Достапни линкови

Мицкоски – За Гоце Делчев и за јазикот нема преговарање


Мицкоски – Власта врши притисок врз активисти на ВМРО-ДПМНЕ
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:28 0:00

Мицкоски – Власта врши притисок врз активисти на ВМРО-ДПМНЕ

За Гоце Делчев и за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право. Гоце Делчев е дел од нашиот национален идентитет. Врз основа на тој лик ние сме создале држава, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мицкоски, каков е вашиот став за бугарскиот Меморандум? Каков е вашиот став ако дојде до тоа, тоа да е услов за напредокот на Македонија кон ЕУ? Треба ли воопшто да се преговара со Софија?

Тоа не е суштинското прашање, суштинското прашање е како дојдовме и ова да биде услов. Нели ги решивме сите отворени прашања со соседите, нели блескаме, нели велевме дека сме за почит, дека се е решено, дека немаме никаков проблем?

Да, но тоа сме го слушнале. Вие велите дека Заев ја доведе земјата во оваа ситуација. Ве прашувам која е вашата позиција како партија?

Заев е виновен по многу работи. Но во овој случај имаше јасно подадена рака од опозицијата и јас тоа го кажав на првата лидерска средба која зборуваме за предвремените парламентарни избори, тоа беше оваа прва средба кај Стево Пендаровски кога требаше да се одржат предвремените избори на 12 април. Средбата некаде беше после она фијаско на октомврискиот самит на Европскиот совет кога не добивме јасно порака за отпочнување преговори и која се уште ја немаме иако е најавувана од пред две години. Уште тогаш реков да дадеме одговор на меморандумот којшто беше производ на Парламентот на нашиот источен сосед. И да дадеме одговор со консензус на сите политички партии, на тој начин ние ќе ја отцртаме нашата заедничка државна позиција и тоа практично ќе биде позиција зад која ќе застанат сите сериозни политички партии коишто имаат свои пратеници во Парламентот. Тогаш од страна на Зоран Заев и Стево Пендаровски бев убедуван дека тој документ кој е изработен во бугарскиот Парламент е документ кој практично служел за локалните избори кај нашиот источен сосед. И денеска, сега повторно гледаме една груба манипулација со јавноста, и тоа јавноста треба да го знае, а тоа е дека решението било дека нашиот источен сосед ќе си го чествува Гоце Делчев како нивен, а ние ќе си го чествуваме Гоце Делчев како наш.

Дали тоа решение е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ?

Сега е така ситуацијата, сега ние го чествуваме Гоце Делчев како Македонец, што и е, како човек што се борел за оваа современа македонска држава, кој што е опеан во нашата химна, којшто претставува дел од нашиот идентитет. Зошто ние преговараме кога и сега е така, а кај нашиот источен сосед си го чествуваат како нивен. Имаат град Гоце Делчев итн. Што е разликата од сегашната реална фактичка ситуација? Зошто сега ние фингираме разговори, ако за ова преговараме? Сега е така. Но, целта не е таква. Погледајте ја само последната изјава на еден европратеник кој доаѓа од редовите на владејачката партија кај нашиот источен сосед и тој ќе ви каже дека не е тоа тоа. Дека според нив ваквиот начин кон приоѓање на ликот и делот на Гоце Делчев преставувало фалшлива југословенска историја, дека требало да се сменат учебниците, дека требало комплетно историјата да се смени, практично ние треба прифаќајќи ги преговорите за ликот и делото на Гоце Делчев како држава да прифатиме дека сме нација која постои од 1945. Има ли поголемо понижување да преговарате и да велите дека нашите предци – мојата баба, мојот дедо, моите прабаба и прадедо кои загинале борејќи се за Македонија, коишто говореле македонски јазик, сето тоа да го поништиме и да го избришеме, затоа што сега некој неспособен политичар го ставил на маса за преговарање.

Што е решението според Вас, Македонија да ги прекине преговорите ако ова е на масата?

Во моментов, ако мене лично ме прашувате како Христијан Мицкоски, ќе ви одговорам дека за Гоце Делчев нема преговарање, за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право. Гоце Делчев е дел од нашата македонска национална химна, тоа е дел од нашиот национален идентитет. Врз основа на тој лик ние сме создале држава.

Два и пол месец по изборите направивте ли анализа каде како партија изгубивте околу 160 илјади гласа во споредба со претходните парламентарни избори и 60 илјади гласа во споредба со претседателските?

Кога се споредуваат две работи треба да се споредуваат во еднакви услови. Не можете да споредувате кога трчате 800 метри и кога имате трка на 100 метри и да речете првите 100 метри на овие 800 метри ги истрчавте за четири секунди побавно, отколку да трчате на 100 метра трка. Треба да ги споредуваме условите во кои ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува. И јас можам да ги споредувам условите кога ВМРО-ДПМНЕ настапувала на парламентарни избори од позиција на опозиција.

Што е разликата ако настапувате од позиција на опозиција или од позиција на власт во однос на добивањето гласови?

Самото тоа што имаме власт што нема политичка длабочина и широчина, ниту мудрост, туку единствениот начин на којшто функционира е притисок, закани, уцени и поткуп ви дава одговор на ова ваше прашање. Не велам дека условите во минатото можеби биле поарни или полоши, но сега ова што се случи на овие талибански избори, ви дадов пример со измените на изборните законик, беше катастрофално.

За изгубените гласови на ВМРО-ДПМНЕ дали имате некаква анализа друга, освен ова, зошто се случи ова? Зошто луѓето не излегоа помасовно, освен притисок, закани и уцени?

Ние направивме и една анкета и теренска и телефонска од сериозни куќи и можам да ви кажам дека на прашањето – Зошто не излеговте на изборите, околу 25 проценти од луѓето велеа дека е поради стравот од ковид пандемијата, а четириесетина проценти рекоа бидејќи имавме здравствени проблеми што повторно може да се стави во групата дека имаат стравување да не случајно ете бидат жртва на ковид-вирусот, што ќе рече 65 проценти од тие што не излегле се изјасниле поради ковид-кризата, а останатите 35 секако и не излегуваат.

Целото интервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски можете да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG