Нема да се откажеме од овој процес до последен миг, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за приближувањето на ставовите со Бугарија за интеграцијата на Македонија во ЕУ.
Тој денеска на прес-конференција не откри кои иницијативи се прават или ќе се прават наредните три дена, за да се приближат ставовите. Османи вели дека МНР создало канали за комуникација за бугарската страна, но дека сепак одлуките ги носи државниот врв, Владата заедно со другите чинители. Министерот вели дека постигнале напредок со бугарската страна по 7-8 прашања, што биле сензитивни за едната или за другата страна.
„Решението за надминување на разликите е во враќање на довербата во Договорот за добрососедство“, вели министерот Османи.
Министерот вели дека треба да се остави да се види дали во овие три дена ќе се најде заеднички јазик, но оценува дека никој не може да очекува оти во три дена ќе се надминат разликите што траат со децении меѓу двете држави.
Османи рече дека не може да предвиди што ќе бидат одлуките на Советот за општи работи во вторник. На 17 ноември Советот треба да ја разгледува преговарачката рамка за пристапување на Скопје и Тирана во ЕУ.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак, рече дека Владата има избори или да постигне решение со кое ќе се заштитат македонските интереси, по што тој би им честитал на властите, а во спротивно вели на Владата ќе и се случи народ насекаде во државата.
„Овие неколку дена се многу значајни со разговорите со нашиот источниот сосед, а нам искуството со оваа влада ни вели дека мора да се биде претпазливи. Апелирам Владата на Заев како свој прв приоритет нека ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение не по цена на самоодрекување и бришење, решение кое ќе биде гарантор на нашиот идентитет, јазик и посебност и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Тој очекува во декември да се случи првата меѓувладина конференција со ЕУ, оти, како што вели, Европа им го должи тоа на македонските граѓани.
СДСМ - Мицкоски е против националните и државни интереси
Владејачката партија преку соопштение, пак, го напаѓа Мицкоски дека е антизападен и антинароден политичар кој сака да ја врати државата назад во изолација и режим. СДСМ преку соопштение вели дека Мицкоски е против националните и државни интереси.
„Народ веќе му се случи на очајниот Христијан Мицкоски, граѓаните веќе трипати ги поразија неговите антидржавни политики“, стои во соопштението на СДСМ.
Бугарската Влада вчера на вонредна седница го утврди ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ, соопшти владината прес-служба. Но во соопштението не се наведуваат детали за утврдената позиција.
„Бугарија е меѓу најсилните застапници на процесот на проширување на Европската унија. Нашата земја ја крена темата високо на агендата на ЕУ за време на нејзиното претседателство со Европскиот совет во 2018 година. Европската перспектива е најсилната мотивација за транзиција кон демократско владеење и пазарна економија на Западен Балкан“, се вели во кусото соопштение од владиниот состанок.
Бугарија на последниот состанок на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември се спротивстави на усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Софија го извести Брисел дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори и придружната нацрт-декларацијата со образложение дека не ги даваат потребните гаранции за исполнување на поставените бугарски услови. Бугарија има забелешки за неспроведување на Договорот за добрососедство, за историски прашања, но и за македонскиот јазик и идентитет.
Бугарскиот претседател Румен Радев бара во преговарачката рамка на ЕУ да има посебно поглавје за Македонија, со сите критериуми за добрососедство. Според него, Бугарија пред сè мора да ги брани својата историја, јазик и идентитет.
„Бидејќи Договорот за добрососедство не води кон нив, имаме право да бараме други средства. Бугарија не е кандидат за членство, туку Република Северна Македонија. Таа мора самата да одлучи дали ќе продолжи со идеологиите на омраза од минатото или ќе започне демократски развој“, изјави Радев за БНТ.