Решение на проблемот меѓу Скопје и Софија е предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу земјава и Европската унија која требаше да се одржи во декември. Ова го потврди германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, по самитот на Берлинскиот процес со кој претседаваа Бугарија и Северна Македонија, а се одржа онлајн поради пандемијата со коронавирусот.
"За земјата да пристапи кон ЕУ мора да имаме преговарачка рамка која треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ. Се надевам дека има решение кога станува збор за билатералниот проблем кој постои меѓу Бугарија и Северна Македонија, но овие прашања може да бидат решени само меѓу двете вклучени земји. Тоа е предуслов за пристапната конференција да се случи и ќе продолжиме да работиме многу силно како што посакуваат страните да дадеме придонес во тоа“, рече Маас чија земја, Германија до крајот на годинава е шестмесечен претседавач со ЕУ.
На онлајн прес конференцијата, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева како забелешка за односот на Скопје кон Софија ги спомена негативните изјави кои ги имало во македонската јавност кон источниот сосед, нагласувајќи дека само во последните месеци имало повеќе од десет илјади негативни публикации со говор на омраза кон Бугарија. Одговарајќи на новинарско прашање дали се спремни како држава да го сносат товарот во случај да ја блокираат Македонија и со тоа да се зајакнат странските влијание во земјава Захариева одговори потврдно.
„Да, ќе ја сносиме нашата одговорност, ние сме навикнати да носиме одговорност, но многу би сакала и колегите во Скопје да ја имаат нивната одговорност и да ја сносат. Бидејќи во моментов имаме германско претседателство и Германија е една од земјите основачи на ЕУ, не се многу такви, треба тоа да го потцртам, кои го поддржуваат проширувањето и посебно за земјите од Западен Балкан мислам дека е шанса која Скопје не треба да ја пропушти“, рече Захариева.
Таа нагласи дека еден месец се обидуваат да водат интензивни преговори со Скопје и дека таа повеќе слушала што не треба да се направи отколку што ќе се направи, па додаде дека Советот на ЕУ бил одложен за една недела, период кој земјава требала да го искористи.
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, пак, рече дека тие се свесни за потребата од консензус во Европската унија но дека веруваат оти преговарачкиот процес за зачленување не е чисто бирократски, туку процес што се води од фундаменталните принципи на Европската унија, а тие принципи се за заедничката иднина, а не за минатото.
„Правата кои произлегуваат од правото на самоопределување се суверени права на државите и не се прашања што се регулираат во билатералните односи бидејќи државите сами одлучуваат како ќе го уредат внатрешното уредување и кои ќе бидат нивните идентитетски атрибути, или поточно, граѓаните, живите луѓе, ги искажуваат своите идентитетски атрибути“, рече Османи.
Софија веќе извесно време инсистира да се решат некои прашања меѓу двете земји за да го дозволи македонскиот евроинтеграциски пат, а Захариева изрази чудење зошто се сметало дека тие нивни барања се нови кога биле познати одамна. Тие бараат Скопје да ги признае како што ги нарекуваат историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет. Официјалните позиции на источниот сосед за ова прашање се наведени и во нивниот објаснувачки меморандум кој летово го испратија до земјите членки на ЕУ, а во кој меѓу другото наведуваат дека македонската нација не постола до 1944 година, а дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.
Последниов месец, пак, работни групи од министерствата за надворешни работи на двете земји бараат решение на прашањата, а Софија минатата недела одлучи на состанокот на постојаните амбасадори на земјите членки на Унијата да ја блокира преговарачката рамка за Македонија затоа што во неа не се содржани бугарските барања, што македонскиот премиер Зоран Заев го оцени како прва блокада од Бугарија.
Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, на кој требаше да се донесе конечната одлука дали првата меѓувладина конференција Северна Македонија-ЕУ ќе се одржи во декември, место неделава, е одложен за следната, на 17 ноември, со што се дава дополните време за наоѓање решение меѓу двете соседни земји.