Достапни линкови

Навреди, разочарување и алтернативи за бугарското „не“


Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
Премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

„Европа ќе не моли да влеземе“, „Без уцени во Азиска економска унија“, „И без ЕУ живееме“, „Ваква Европа не ни треба, да си поработиме дома за подобар стандард“, се дел од коментарите на читателите на РСЕ, кои нудат алтернативи на бугарското „не“ за влез во ЕУ.

Чекајќи го вторник, 17 ноември, министерот за надворешни работи Бујар Османи воздржано изјави дека сѐ додека постои уште простор постои и можност да се разговара со Бугарија, но дека одлуката ќе ја донесе Советот на министри на ЕУ утре.

Премиерот Зоран Заев со помалку оптимизам дека е сѐ поизвесно дека Бугарија ќе ја блокира земјава и дека нема да ги почнеме преговорите со Унијата.

Шефицата на бугарската дипломатија, пак, повторува дека ќе има бугарско „не“, ама тоа ќе било за почетокот на преговорите, а не за нашето членство. И, слободни сме да кажеме дека 90 проценти од коментарите на нашата ФБ страница се против Бугарија, покажуваат разочарување во ЕУ и се употребува непримерен јазик и навреди, а некои нудат и алтернативи.

Борис Апостолов ја посочува новоформираната Азиска економска унија со 3 милијарди потрошувачи, како што вели, „без уцени за промена на име, идентитет, јазик, култура, историја!“ А Владо Здравков вели: „Тогаш Европа ќе нѐ моли да влеземе“. Шерко Сејдиноски бара да се прекинат преговорите, а Бурим Зејнеп сугерира: „Возврати со иста мерка, поништете го договорот за добрососедство, покажи дека и ние сме народ кој одлучува самостојно“. Илинче Илина го пофалува Бурим Зејнеп дека напишал „најубав одговор, без навреда на сите, алал нека ти е“. Севда Стаменковиќ постирала: „За она што бараат нема договор, без ЕУ живеевме и ќе живееме“. Сашо Ѓуроски смета дека „... ваква Европа не ни треба... да си поработиме дома за подобар стандард, правна држава, да одиме напред!“ Веројатно поради ситуацијата со корона вирусот, Љубо Обочки порачува: „Само здравје... а Бугарите си останаа Бугари“.

Драге Илиевски со критика по изјавата на министерот Венко Филипче дека „Недостига медицински кадар, но засега нема да се ангажираат пензионираните лекари“, па коментирал, очигледно превидувајќи дека токму медицинските лица се на првата борбена линија: „Ма и тие што ги имате никој ништо не работи. Здравството падна на испит“.

Кратката видео-порака на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упатена до граѓаните:„Останете дома!“ наишла на подбивни и цинични коментари на негова сметка. „Шефе, нели протестираме веќе?“ – се потсмева Марјан Митев, а потпишан со Рустемов Гугуле резигнирано го прашува и директно го обвинува Мицкоски: „Сега кажувате да седат дома, а што го прошија вирусот не кажувате... Вие сте тие што го проширивте вирусот...“ И Велика Бале Василевска во иста конотација: „Завршија протестите? Критикуваше, е, сега ти да ги лечиш, а не Заев и Филипче...“ Со подбивно - иронична порака што алудира на постојаните обвинувања од страна на опозициската партија дека „за сѐ е крива владата“, Александар Даниловски под фотографијата на првите луѓе на Партијата напишал: „Денес се регистрирани три земјотреси, Владата веднаш да си даде оставка“. Сашко Роскичев со три прашалници по текстот: „Сега на протести или дома, реши се???“ Стевче Стојановски го потсетува Мицкоски: „Прво велеше Заев ја измислил короната за да нема избори, потоа беше против карантин и вонредна состојба, потоа бараше вонредна, а преку Чулев дека не треба да се почитуваат мерките, притоа давајќи личен пример преку одење по теретани и ресторани додека членството заедно со забегани попови ги осветуваа улиците и ја бркаа короната...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG