Господине Бислимоски, планирате ли некакви мерки за да се спречат големите фирми, кои набавуваат струја на слободниот пазар, да се вратат на регулираниот пазар и да користат од поевтината струја наменета за граѓаните и малите фирми?
Работиме на воведување блоковска структура кај малите потрошувачи. Тие имаат помала потрошувачка и се разбира ќе има блок, со цел да се избегнат ваквите ситуации, којшто ќе има екстремно висока цена, дури можеби повисока од пазарната за на големите потрошувачи да не им се исплати да се враќаат од слободниот на регулираниот пазар. Сепак, на регулираниот пазар приоритет е да се обезбедат потребите на домаќинствата по разумни цени и исто така овие мали потрошувачи, тоа се мали бизниси, микробизниси, на коишто реално им треба поевтина електрична енергија од таа што е на слободниот пазар.
Во оваа ситуација фризер што вади плата и фирма што врти десетици милиони евра плаќаат струја по иста цена.
Со воведувањето на блоковите, ќе видиме колку блока, но секако ќе има еден блок со екстремно висока цена со цел малите дуќанчиња, фризерниците, берберниците, колонијалите да си го добијат тоа што го заслужуваат, пониска цена, бидејќи и тие се соочуваат со зголемени трошоци на сè, а овие големи компании, коишто беа излезени на слободниот пазар на електрична енергија и реално имаа сериозно намалување на нивните трошоци за електрична енергија во изминатите три години. Доколку сакаат да се вратат на регулиран пазар на овој начин како што го прават, нема проблем, ќе се вратат, но ќе плаќаат цена којашто ќе биде нешто повисока и од пазарната и верувам дека на тој начин овој тренд ќе престане и дека нема да имаме многу итарпејовци да измислуваат разни начини како да се враќаат назад од слободниот на регулираниот пазар.
Ќе поскапи ли струјата за граѓаните од Нова година?
Јас сум противник да има поскапување на електричната енергија. Прво треба да направиме анализи, да видиме како се обезбедуваат потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата на регулираниот пазар и како е планот догодина да бидат обезбедени. Кога имаше потреба да се зголеми цената на електричната енергија поради надворешни влијание, пред сè поради зголемена цена на увоз и реално ЕСМ пред две години имаше цена од 34 евра за мегаватчас, што е една неодржлива ситуација. Регулаторната комисија за енергетика ја зголемуваше цената на електричната енергија, не сме бегале од одговорност, но сега треба малку да застанеме, да направиме анализи што се случило во 2022, што е планот за 2023, а потоа да се носат соодветни одлуки. Она што е особено битно сега е да го видиме влијанието на воведувањето на блоковската структура кај домаќинствата. Верувам дека голем број домаќинства инвестираа и во енергетска ефикасност и во начини на греење коешто се обезбедува со помала потрошувачка на електрична енергија и таа намалена потрошувачка ќе му обезбеди и на ЕСМ, како компанија којашто целосно ги обезбедува потребите да има вишоци на електрична енергија коишто ќе ги продава на слободниот пазар по повисоки цени. Па така, доколку остварувал минуси на регулираниот пазар, со тоа што би го продавал на слободниот пазар би си ги покрил тие минуси. Затоа велам, треба да се направат анализи, да ја нагазиме топката малку и да видиме каде ќе тераме. Ако се преземе обврска дека ќе се обезбеди од домашно производство, вклучувајќи и ТЕЦ Неготино, да се обезбеди од домашно производство.
Плаќаат ли граѓаните за кражбите на струја во Македонија?
Не плаќаат и никогаш не плаќале. Во своите одлуки, кога ги носи Регулаторната комисија за енергетика, тие се такви да не се признава трошок за ненаплата. ЕВН Хоум треба да наплати 100 проценти од тоа што е испорачано кај самите потрошувачи. Сето тоа што не е фактурирано и сите тие кражби одат на товар на операторот на дистрибутивниот систем.
Како одат на товар на операторот? Загубите во мрежа се околу 13-14 проценти.
Загубите во мрежа се 13,8 проценти. Регулаторната комисија за енергетика во 2022 година признава загуби од 12,4 проценти, во 2023 ќе признаваме загуби од 12,2 проценти и таа разлика до реалните загуби не ги признаваме во нашите одлуки и е на товар на операторот на дистрибутивниот систем.
Хипотетички, ако оправданата загуба, под оправдана подразбираме загревање на кабли, загуби при трансформација, е 10 проценти, а вие признавате 12,4 проценти, хипотетички дали е тогаш можно тие 2,4 проценти да се кражби коишто ние ги плаќаме?
Има студија изработена од Електротехничкиот факултет и некаде, во зависност од периодот на годината, загубите на електрична енергија во нашата дистрибутивна мрежа се меѓу 11,5 и 13,5 проценти. Тоа се технички загуби заради структура на мрежа.
Целото интервју со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.