Достапни линкови

Во Македонија повеќе судии по жител отколку во земјите од ЕУ


Ревизија на кадарот во обвинителствата и судовите, како и итна стратегија за подобрување на менаџирањето со човечки ресурси и подобри кадровски политики се дел од препораките од извештајот подготвен минатата година од Оценската мисија за обука на судии и јавни обвинители.

Недостатокот на судии и обвинители честопати во јавноста се посочува како главен проблем за бавната правда, долгогодишните судски парници и нерешените судски предмети. Голем дел од судовите во внатрешноста се жалат на немање доволно кадар, а слична е состојбата и со обвинителствата. Неодамна судските соработници бараа да можат да напредуваат во кариерата без при тоа да имаат завршено Академија за јавни обвинители и судии, односно да го исполнат овој услов откако ќе бидат унапредени.

Неодамна, јавниот обвинител Бодан Лазаревски во интервју за новиската агенција МИА посочи дека на Јавното обвинителство му е неопходно кадровско зајакнување.

„Вредно е да се потенцира дека во јавното обвинителство беше утврдена потреба од вкупно 251 јавен обвинител, а во моментов имаме само 176 јавни обвинители. Во поглед на админстрацијата, според систематизацијата, предвидени се вкупно 1.130 вработени, од кои пополнети се само 356 работни позиции, што е за 774 лица помалку од предвиденото“, изјави Лазаревски.

Овој став во целост не го делат судиите Ленарт Јохансон и Драгомир Јорданов кои минатата година во име на Оценската мисија на Европската комисија извршија мониторинг на процесот на обука на новите кадри. Во нивниот извештај е наведено дека недостигот на персонал во службата на обвинителството е аргумент кој постојано бил посочуван од нивните соговорници во македонските институции за заобиколување на Академијата за јавни обвинители и судии во процесот на вработување на ваквите кадри.

„Сепак, не постојат објективни податоци кои ја поддржуваат оваа проценка. Експертите идентификуваа итна потреба да се воспостави стратегија за менаџирање на човечки ресурси и кадровска политика како во судството, така и во службата за обвинителството“, се вели во извештајот што е подготвен за Европската комисија.

Авторите на овој извештај посочуваат дека, што се однесува до судиите, нема очигледен проблем за пополнување на слободните работни места.

„Според стратегијата за реформа на судскиот совет на Министерството за правда за период од 2017 до 2022 година, бројот на судии по глава на жител во земјава е поголем отколку во европските земји и бројот на судии од 550 се очекува да се намали на 500, следејќи ја судската мапа и евентуално намалувањето на бројот на судови. Ќе биде корисно ако се направи слична ревизија и на состојбата со обвинителите“, пишува во извештајот.

Државата треба повеќе да вложува во ресурсите на обвинителствата за да може да се подобри капацитетот на обвинителите во борбата против криминалот, посочи директорката на Академијата за јавни обвинители и судии Наташа Габер - Дамјановска, одговарајќи на прашањето која е причината што довела до недостаток на кадар во изминативе години.

„Не знам колку е мотивирачки за луѓето да сакаат да се вработат во Обвинителството, не знам дали Обвинителството дало доволно можности и конкурси луѓето да се вработат. Актуелно мислам дека е проблем и со недостаток на стручни соработници. Еве ако речам и за обвинителите дека треба да изгубат време па да минат низ едукативниот процес на Академијата, стручните соработници може да се примаат на конкурс, не зависат од Академијата, така што и тоа би можело да се направи во блиска иднина“, вели Габер – Дамјановска.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG