Одредено ниво на подготвеност или умерена подготвеност е најчестата оценка во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата кон ЕУ во речиси сите области, според документот во кој увид имаше РСЕ. Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан се очекува да биде објавен попладне како и економскиот и инвестициски план за регионот.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред објавувањето на извештајот порача дека очекува ЕУ да го вреднува постигнатото во сите сфери кои се дел од европскиот пат на земјата, пред се во делот на владеење на правото, посветеноста на справувањето со пандемијата и спроведувањето на изборите. Според него, акцент ќе се стави на имплементација на веќе донесените закони.
„Тоа ќе биде нашата политика по однос на спроведување на реформите преку конкретен список на постигнувања кои произлегуваат како резултат на таа нова клима создадена, но и на тие нови закони“, рече Османи.
Во извештајот за политичките критериуми се наведува дека земјата продолжила да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ и продолжиле напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постојните спреги и кочници преку дискусии и дебати за клучните политички и законодавни прашања.
Парламентот ја подобрил својата улога како примарен форум за конструктивен политички дијалог и ги исполнил своите законодавни функции, вклучително и со усвојување на клучни закони поврзани со ЕУ. Но, значителното зголемување на употребата на брзи процедури предизвикува загриженост и треба да биде ограничено. ЕК го поздравува и тоа што опозициските партии останале ангажирани во политичкиот процес и дале поддршка за прашањата од национален интерес како што се реформите за интеграција во ЕУ и членството во НАТО. Се поздравуваат и обидите за зајакнување на меѓуетничките односи и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.
Умерено подготвена е реформата на јавна администрација и постигнат е одреден напредок во подобрувањето на транспарентноста, при што се порачува дека обезбедувањето на почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност останува од суштинско значење. Притоа треба да се обезбеди и постапување по извештаите и препораките на Државната комисија за спречување на корупција.
Добар напредок бил остварен во спроведувањето на стратегијата за реформа на судството. Но, според извештајот, сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план на стратегијата за реформа на судството. По донесување на законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители потребна е и ефективната имплементација на законската рамка како и поголем напори од сите засегнати страни да бидат пример што ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството.
За борбата против корупцијата се наведува дека е распространета во многу области и треба да се обезбеди поактивен пристап од сите чинители кои се занимаваат со спречување и борба против корупцијата. Одреден напредок на оперативно ниво имало во борбата против организираниот криминал, но треба да се стори повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал.
Законската рамка за заштита на основните човекови права во голема мера е во согласност со европските стандарди. Но, новиот законодавен дом треба да го реши јазот по укинување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а исто така е важно за земјата да го зајакне спроведувањето на законот во однос на говорот на омраза и националниот акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција. Се упатува критика што нема независни истражители за вршење на ефикасен надзор врз работата на полицијата кој, според извештајот, ќе овозможи ефикасно справување со феноменот на неказнивост во полицијата. Земјата се порачува и дека треба да преземе итни мерки за понатамошно подобрување на состојбата во затворите и за поддршка на алтернатива на притворите.
Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализмот, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење на отпор за ефикасна борба против дезинформации. Предизвик останува финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите.
Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.
Во однос на економските критериуми, Северна Македонија е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но постигнала ограничен напредок за време на извештајниот период.
„Економскиот раст се забрза во 2019 година како што се зголемија инвестициите, но, од април 2020 година, кризата ковид-19 остави свој белег во економијата и јавните финансии“, се наведува во извештајот.
Што се однесува до способноста на земјата да ги преземе обврските за членство, во текот на наредниот период, потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација. Земјата продолжила, како што се посочува, да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
По објавувањето на извештајот од страна на ЕК, прес-конференција ќе има и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.