Достапни линкови

Гаши - Со онлајн седници го прикриваат кревкото мнозинство


Гаши - Владата да каже зошто ги наруши односите со Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:43 0:00

Гаши - Владата да каже зошто ги наруши односите со Бугарија

Двајца-тројца пратеници од мнозинството не доаѓаат никогаш, некои се болни, некои заразени, така што тие сакаат тоа да го прикријат со онлајн седници, вели претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Зборува и за Договорот со Бугарија и ЕУ-интеграцијата.

Гаши, која е вашата позиција во однос на онлајн седниците?

Ние сме против тие онлајн седници. Проблемот е што никогаш не сме чесни во нашите намери. Ние сме свесни и сите граѓани се свесни дека мнозинството е кревко и денеска немаат 62 пратеника за да протуркаат нешто во Собрание. Двајца-тројца пратеници не доаѓаат никогаш, некои се болни, некои се заразени, така што тие сакаат тоа да го прикријат со друга форма, а тоа е онлајн собранието. Да би биле во нормални услови, кога Собранието би било стабилно, можеби во делот на спречување и справување со ковид-кризата нормално би било тоа да се реализира, во тој контекст. Но кога го знаете контекстот и заднината, а знаете дека тоа е прикривање на кревкото мнозинство, вие мора да се справите со тоа и да кажете дека тоа не е нормално.

Но кој е излезот, според вас, во ситуација ако има многу заболени во Собранието? Есенскиот бран е голем, бројките секојдневно се високи, тоа не ги одбегнува пратениците.

Во овој дел севкупно опозицијата се однесува конструктивно. Го изгласавме и ребалансот, власта немаше 61 пратеник, тие немаа кворум ниту да се гласа. И мерките ги гласавме заедно. Ние ја сносиме нашата одговорност, ни не би сакале да поентираме заради кревкото мнозинство. Би сакале Собранието да функционира, но би сакале да се слушне и нашиот глас. Некако овој пристап дека победникот добива сè, а губитникот губи сè, значи само затоа што имате 62 пратеника, не сакате да слушнете воопшто што опозицијата мисли, не саката ниту еден амандман да прифатите, сакате ексклузивност во пристапот на справување со ковид, тоа е погрешен пристап, тој не носи добро ниту за државата, ниту во справувањето со ковид-кризата. Затоа ако имаме појава да ни се заболат многу пратеници ќе треба да се координираме и да најдеме начин како би функионирале.

Кој е тој начин?

Не знам, да видиме колкав би бил бројот. Во однос на ситуацијата која ќе ја имаме ќе седнеме, ќе се координираме и да се договориме. Во никој случај не би сакале ние да бидеме причина Собранието да не функционира.

Господине Гаши, евроинтеграција на земја се уште е неизвесна поради најавите за можна блокада од Бугарија. Политичарите од Софија ги кажаа нивните црвени линии, нивните позиции. Каква е позицијата на Алтернатива? До каде може да се оди и кои треба да бидат црвените линии на македонската страна во контекст на спорот со Бугарија и тоа што тие го бараат?

И во однос на ова прашање имаме голем проблем во однос на пристапот. Имаше вистински проблем и во однос на справувањето во спорот со Грција. На некој начин Македонците или македонските политички претставници целосно го идентификуваат проблемот само со таа етничка заедница. И стана проблем ако некој албански политичари или некоја албанска политичка партија реагира, веднаш се гледаше како дека на Албанците не им е битен идентитетот на Македонците, што е лош пристап.

Сега главните барања на Бугарија и позиции се, според меморандумот, дека Македонците постојат од 1944, исто како и македонскиот јазик. Сметате дека овде треба да се направи некаква отстапка?

Само ако да се навратиме наназад три години, на 1 август 2017 година, ќе се вратиме на изјавите на Борисов и Заев при потпишувањето на Договорот за добрососедство, со колку убави зборови се однесуваа едни кон други. Прашањето треба да им се постави на нив –Што ви се случи на вас за овие три години? Зошто ги нарушивте односите и се враќате на тие тврди позиции од деведесеттите. Некој има тука нешто има згрешено и мислам дека обострано има проблем. Јас не знам точно што се случува, но ако денеска имаме „закана“ дека Бугарија би го попречила интеграцискиот процес на државата, а пред три години сакаше да биде првиот промотор за интеграција на нашата држава во ЕУ. Нешто тука се случило. Треба тие актери да ни објаснат што се случило во меѓувреме. Зошто не е почитуван тој договор? Каде е погрешено? Оваа цена ја плаќаме сите граѓани. Не е ниту фер, ниту чесно, некој на сметка на своите партиски интереси да нарушува вакви процеси кои се однесуваат и на државата и на сите граѓани.

На кого сугерирате со партиски интереси и нарушува процеси?

Па на тие кои ја водат власта.

На СДСМ и ДУИ, или на некој друг?

Да, да.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG