Достапни линкови

Зошто Заев упорно го брани Рашковски и не и верува на Русковска?


Премиерот Зоран Заев и поранешниот ген сек Драги Рашковски
Премиерот Зоран Заев и поранешниот ген сек Драги Рашковски

Според премиерот Заев, Рашковски не ја злоупотребил функцијата во случајот со набавката на софтвер и додава дека не му верува на обвинителство, ниту на обвинителката Вилма Русковска за овој и за многу други предмети. Голем проблем е ако премиерот нема доверба во Русковска, вели адвокатот Тортевски.

Премиерот Зоран Заев уште еднаш се стави во одбрана на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е осомничен во случајот со набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Истрагата против Рашковски беше проширенa и за други дела на злоупотреба на функцијата.

Иако за други случаи Заев тврдеше дека властите не смеат да се мешаат во судството и обвинителството, кога се работи за Рашковски тој ја коментира истрагата против него.

Според Заев, Рашковски не ја злоупотребил функцијата и додава дека не му верува на обвинителство, ниту на обвинителката Вилма Русковска за овој и за многу други предмети.

„Тоа не значи дека е виновен Рашковски така? Ќе биде виновен кога тоа ќе се потврди со правосилна судска пресуда. И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на Министерството е дали ќе го користи“, вели Заев во интервју за неделникот „Фокус“.

Во ваква ситуација кога премиерот нема доверба во шефот на одделението за Организиран криминал и корупција тогаш тоа е сериозен проблем за државата, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Тоа прашање мора да се расчисти и во принцип, еден треба да си оди. Во секоја демократска држава тоа е премиерот кој што навлегува во струка. Јас не можам да кажувам како да се лечи ковид, така и Заев не смее да кажува дека Вилма Русковска нема право, бидејќи тоа е надвор од неговите уставни овластувања и надвор од неговите стручни знаења“, вели Тортевски.

Од владината прес служба денеска ја пренесуваат изјавата на премиерот за „Фокус“ и појаснуваат дека тој оценил оти Рашковски не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба.

Заев вели дека не мора да се согласи со обвинителката Русковска и со она што таа го тврди и дека имал спротивни ставови, а како пример ги наведува притворите за Миле Јанакиевски и за Гордана Јанкуловска,.

„Секој што се огрешил од законот, треба да одговара. Но, што е различно со оваа власт? Законот важи за сите и никој не е заштитен или изземен од законот, без оглед дали станува збор за бившиот генерален секретар на Владата, што важи за еден од моите најблиски соработници. Тоа порано не можеше ниту на сон да се замисли“, порачува тој.

Според Тортевски, Заев сака да го заштити Рашковски.

„Нормално ако биле пријатели секако дека го боли и тешко се прифаќа тоа, а можеби има и посериозни причини. Јас сметам дека ова е неверојатен скандал. Меѓутоа толку се редат еден врз друг, што еден веќе веднаш го покрива и поклопува другиот“, додава Тортевски.

Пред три месеци премиерот од Парламентот порача дека политичарите имаат одговорност да охрабруваат доверба во правосудниот систем.

„Дефинитивно мора да знаеме дека политичарите мора да ги тргнат рацете од судството и од обвинителството, таму течат процесите“, рече Заев.

Не е само софтверот за МВР, Владата ѝ исплатила на „Инвока“ околу 400 илјади евра

Рашковски е во притвор, а Владата пред некој ден ги раскина договорите со„Инвока груп“, која го доби тендерот за софтверот.

Дали пред фактите и боговите молчат и доколку победи аргументацијата на Обвинителството и на Судот, како што порачува Заев за неделникот, и покрај тоа што може нема да се согласува со нив, ќе мора да се поклони и да ја испочитува, ќе се знае кога ќе заврши истрагата против Рашковски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG