За прв пат на обвинителна клупа ќе треба да седне сега поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Тој е обвинет дека од позиција на моќ, со злоупотреби на системот, сам три години одредувал кој судија е подобен да одлучува за предмети од организиран криминал.
Ваквата ситуација го отвора прашањето што ќе се случи со предметите и луѓето кои биле осудени за организиран криминал од таканаречените „подобни судии“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.
Тој вели дека за тие предмети ќе треба да се повтори постапката, само ако се докаже дека поранешниот претседател на судот ја злоупотребил својата позиција и местел предмети во АКМИС-от.
„Да се бара повторување ако решавањето на тие предмети е производ на таканаречена местенка од претседателот на судот. Ако некој се смета за оштетен од таа страна би поднел барање за повторување на тие предмети, но треба да има доказ, а доказ може да биде пресуда за претседателот кој е ообвинет дека ги местел предметите.
Во обвинението од Основното јавно обвинителство е посочено дека со амин на Панчевски 40-тина предмети од организиран криминал, два од основното јавно обвинителство и два од СЈО биле доделени на судии по негов избор.
„Во текот на временскиот период кој е детално истражен од страна на надлежниот обвинител, беше констатирано дека со давање на писмен „параф“, обвинетиот наредил распределба кај конкретни судии,“ се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Панчевски, по ова се огласи на Фејсбук, при што ја обвини власта дека преку него амнестира криминалци.
„Ако Панчевски е криминалецот што распоредувал предмети, а суделе судии избрани од Судскиот совет во прва степен, а потоа постапувале по жалба и по вонредни правни лекови! Со ваквиот потег власта амнестира 48 предмети од областа на организираниот криминал и корупција правосилно завршени во сите судски инстанци! Кои криминалци од висок ранг ги спасува власта, а обвинителството на Јовевски одработува останува да видиме, “пишува Панчевски.
Во меѓувреме, се наметнува и прашањето кои се механизмите за заштита на судиите од политичко влијание преку АКМИС-от. Неодамна и ВМРО-ДПМНЕ јавно обвинуваше дека во Основниот суд Скопје 1 се злоупотребува системот за распределба на предмети.
Од министерството за правда велат дека ефектите од новите законски решенија, веќе се чувствуваат и дека со новиот закон за судови воведена е и обврската за надзор над функционалноста на АКМИС-от.
„Досега е завршен надзорот над осум судови и веќе гледаме драстично различна ситуација од она што го имавме во претходниот период. Сега резултатите покажуваат дека претседателите не се дрзнуваат да распределуваат предмети под рака или на начин недозволив од законот. Во случај на злоупотреба на системот, ставена е основа за одговорност на судија којшто ќе прими предмет распредлен надвор од АКМИС системот и следи постапка за негово разрешување, исто така и за претседател на Суд којшто ќе распредели предмет надвор од АКМИС-от, ќе биде разрешен. Покренатите кривични постапки за одговорност за злоупотреба на АКМИС системот исто така даваат резултати.
Основната цел на АКМИС-от беше да ги спречи злоупотребите и манипулации, односно главниот предизвик беше да се спречи влијание на судии врз местење на одредени судски процеси и нивно побрзо евидентирање односно побрзо распределување и завршување на приметите.
Илиев вели дека од техничка смисла секога постои начин за добра заштита на АКМИС-от од политичко влијание, но факторот човек е секогаш опција за изменување на системот.
„ Претседателот како прв меѓу еднаквите можеби треба да се исклучи со закон за да нема допир со предмети и така може да гарантира безбедноста на секој предмет од влијание по таа основа. Вака како што е поставеноста да тој раководи со комплетната судска администрација, и со комплетниот систем на предмети тешко дека ќе може да се заштитат предметите од влијание на некој претседател“, објаснува Илиев.
Во дел од препораките на комисијата за надзор од Министерството за правда е наведено дека годинава ќе се извршат 16 надзори во судовите и укажува на досегашните увидени слабости на судовите.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија многу ретко ги посетува судовите и врши увид во нивната работа. Се препорачува на Судскиот совет да земе по активно учество и увид во работата на судовите,“ една од слаботите кои ги посочува комисијата.
Таа меѓу другото наведува дека во однос на АКМИС-от во одреден број судови со проширена надлежност нема судски администратори,што е неопходно, дека Судскиот совет не треба да ги делегира од поголемите судови во судовите во Скопје и да направи подолгорочна стратегија за реална потреба од судии и дека во одреден број на судови има неархивирани предмети.
Базата на АКМИС се наоѓа во Врховниот суд и во неа може да влезат членовите на Судскиот совет и претседателите на основните судови, но не можат да интервенираат. Имплементацијата на АКМИС системот заврши во декември 2014, кога како последен влезе Скопскиот суд за прекршоци. Воведувањето на системот почна од јануари, 2010, кога министер за правда беше Михајло Маневски, а претседател на Врховниот суд беше Јово Вангеловски, кој и сега е новоизбран претседател на највисокиот суд.