Достапни линкови

Што бараа, а што добија фирмите и работниците од четвртиот пакет мерки?


илустрација, вработени во угостителски сектор
илустрација, вработени во угостителски сектор

Најголем број од барањата на фирмите и синдикатите, власта ги послуша и ги вгради во мерките предвидени со четвртиот пакет мерки за стабилизација на економијата. Бизнис заедницата ги поздравува мерките и се надева дека тие ќе ги ублажат последиците од кризата

За Славчо Јорданов, сопственик на приватна фабрика за прехранбени производи во Неготино, олеснувањата од четвртиот пакет економски мерки, неговиот бизнис ќе ги почувствува само преку мерката што се однесува на платежните картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности. Тој вели дека уште со третиот сет мерки кога беа пуштени во употреба платежните картички (тогаш со износ од 9000 денари) се забележала поголема потрошувачка на производите на неговата фирма.

„Преку платежните картички кои ќе ги користат неколку категории граѓани, ние ќе добиеме помош на тој начин што ќе се трошат македонски производи многу повеќе, односно ќе се трошат нашите производи. Поголема потрошувачка, поголем профит. Тоа веќе го осетивме преку картичките од третиот сет мерки и тоа секако ни помогна да се зачуваат работните места кај нас и одржување на производството и прометот“, вели Јорданов.

Неговата компанија нема да ја користи првата мерка која се однесува на поддршка на исплата на плати до крајот на годината, бидејќи за среќа, немало пад на заработувачката, а со тоа и сите вработени си ги задржале работните места. Сепак Јорданов вели дека оваа мерка е за поздравување, особено кај секторите кои се најпогодени од корона кризата, како што се угостителството и туризмот. Јорданов сега ја очекува исплатата на 25 проценти од сумата која ја инвестирал во фирмата во периодот на корона кризата, односно на една од мерките од претходниот сет мерки.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека четвртиот сет мерки ги рефлектира барањата на бизнис заедницата. Мерките не се општи, туку таргетирани и пристапот е променет, вели Дрилон Исени, директор на Комората. Сепак тој додава дека предизвик ќе биде имплементацијата на мерките на терен.

„Големото прашање е како ќе се реализираат овие мерки, бидејќи неколку од нив се поврзани со одредени критериуми, односно услови од страна на Владата. Очекуваме сега да се објават и правилниците за примена на објавените мерки“, вели Исени.

Владата вчера го претстави четвртиот пакет економски мерки кои се наменети за полесно справување со последиците од кризата со ковид 19. Премиерот Зоран Заев него го најави како директна помош за економската и социјалната сигурност на граѓаните, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст. Од владата велат дека се консултирале со бизнис заедницата и синдикатите, кои пак претходно објавија свои барања.

Па така Стопанската комора на Македонија излезе со предлог од 25 мерки за помош на стопанството да ја преживее ковид-кризата, а синдикатите бараат владината помош директно да заврши кај работниците, а не кај работодавачите. Од Сојузот на стопански комори побараа полесен пристап до бескаматни кредити, одложување на плаќањето даноци, справување со сивата економија, а најголем дел од нивните членки побарале да продолжи државната помош за исплаќање на минималната плата од 14500 денари по вработен до март наредната година.

Во таа смисла, Владата предвидува поддршка за исплата на плати која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно за месеците октомври, ноември и декември, но не и до март како што побара Сојузот на стопански комори.

Новина во овој пакет мерки е што најпогодените сектори ќе добијат поголема финансиска помош за плати на вработените до 21.000 денари, што подразбира субвенционирање покрај на платата и на придонесите. Оваа мерка ќе се однесува на компаниите кои претрпеле пад на приходите над 30%.

Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра, а за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.

Во однос на справувањето со сивата економија, четвртиот сет мерки предвидува повластена стапка на ДДВ за ресторанска дејност од 10% наместо досегашните 18 и 5 %, со цел да се стимулира дејноста, а да се дестимулира сивата економија. За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе стапи во сила на 1 јануари 2021, најави премиерот Заев.

Новиот пакет мерки предвидува и враќање на туристичка такса за регистрираните субјекти кои реализирале услуги за сместување во 2019 година, како и поддршка во вид на исплата на плата за октомври, ноември и декември за туристичките водичи во висина од нешто над 21.000 денари.

Мерките предвидуваат и финансиска поддршка за туристичките агенции кои се меѓу најпогодените од ковид кризата и регистрираните угостителски објекти за организација на свадби и веселби.

Што се однесува до барањето за полесен пристап до бескаматни кредити, од Владата најавија продолжување на грејс периодот за бескаматните кредити од ковид 1 програмата до крајот на годината. Во делот на одложување на плаќањето даноци, Владата исто така во мерката бр. 20 предвидува одложено плаќање на даноците до крајот на годинава. Понатаму, се укинува данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, а трошокот за приватно здравствено осигурување и за тестирање од КОВИД – 19, се признава како признаен расход. Исто така се одложува плаќањето на аконтација на данокот на добивка, а се ослободуваат од ДДВ и донациите од јавен карактер, за уште 12 месеци.

Сојузот на синдикати на Македонија, пак, исто така побара продолжување на помошта за исплата на минимална плата. Но покрај ова синдикатите побараа мораториум на долговите на сиромашни семејства кон извршители, банки и државни органи и 100 отсто исплаќање на плата за хронично болните, бремените жени и мајките на деца до 10 години кои досега не одеа на работа, како и 100 отсто од плата за оние кои ќе бидат заболени од ковид-19 или во самоизолација.

Мораториум на долговите за сиромашни семејства кон извршители, банки и други државни органи нема во мерките, хронично болните, родителите со деца до 10 години и мајките на породилно отсуство веќе се вратија на работа. Самохраните родители пак, пензионерите и невработени кои се пасивни баратели на работа се опфатени со втората мерка која се однесува на платежните картички, кои сега ќе се доделуваат со износ од 6000 денари, а не од 9000 како што беше во третиот сет мерки.

„Платежни картички ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наши сограѓани пензионери, невработени кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници“, соопшти Заев.

Од ССМ посочија дека нивна главна цел е зачувување на работните места. Нивното барање за продолжување на субвенционирањето на платите онаму каде што производството е намалено за повеќе од 30 проценти, владата го прифати, но за синдикатите е клучно субвенционирана помош за плати да се исплаќа директно на сметките на работниците, за да не се повторат злоупотребите од некои газди кои тие пари никогаш не ги дадоа на работниците.

Во оваа насока, премиерот уверува дека поддршка нема да добијат компаниите кои добиле државна помош, а не ги исплатиле обврските кон вработените. За да може да аплицираат мора претходно целосно да ја исполнат својата законска обврска, а потсети и дека постои кривична одговорност за евентуални злоупотреби.

Со цел да се овозможи поголем извоз на компаниите, како и полесен пристап до суровини се предлага и мерката државна царинска гаранција, а со мерката државна кредитна гаранција, државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.

Како дел од четвртиот пакет се опфатени и занаетчиите, лозарите, приредувачите на игри на среќа. Последната мерка од овој пакет е викенд без ДДВ. Мерката предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, а во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.

Вредноста на последниот пакет мерки изнесува 470 милиони евра, а вредноста на првите три пакети изнесуваше 550 милиони евра. Со тоа, вкупната помош за поддршка на стопанството и граѓаните, за стабилизација на економијата и можност за нејзина ревитализација надминува над една милијарда евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG