Достапни линкови

Меркел повика на разбирање, на потег се Заев и Борисов


Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020
Македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

По месеци вжештени тонови на релација Скопје-Софија, премиерите Заев и Борисов се видоа во живо во бугарскиот главен град, но на прес конференцијата за Берлинскиот процес не го споменаа билатералниот проблем поради кој Бугарија почна со блокадата на македонскиот евроинтеграциски процес.

Без споменување на проблемот меѓу Скопје и Софија, поради кој источниот сосед минатата недела во европското амбасадорско тело одлучи да ја блокира преговарачката рамка на Македонија со Европската унија, помина заедничката прес конференција на премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов, на која онлајн присуствуваше и германската канцеларка Ангела Меркел. Заев во Софија отпатува за самитот на Берлинскиот процес, со кој копретседаваат Северна Македонија и Бугарија и најави дека таму ќе се види и со бугарскиот колега Борисов.

Од македонската влада велат дека двајцата во Софија немале тет-а-тет средба, туку дека се виделе на пленарните состаноци во рамки на Берлинскиот процес.

Средба Заев - Борисов во Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:20 0:00

Од македонската влада попладнево додаваат и дека успешниот Берлински процес дава позитивен моментум и охрабрување на процесот, а тоа, додаваат од таму, е надополнето со засилениот ангажман на германското претседателство.

„По денешните работни средби во Софија, остануваме посветени на наоѓање на решение. Тоа е важно за Р.С. Македонија и за Бугарија. Тие сакаат да има решение, ние сакаме исто. Работиме заедно како добри соседи на заедничката европска иднина. Ако имаме позитивно решение тоа ќе биде добро за Р.С. Македонија и за Бугарија, за цела Европска унија и за цел балкански регион. Во спротивно ќе имаме споделен неуспех за сите“, брифираат од владата.

Брат и пријател, пак, беа зборовите кои за својот бугарски колега ги употреби македонскиот премиер Заев, но и од двајцата на прес конференцијата на која немаше можност за поставување новинарски прашања, не се слушна ништо за тоа дали има некаков договор меѓу соседните држави.

Во еден дел од своето обраќање германската канцеларка Меркел, чија земја во моментов е претседавач со Европската унија, порача дека тоа што морала да го каже за регионот е дека мора да се согласуваат и дека не треба тоа да го заборават затоа што тоа е многу важно.

„Берлинскиот процес секогаш е поврзан со помирување за недоразбирањата, наследството од минатото и се надеваме дека овој процес ќе продолжи и добар знак е тоа што конференцијата воспоставена во името на Берлинскиот процес веќе овозможи да се сретнат луѓето, земјите членки на Балканот, тие ги вклучуваат учениците и училиштата да ја унапредат соработката во науката, затоа што тоа е најдобар начин да се промовира истражувањето и развојот“, рече Меркел.

Захариева- не може бугарските војници да бидат нарекувани фашисти

Од оваа средба на Заев и Борисов очекувањата беа подигнати по вжештените пораки на релација Скопје-Софија, а и македонскиот премиер прашан за проблемите со Бугарија споменуваше дека би сакал лично да се види со бугарскиот колега. Средбата зависеше и од здравствената состојба на Борисов, кој беше позитивен на коронавирус, а утрото објави дека има негативен тест и ќе го пречека Заев.

Но, утрото пред средбата и дека нема промена во позициите на Софија навести министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева. Таа рече дека нејзината порака до Република Северна Македонија е да не се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Бугарија да си ги затвори очите пред неисполнувањето на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан во 2017 година.

„Бугарија е категорична. Сакаме да видиме во преговарачката рамка дека Договорот за добрососедство се исполнува, дека Република Северна Македонија нема претензии за малцинствата. Повеќе од 15 000 објави веќе има со антибугарска насоченост. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата со омраза. Не можеме да сме сојузници во НАТО, а бугарските војници да бидат нарекувани фашистички окупатори“, рече Захариева.

Инаку, новинарот Kристијан Фердинанд Вершутц, дописник на австрискиот национален државен сервис ОРФ за Украина и Балканот, објави нон пејпер за кој, како што тврди, во Берлин на минатонеделната средба на Захариева со македонските политичари Бујар Османи и Никола Димитров, се согласила Бугарија. Според наведеното во нон пејперот што го објави новинарот, источниот сосед би се согласил на преговарачката рамка и меѓувладината конференција Македонија-ЕУ да се одржи во декември ако Скопје прифати неколку работи.
Меѓу другото, во објавениот нон пејпер, како што пренесе МИА, наведено е дека Северна Македонија официјално ќе декларира пред земјите членки на Европската Унија и институциите дека кусото име на државата, Северна Македонија, се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“, Бугарија ќе го задржи правото преку унилатерална изјава во прилог на преговарачката рамка, да изјави дека кога ќе упатува на македонскиот јазик тоа подразбира македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија, а Северна Македонија, пак, се додава во документот, е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. Во врска со Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, за која официјална Софија има забелешки дека работела бавно, во нон пејперот пишува дека работата ќе биде интензивирана и ќе стане потранспаретна, вклучувајќи и објавување на резултатите кои ги постигнала. Во нон пејперот кој го објави новинарот на австрискиот државен сервис, се наведува дека двете земји ќе ја потврдат својата посветеност кон преземање на ефикасни мерки за спречување на негативна пропаганда од страна на институциите и телата, како и да се обесхрабрат активностите на приватни субјекти со цел поттикнување на насилство, омраза и други слични активности што може да ги нарушат нивните односи.

Минатата недела македонскиот претседател Стево Пендаровски во телевизиско гостување рече дека на состанокот во Берлин на македонските и бугарските политичари со посредство на германските, рече дека во Берлин бил постигнат компромис кој како што кажа подоцна е одбиен од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Бојко Борисов.

Берлинскиот процес- успешна соработка

Работите ќе се знаат најдоцна до 17 ноември, за кога е закажана Советот за општи работи на Европската унија, на кој треба да се донесе конечната одлука за преговарачката рамка за земјава и затоа кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција Северна Македонија-ЕУ.

На денешниот самит на Берлинскиот процес пак и покрај билатералните несогласувања на релација Скопје- Софија, беа договорени заеднички регионален пазар и зелена агенда за прифаќање на еколошките стандарди во пристапувањето кон ЕУ.

„Ќе треба да соработуваме поблиску во остварувањето на поамбициозни цели во кружната економија, одржливото земјоделство и производство на храна, и во биоразновидноста. Европската Унија јасно ја дава својата поддршка за зелена и дигитална транзиција на Западен Балкан. Сето ова треба да доведе до одржлив економски раст и креирање на работни места бидејќи Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда, заедно со Економскиот и инвестициски пакет на ЕУ претставуваат, креираат синергија со силна политичка порака, којашто ќе му помогне на Регионот на својот пат кон пристапување кон ЕУ“, рече Заев како копретседавач на самитот.

Неговиот колега Борисов кој исто така е копретседавач, рече дека земјите од Западен Балкан покажале дека размислуваат и дејствуваат европски.
„Овие 3,3 милијарди евра плус новите девет милијарди евра даваат можност за големи инфраструктурни проекти во регионот на Западен Балкан и она што отсекогаш сме го сонувале, обединување во сите области, како што е дигитална, тра3нспортна и културна“, изјави Борисов.

На пленарната сесија на самитот на Берлинскиот процес онлајн се вкучија и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, претседателот на Франција Емануел Макрон, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, премиерот на Италија Џузепе Конте, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеф Борел, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји и други политичари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG