Достапни линкови

Коронавирус во светот, загаден воздух дома


Протест на „Петоци за иднината“ против увоз на отпад
Протест на „Петоци за иднината“ против увоз на отпад

Ширењето на коронавирусот во светот е една од главните теми во дневниот печат. Весниците пишуваат и за загадениот воздух, а во фокусот дојде и увозот на отпад.

Коронавирусот, загадениот воздух, Предлог-законот за Јавно обвинителство, наводната вмешаност на семејството Заеви во производството на марихуана, во купувањето гласови, како што со нова доза информации настапува италијанскиот Ла верита... Овие теми се во фокусот на печатените и на електронските медиуми.

Нова Македонија има најмногу наслови во врска со новиот вирус појавен во Кина: „Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба на глобално ниво бидејќи коронавирусот претставува ризик за повеќе земји. Официјално е потврдено дека смртоносниот вирус е проширен во сите 34 главни региони на Кина, а последниве неколку недели се прошири ушти во најмалку 15 земји“, го пренесува Нова Македонија, покрај другото и Би-би-си. Истиот весник ги пренесува и препораките на Министерството за здравство за заштита од коронавирусот, а порталот на неделникот Фокус објавува дека експертите предупредуваат оти и „покрај преземањето на сите мерки од нашиот акционен план, кој е во согласност со СЗО, тоа не е никаква гаранција дека вирусот нема да се прошири и во Македонија“.

Повеќето печатени медиуми и портали информираат за најавениот протест со седење пред Собранието на Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината на Скопје“ при што, како што велат, „ќе побараат крај на фарсата што партиите деновиве им ја сервираат на граѓаните во врска со Законот за отпад и дека зад патетичните изговори на политичките лидери најверојатно се кријат интересите на олигархијата во државата“.

Нова Македонија и порталот Курир информираат дека „Првата тура опасен отпад од ОХИС пристигна во Базел, Швајцарија“, а Нова Македонија спровела и истражување при што од контакти со поранешни вработени и очевидци новинарите откриле дека „Опасен отпад бил складиран на диви депонии и надвор од кругот на ОХИС“. Истиот весник пишува и дека Царинската управа го подигнала степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи штетни за здравјето на граѓаните и дека се „Извршени вонредни проверки на 11 камиони со отпад од Италија“.

Слободен печат на насловната објавува: „Расправата за Предлог-законот за Јавно обвинителство се враќа кај партиските групи – на ВМРО-ДПМНЕ му пречи и самата помисла на СЈО, изјави министерката за правда, Рената Дескоска, која додаде дека нема да дозволи блокада на процесот за донесување на законот“.

Една од колумните во Слободен печат е насловена: „ВМРО-ДПМНЕ – враќање во иднината“ – па додава: „Затоа што оваа партија или некој во ВМРО-ДПМНЕ сака да го врати времето кога беше на власт, и тоа времето пред ’бомбите‘, уште пред да биде конституирано СЈО, а со државата непречено управуваше Никола Груевски... а со новиот предлог-закон Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО. Ете затоа!“, пишува авторот на колумната во Слободен печат.

Вечер и порталот Плусинфо објавуваат делови од интервјуто на американската амбасадорка, Кејт Мери Брнс за ТВ Сител: „Најавите за ревизија на Преспанскиот договор нè загрижуваат, партиите да се договорат за законот за Јавно обвинителство“. Плусинфо објавува уште една поента: „Брнс: Предметите од СЈО да продолжат да се работат во Основното јавно обвинителство“.

Порталите Република и Курир објавуваат вести за наводно купување изборни гласови на струмичани од страна на братот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, и во продолженија најновиот „настап“ на италијанскиот весник Ла верита со наслов: „Прирачник за криминалите на Заев“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG