Помалку пари за мебел и други непродуктивни трошоци, но нема ниту нов клинички центар во Скопје и Штип, парите за пругата кон Бугарија и дел од парите за гасификација исто така се кратат со предлогот за втор ребаланс на буџетот. Институциите се откажува од непродуктивните трошоци и од парите за проекти кои со сигурност нема да се реализираат до крај на годината. Но, сепак, кратењата се минимални, па дупката во државната каса треба да се надополнува со задолжување.
„Пристапот не ни беше дека кратиме едни или други проекти, туку кратиме таму каде што нема реализација до крајот на година. Пристапот беше универзален за сите институции, за целиот буџет“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Капиталните расходи повторно се кратат за 18 милиони евра, откако со ребалансот во мај беа скратени за 69 милиони евра, па сега за капитални инвестиции се предвидуваат вкупно 300 милиони евра. Парите за стоки и услуги сега се кратат за 14 милиони евра, откако во мај беа скратени за скоро 30 милиони евра, па сега се предвидуваат 290 милиони евра.
Но, и покрај кратењата, Владата и дел институциите ќе добијат повеќе пари со ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура. Владата предлага втор ребаланс на буџетот годинава за да може да го реализира четвртиот сет економски мерки за помош на граѓаните и стопанството за справување со последиците од коронавирусот. Првиот ребаланс беше направен во мај, два месеци по почетокот на кризата. Ребалансот тогаш го донесе техничка влада, откако собранието во февруари се распушти за да се одржат избори во април, но тие беа одложени поради пандемијата. Сегашниот предлог ребаланс, пак, мора да го помине филтерот на пратениците, по што доколку биде усвоен ќе следи помошта што ја вети владата. За да се исполнат ветувањата, владата треба да се задолжи оти државната каса е помала за речиси една милијарда евра, односно има разлика од парите што се планираат да се соберат од граѓаните и стопанството како приходи и плановите на државата за расходи.
Државата планира да собере 3,2 милијарди евра, а да потроши 4,1 милијарди евра. Според првичниот буџет, дефицитот беше планиран на 283 милиони евра, со ребалансот во мај буџетската дупка беше проширена на 750 милиони евра, а сега се планира дополнително продлабочување од 170 милиони евра со што дефицитот ќе достигне 920 милиони евра.
Ребалансот ѝ носи повеќе пари на Владата, односно од првичните 200 милиони сега ќе има на располагање 316 милиони евра. На владата со ребалансот ѝ се даваат повеќе пари за администрација, за фонд за иновации и технолошки развој, за поддршка за дистрибуција и печатење на печатени медиуми, за информатичка поддршка на владата, за привлекување на странски директни инвестиции и развој на слободната економска зона, за финансиска поддршка на инвестициите. Повеќе пари ќе има и за мерки за справување со ковид-19. Владата, пак намалува на плати, придонеси и надоместоци, на патни и дневни расходи, материјали и ситен инвентар.
Повеќе пари има и за Министерството за труд и социјала, за животна средина, за МАНУ.
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, постои година и половина и тоа ќе има нешто поголем буџет со ребалансот. Најголем дел од парите ги трошат за плати. Министерството ќе потроши повеќе пари за реформи на јавната администрација и за трансфери. Во документот за ребаланс на буџетот стои дека во министерството се вработени 1429 луѓе Платформата за истражувачко новинарство и анализа (ПИНА) пишуваше дека на платниот список има повеќе од 1400 лица, но дека според информациите што ги добиле, во рамките на Министерството реално работат 44 лица. Во ова Министерство спаѓаат таканаречените рамковни вработени, кои земаат плата, а не се распределени на работи места.
Министерството за здравство што ја предводи битката со ковид-19 со ребалансот ќе има помалку пари, односно им се кратат скоро 11 милиони евра. Се крати од парите за поддршка на социјални фондови, од парите за медицинска опрема за Јавните здравствени установи, се кратат парите за изградба на клиничките центри во Скопје и Штип, се крати од парите за едукација на лекари и медицински персонал. Има повеќе пари за здравствена заштита за превенција, потоа за задолжителни имунизација, за лицата зависници, партиципација за осигурени лица, за обезбедување инсулин. Нема повеќе пари за плати и придонеси, но има повеќе за патни и дневни расходи и за материјали и ситен инвентар. За дупло се намалуваат капиталните расходи во Министерството.
Со ребалансот се намалуваат парите за Претседателот на државата, Собранието, на дел од министерствата, на агенции, државни комисии, инспекторати. Со ребалансот се кратат и парите за пругата до Бугарија и за гасификацијата, зашто и онака не се реализираат.
„Во проектот за железницата Коридор 8 е намалена сумата на средства поради тоа што во првата фаза фирмата-изведувач се повлече од делницата, така што сега ние правиме план за тоа како преку одлука на Влада да продолжиме. Првата и втората делница од источниот крак планираме да влезе како еден заеднички проект и наскоро да распишеме еден нов повик за нов изведувач кој ќе продолжи со градење“, рече министерот за транспорт Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели дека ќе има и помало кратење во делот на изградбата на магистралните гасоводи каде што има застои со инфраструктурните проекти и изместувањето на трасата.
Дел институции остануваат да располагаат со истиот буџет кој им бил определен претходно. Министерството за одбрана има помал буџет, но се зголемуваат парите за интеграција во НАТО. Министерството за образование, и пропратните бироа и инспекторати од областа на образованието имаат помалку пари. Но, повеќе пари има за Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Се кратат парите за изградба и реконструкција на нови школи, спортски сали и ученички и студентски домови.
Се кратат парите и за судската власт, јавното обвинителство и Народниот правобранител.
Владата го прави вториот ребаланс на буџетот за да се овозможи четвртиот пакет економски мерки, кој треба да тежи 470 милиони евра. За да се овозможи тој, државната ќе се задолжи, но дома, а не и на странскиот пазар. Власта планира да се задолжи кај домашни банки и да троши пари од државните депозити.