот „Струма“ удрил во банкината, возачот загубил контрола, а потоа удрил и во левата ограда на автопатот.

„Автобусот во 2020 година во 22 случаи има остварено влез и излез од државата, додека во 2021 година има 113 преминувања на државната граница. Очигледно се користени лиценци од други возила. Автобусот е регистриран е пред три години, а последен технички преглед е направен минатиот месец. Наодот на техничкиот преглед е дека нема неисправност и нема забелешки. Автобусот е произведен во 2007 година“, рече Спасовски.

Тој потврди дека сопствениците на „Беса транс“ се во земјава и се достапни на органите на прогонот. Спасовски вели дека се обезбедуваат сите материјали и документација кои се побарани од нив и дека во јавното обвинителство има отворено предмет со цел да се утврди евентуална одговорност на правното лице.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски пак рече дека превозникот „Беса Транс“ вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и свесно го прекршувал Законот.

„Превозникот ниту го пријавил, ниту побарал од Министерството за транспорт и врски извод од лиценца за опожарениот автобус и поради тоа не е евидентиран во единствената база на податоци. Друга работа што е многу важна а со која се шпекулира во јавноста е начинот како превозникот „Беса Транс БТБ“ ја минувал границата. Изводот од лиценцата што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот „Беса -Транс БТБ“, потенцираше Бочварски.

Компанијата поседувала 2 лиценци за надворешно и внатрешно сообраќање. Првата ја одземавме, а втората е истечена односно исто така неважечка. Овие лиценци се однесуваат на правното лице „Беса-транс“ како фирма, а не на превозното средство. Во однос на изводите од лиценци во меѓународниот сообраќај, „Беса-транс“ поседувал изводи од лиценци за 4 автобуси. Министерството веќе и ја одзеде лиценцата за работа на овој превозник.

По барање на Обвинителството и Министерството за транспорт веќе ја предало целосната документација за превозникот „Беса Транс БТБ“ и во наредниот период ќе постапува според барањата и потребите на Обвинителството.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека здравствената состојба на преживеаните е добра и веќе утре се очекува да бидат пратени на домашно лекување првите двајца, а во следните денови и другите. Тој исто така додаде дека најверојатно во средината на следната недела ќе заврши идентификацијата на жртвите и да почне процедурата за транспорт на посмртните останки во земјава.

Нема уште еден спасен, пронајдено е 45-тото тело во автобусот

Претходно македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја потврди веста дека во опожарениот автобус на „Беса Транс“ е пронајдено 45-тото тело. Како што додаде се работи за лице на помала возраст. Телото кое било пронајдено во изгорениот автобус е пренесено во Институтот во Бугарија, рече обвинителот. Обвинителот вели дека не треба да се има сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело.

„Затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт“, изјави Јовески.

Во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница, изјави Јовески.


Министерство за транспорт: Превозникот „Беса Транс“ свесно го прекршувал Законот

Во меѓувреме бугарски обвинители денеска пристигнаа во Скопје за да ги земат ДНК-анализите од роднините на загинатите. Јовески упатил и замолница до властите во Бугарија во утврдувањето на идентитетот на починатите да се вклучат и двајца претставници од Институтот за судска медицина со цел да се забрза процесот на идентификација.

Претходно бугарскиот заменик главен обвинител и раководител на Националната истражна служба Борислав Сарафов изјави дека екипа од бугарското обвинителство испратена во Скопје ќе остане во Македонија до недела. Тие треба во Бугарија да ја донесат документацијата поврзана со изгорениот автобус и примероци од ДНК од роднини на загинатите. ДНК профилите ќе се искористат за споредба со ДНК-профилите на жртвите, што ќе ја забрза постапката на идентификување која се очекува да трае најмалку седум дена.

Кизов: Обвинителството требаше веднаш да ја побара листата на патници

Инаку во текот на вчерашната прес конференција на бугарското обвинителство беше соопштено дека се пронајдени 44 тела, а не 45 како што првично се тврдеше. Токму затоа веднаш по прес конференцијата на бугарските колеги, главната обвинителка за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска издаде усна наредба со СВР Скопје да се обезбедат листи на патници кои патувале со автобусите на „Беса транс“ на турата за Истанбул. Истата наредба ја издало и бугарското обвинителство до бугарските гранични служби.

Поранешни јавни обвинители коментираат дека реакцијата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е задоцнета и дека листата на патници требало да биде побарана уште истиот ден.

„Во една таква трагична ситуација кога имаме толку многу жртви, нормално е и обвинителите да се потресени, но сепак треба да внимаваат за да не направат понатаму некоја друга грешка. Сите активности кои се преземаат треба да се координираат меѓу двете обвинителства, македонското и бугарското. Јас сепак очекувам дека истрагата ќе се води со добра динамика“, вели поранешниот обвинител Константин Кизов.

Од „Беса транс“ се недостапни за инспекторите

Во меѓувреме Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) информираше дека вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, бидејќи, како што изјави за МИА директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.

„Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи“, најави Хусеини.

Според информациите што ги добила МИА пак, ако автобусот на „Беса транс“ немал валидна лиценца за превезување патници, тој врз основа на прописите на ЕУ, не би смеел да премине граница на Европската Унија.

Европската комисија не се меша во истрагата, како што пренесува МИА, иако законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција и не е исклучено дека тие биле прекршени.

Двајцата македонски цариници пак кои го пуштиле автобусот да помине преку границата вчера беа отпуштени. Царинските службеници биле на смена кога автобусот излегол од Северна Македонија.

Инаку на турата за Истанбул на 18 ноември тргнале четири автобуси. Едниот од нив имаше несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, а останатите три истата ноќ се вратија во земјата.

угарското обвинителство вчера соопшти дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“. Според првичната верзија од истрагата, дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот.

Причина за смртта на сите загинати е задушување од пожарот, соопштија бугарските обвинители од Државното јавно обвинителство. Тие наведоа дека обдукциите се завршени и покажале дека ниту еден патник не починал од здобиени повреди од ударот, ниту пак од експлозијата.

Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија кои од Истанбул се враќаа во Скопје преку Бугарија. Првичните информации беа дека се загинати 46 патници, а дека седум се преживеани и префрлени во болница, а потоа во официјалните соопштенија беше наведена бројка од 45 загинати.

Ова е една од најголемите сообраќајни незгоди во Европа во последните години. Во февруари годинава во автобуска несреќа која се случи на автопатот Скопје-Тетово загинаа 16 патници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG