Достапни линкови

Македонија би станала регионален енергетски центар и коридор


Работници на конструкција на гасовод. Илустрација.
Работници на конструкција на гасовод. Илустрација.

Премиерот Зоран Заев и помошник државниот секретар за енергетика и ресурси на САД, Францис Р. Фанон по денешната средба најавија енергетско поврзување на Македонија и Грција за снабдување на гас на земјата, но и регионот. Со тоа, според нив, ќе се воспостави пазар меѓу земјите од регионот.

Вклучување на Македонија во изградбата на терминалот за течен гас во близина на Александрополис, како и поврзување на интерконекторот во Грција, преку кој ќе се добива природен гас од Азербејџан, најавија премиерот Зоран Заев и помошник државниот секретар за енергетика и ресурси на САД, Францис Р. Фанон по денешната средба во Владата.

Заев истакна дека регионалната соработка е дел од приоритетите во стратегијата на Владата за енергетика и од таму произлегуваат конкретни мерки и проекти за прекугранично поврзување. Северна Македонија, според него, ќе забрза неколку проекти со помош на САД како резултат на неодамнешните посети на владините делегации Атина и Солун.

„Овие проекти на нашата земја ќе и обезбедат стабилно и континуирано снабдување со гас, независност и конкурентни цени што е во согласност со нашата долгорочна енергетска стратегија“, рече Заев.

Со Фанон разговарале и за повторно ставање во функција на нафтоводот Солун-Скопје, кој е изграден во 2000 година. Според Заев, претстојат преговори со Окта и Хеленик Претролеум и тој изрази надеж за изнаоѓање решение за што побрзо ставање на капацитетот во функција.

„На тој начин ќе биде создаден хаб центар во Скопје и од овде освен домашниот пазар би се снабдувале со деривати и пазарите и во другите земји во регионот. Сакам да нагласам дека со ова поврзување на Северна Македонија со Грција со поддршка на САД и ЕУ ја прави нашата земја енергетски коридор за земјите од Југоисточна Европа за алтернативен пристап до значајни енергетски ресурси“, додаде Заев.

Фанон рече дека САД ќе ја поддржат Владата во плановите Македонија да се изгради во регионален актер во областа. Според него, се гледа еволуцијата и развојот на еден нов енергетски пазар, а Грција е предводник со оглед на инфраструктурата на државата за прием на енергетските ресурси.

„Меѓутоа понатаму со ваквите приклучоци на релативно помалите земји со мала побарувачка во еден поголем пазар кој што може да ги катализира инвестициските можности ќе се овозможи еден трансформативен економски напредок за земјата, но и за целиот регион“, рече Фанон.

Тој изрази задоволство од интересот на македонската Влада за приклучување на терминалот во Александрополис што ќе има ефект во намалување на цените. Според него, разговорите меѓу Хеленик Петролеум и Окта напредуваат и грчката страна е посветена на соработка и партнерство во сите сфери, а САД даваат поддршка.

Фанон порача дека геополитичките импликации од проектите се значителни затоа што во моментот регионот има само еден ефективен добавувач на енергија, што значи дека нема пазар, туку земјите се зависни. САД, според него, сакаат да се формира пазар во регионот.

„Грција е спомената како еден предводник, меѓутоа Северна Македонија е важна од географски аспект како регионален центар. Значи рафинирани производи, увоз на такви производи, дистрибутивна мрежа и значи поголема отпорност, издржливост и пазар. Тоа важи за природниот гас. Меѓутоа потребна е политичка волја за ваквата визија да стане стварност. Ние сакаме да го поддржиме тоа и да ги поттикнеме американските инвестиции да дојдат овде во Северна Македонија и со задоволство ќе го направам тоа“, додаде тој.

Заев информираше дека во интерконтекторот со Грција ќе се вложат 54,4 милиони евра, а 13 милиони евра се обезбедени преку грант од ЕУ и дека државата има интерес и за акционерско учество во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG